• Немате производи во кошничката.

Ги имаме сите можности да бидеме присутни на светскиот пазар



РАЗГОВОР СО: Светлана [Света] Богова Јовановска, Милан Атанасов и Кристина Илиевска, првиот тим на овогодинешниот 22. Fashion Weekend Skopje. // Разговара: Дејан Џолев.

Моден Викенд Скопје претставува платформа за промоција, интеграција и развој на македонската модна култура. Модниот Викенд е единствен настан од овој тип во Скопје којшто двапати годишно ги собира на едно место: веќе етаблираните и младите и перспективни модни брендови и дизајнери, образовни институции, фотографи, модни агенции, новинари, купувачи, конзументи како и останатите професионалци кои допринесуваат за модата, за да ја презентираат својата работа, разменат идеи и да ја зајакнат модната сцена. 



Можеби вашето искуство е поинакво, но за жал мојата вербална комуникација со луѓето кои ме опкружуваат во професионалното секојдневие е на елементарно ниво, всушност, разговорите се онолку-колку да се разбереме во рамките на работните активности.
Па така и оваа недела, во којашто секојдневно бевме во контакт со првата екипа на Моден викенд Скопје [додека работевме на официјалниот фотоедиторијал на FWSK и пар други активности] постојано и постојано ја одложувавме дискусијата за овој разговор на Скала, од едноставна причина „тука сме, ќе поразговараме“, но тоа „тука сме“ најчесто навистина знае да биде „многу далеку“. 
На крајот успеав да соберам неколку важни информации и импресии од дружењето со Светлана [Света] Богова Јовановска, Милан Атанасов и Кристина Илиевска. Прекрасен тим, привилегија за дружба.


__________
__________


Светлана Богова Јовановска – Света, е организаторката на „Моден викенд Скопје“ и сопственичка на модната агенција „Подиум“. На Света се сеќавам уште од првиот моден викенд. Се запознавме уште тогаш во случајни околности, иако она сигурно нема да се сети од денешна перспектива, освен ако не ѝ остави мојата панкерска чекта толку силен впечаток… Се сомневам : ) Веднаш бев воодушевен од пристапот, програмата и професионалноста на настанот. Модниот викенд постави нови стандарди генерално во организација на настани од било каков тип, затоа лично сметам дека Света не само што постави платформа за промоција и одржување на македонската мода, таа без намера постави и ретко дофатливи стандарди за организирање на јавен настан. 

Сите мои пофалби и епитети за нејзината упорност и квалитет би биле веќе стопати повторени, затоа подобро да го започнеме овој разговор.





ЏОЛЕВ: Модниот викенд, изминатите десет години се одржуваше на многу скопски локации, оваа пролет, поради веќе познатите причини, модниот викенд се реализираше преку дигиталните платформи, но оваа есен се охрабривте за поинаков пристап којшто е за поздравување, пред сè поради социјалниот контекст, којшто ќе овозможи комуникација помеѓу дизајнерите и публиката…
СВЕТА: Соочени со предизвиците и неизвесноста што ги наметна новонастанатата ситуација, нашиот тим сепак одлучи да се одржи Моден Викенд Скопје, највеќе како поддршка за нашите домашни дизајнери, кои посветено и со голем елан работеа на своите колекции, наспроти потешкотиите што не го оставија имун целиот свет.
За таа цел целосно го изменивме концептот, па наместо класичен ревиски пристап, лансиравме дигитална промоција на нивните дела. Учесниците добија можност за алтернативна презентација и поразличен вид на комуникација со публика, на задоволство од обете страни. 
И сосема (не)очекувано ја предвидовме иднината на далеку поголемите модни настани и случувања во светски рамки. Денес модните куќи и брендови се борат да создадат иста возбуда преку дигиталните шоуа како и за физичките. 
Од друга страна, сега кога целиот моден свет е дигитализиран, ние одлучивме да организираме целосно нов пристап кон раскажувањето приказни во рамки на дваесет и втората сезона
.

FWSK и ONLYAFEW најавуваат реномирани дизајнери, како и нови иновативни таленти од нашата земја и странство, што ќе се претстават во рамките на тридневниот шоурум „Свесна Мода“ од 1 до 3 октомври во Јавна Соба. Поканата е отворена за сите љубители на убавиот и квалитетен дизајн, кои ќе имаат уникатна можност да се запознаат со нив, да ги погледнат изложeните креации во живо, како и на лице место да си одберат единствени парчиња по најповолни цени.



ЏОЛЕВ: Долго време си активна на модната сцена во Скопје, но и генерално во европските метрополи… Колку сме далеку или близу светските трендови и тенденци?
СВЕТА: Повеќе од една деценија, нашиот настан има квалитетна постава на креативци, како и говорници и панели на високо ниво со некои од водечките гласови во модната индустрија.
Верувам дека кога сте мали, паметни и креативни, може да ѝ помогнете на индустријата да биде подобро опремена и полесно прилагодлива на промените. Ги имаме сите можности да бидеме присутни на домашниот, европскиот, па дури и светскиот пазар. Сè зависи од дизајнерските желби и амбиции да го достигнат тоа.


__________
__________


Првиот состанок со првиот тим на овогодинешната есенска сезона го закажавме пред десетина дена во нашите простории. На мое пријатно изненадување се појави и Кристина Илиевска [KLVSK] која ја познавав од социјалните платформи како девојка која постојано е присутна на многу планетарни [и вонпланетарни] : ) модни настани.
Таа е дел од консалтинг агенцијата за одржлива мода „ONLYAFEW“ со седиште во Берлин, каде што заедно со нејзината партнерка Dorothee Sarah Spehar, организираат модни евенти од различен тип. Изминатите 9 години е во постојан четириаголник помеѓу Париз, Токио, Лондон и Скопје. Кристина е МБА алумни на London College of Fashion.



ЏОЛЕВ: Како се случи соработката помеѓу FWSK и ONLYAFEW?
KLVSK: Првиот проект со FWSK всушност се случи за United Fashion showroom во април 2018 како шоурум менаџер. Од февруари 2020 сум во Скопје и ја започнав ONLYAFEW, всушност оваа година Conscious Fashion Pop up е втора наша соработка, склучивме договор за партнерство помеѓу мојата агенција ONLYAFEW и FWSK.

ЏОЛЕВ: Што всушност е ONLYAFEW?
KLVSK: ONLYAFEW се роди во многу интересен момент. Период во којшто поради пандемијата, на некој начин, светот беше ставен во изолација и моментално мирување.
Тргнувајќи од новонастанатата ситуација, во којашто беа и делумно сè уште се затечени и голем број уметници кои се занимаваат со креативни индустрии, неминовна беше потребата за адаптација и изнаоѓање нови креативни форми и начини како да се продолжи делувањето во таа сфера. Поддршката, соработката, несебичното споделување идеи и професионални искуства помеѓу креативци од најразлични професии, несомнено, секогаш резултира со почеток на нешто ново и иновативно. „ONLYAFEW“ настана токму на овој начин кога заедно со мојата партнерка, Dorothee Sarah Spehar, ги собравме нашите најсилни страни и ја основавме „ONLYAFEW” – консалтинг агенција за одржлива мода. Dorothee е фокусирана на консалтинг на одржаност, организирање и преориентирање на брендови, додека јас се фокусирам на креативна поддршка, градење на брендот и бизнис стратегија. Во изминатиов период, интензивно работевме и заедно успеавме да организираме редица настани и директни средби за вмрежување помеѓу брендови и организации коишто се занимаваат со изложување, промоција и продажба, склучивме партнерски соработки со саеми, изложбени салони, концептуални продавници, модни недели и online-шопови.

ЏОЛЕВ: Што сè е наведено во твоето модно „педигре“?
KLVSK: Формалното образование го стекнав на Универзитетот Paris Nanterre, за Бизнис и Executive MBА на London College of Fashion – водечка образовна институција од областа на одржлива мода и моментално е рангирана на второто место во листата на модните универзитети на светско ниво.
Професионалната кариера ја започнав во Токио, еден од водечките и најбрзо растечките модни центри во светот. Во тој период започнаа и моите први професионални ангажмани работејќи на модните недели во Токио и Шангај, а во исто време, главен фокус ми беше Париската модна недела. Тригодишниот престој во Токио, практичното искуство со коешто се здобив, позитивните вибрации и контактите што ги остварив работејќи на овие настани беа само поттик повеќе да продолжам професионално да се надградувам и реализирам во оваа сфера.
Од крајот на 2018, живеам повторно во Европа и моментално сум фокусирана на модните недели во Париз, Лондон и Милано.


Списокот учесници на ‘CONSCIOUS FASHION POP UP SHOWROOM’ го сочинуваат низа еминентни и перспективни дизајнери и брендови од земјата и странство, како Irina Tosheva, Evgenija Zafirovska, Terziya, Stefanija Naseska, Para Todos, Minnimal MK, Kotev Ksenija, Seddum, Tessuti Art by Ana Jakim, Meleem, Senka, Lipa, Saksija Urban Pots, Siidess Furniture… Експонатите ќе може да се купат со големи попусти на принципот ‘See now – Buy now’. Моден Викенд Скопје ја продолжува плодната соработка со Школата за уметност и дизајн „Џолев и уметностите“ чиишто студенти низ изложба на своите изработки ќе ви докажат дека на македонската мода и дизајн им се насмевнува светла иднина. 




Милан Атанасов е координаторот за односи со јавност на FWSK. Зад себе, една деценија е активен новинар во повеќе медиуми. Има дипломирано новинарство и односи со јавност, а магистрирано психологија. Неизбежно беше да го прашам како дојде до врската и соработката со FWSK.

МИЛАН: Може слободно да го цитирам Коелјо: „Ако нешто доволно силно посакуваш, целиот Универзум кова заговор за да ти помогне да го оствариш тоа.“ Со години бев редовен гостин на настанот и неретко се замислував дека ќе го работам она што го правам денес. Лани, по новогодишните празници добив сосема неочекуван повик, дали би сакал да станам дел од тимот. (звучи филмски, зар не?). По доаѓање на функцијата ПР, главна цел ми беше визуелно да го трансформирам FWSK на социјалните мрежи, како содржински, така и со нова естетика. Воспоставив соработка со млади фотографи и уметници. Смислував кампањи со коишто ќе станеме поблиски до јавноста. И најважно – применувам исклучиво методи на позитивна афирмација во комуникацијата со дизајнерите, соработниците и колегите новинари. 


ЏОЛЕВ: Претпоставувам е повеќе од задоволство да се комуницира со толку многу креативци од сцената…
МИЛАН: Нескромно, себеси можам да се наречам миленик на мнозинството дизајнери, како домашни, така и странски со кои останувам во пријателски односи настрана професионалната соработка. Со тек на време станав и продуцент на повеќе проекти во склоп на FWSK. Особено сум горд на кампањата ‘Time to Shine’ којашто е заеднички авторски проект со режисерот Крис Шемко. Сумарно, двегодишното искуство во FWSK ми го промени од корен животот. 


ЏОЛЕВ: A што правиш кога си надвор од активностите на FWSK, дали наоѓаш време за работи што не ги познаваме?
МИЛАН: Приватно сум огромен вљубеник во патувањата и на нив ги трошам сите пари. (смеа)
Пасија ми е фотографијата, сликарството и нормално, модата како начин на самоизразување. Ги обожавам филмовите на Вонг Кар Ваи и Ксавие Долан, слушам руска, француска, алтернативна и класична музика, омилен автор ми е Харуки Мураками. Најчесто се облекувам во црно од глава до пети, но имам смелост да се појавам и во нешто скроз откачено. Слабост и најголема љубов ми се животните. Поборник сум за нивните права и од дете вдомувам миленици. Зависник сум од цигари и кока-кола. Меѓу театар и кино – секогаш театар.


___

22. Моден Викенд Скопје од 1 до 3 октомври во Јавна Соба, се гледаме другари и другарки, дизајнери и дизајнерки.

___
Фотографија: Антонио Станков

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ