• Немате производи во кошничката.

ОДРЖЛИВА МОДА, ПРЕДИЗВИК ИЛИ РЕАЛНОСТ


Одржливост (според речникот Оксфорд) значи зачувување на еколошката рамнотежа без притоа да се исцрпуваат природните ресурси. Облеката којашто е направена од одржливи материјали, во производни капацитети коишто ги следат одржливите процеси, притоа земајќи ги предвид социјалните и економските аспекти на вработените кои се вклучени во производниот циклус започнувајќи од влакно па сè до краен производ, се нарекува одржлива облека. Доколку до неодамна беше исклучително важно да се знае каде и како облеката е направена, сега како никогаш порано е уште поважно да се одговори на прашањето зошто истата се прави. На пазарот, презаситен од облека и бројни модни брендови, најголемиот предизвик е да се биде различен и да се понуди уникатен производ. Одржливоста, дефинитивно е аспект којшто прави еден бренд да биде различен во морето од брендови коишто, со цел брза заработувачка, практикуваат неодржлив, а често и неетички начин на производство.

Што значи одржлив бренд и како да се направи одржлив производ?

Парчето облека може да се етикетира како „одржлива” на многу начини. Постојат многу параметри коишто треба да се исполнат за облеката да добие стандард на одржлива облека. Вистина е дека не можеме да направиме 100% одржлива облека, но наместо да се обидуваме да направиме 100% одржлива облека, можеме барем да се обидеме да ги подобриме условите на производство и да го подигнеме нивото на одржливост на истата.

Облеката е одржлива доколку е направена од органски ткаенини (органски памук, бамбус, коноп, јута) без употреба на хемикалии, штетни по чoвековото здравје и животната средина. Но, доколку облеката од 100% органски памук е направена во фабрика каде што трудот на работникот е недоволно платен и каде што постои здравствена и безбедносна опасност по животот на работниците, целата идеја за одржлива облека паѓа во вода. Дополнително, облеката направена без примена на било каква мокра обработка како боење, избелување, перење или печатење, при што најчесто се користат голем број на хемикалии, се смета за поодржлива. Решение за ова би било примена на рачни техники на боење, печатење и постигнување на ефекти на ткаенината преку употреба на природни супстанции коишто не се штетни за околината, а притоа се користат минимални ресурси на вода и енергија.

Облеката е одржлива доколку е направена од рециклирани материјали. Тоа се отпадни материјали коишто се репроцесирани во ткаенина искористена за производство на нов производ. Во поново време, исто така попопуларни се иницијативите на „Up-cycled”, „Repaired” или облека направена од „Deadstock” материјали. Тоа значи дека за создавање на парче облека се користат веќе постоечки материјали или облека којашто е трансформирана во нов производ со продолжен век на употреба. @marineserre_official успешно ги применува овие техники во своите колекции, а во иднина овој тип на производи ќе бидат се поприсутни и во колекциите на останатите познати светски брендови. Ова може да послужи како добра бизнис идеја за прилагодување на производните капацитети кон потребите за создавање на „Up-cycled” производи.



3D или „fully fashion” технологијата на плетење е еден од најодржливите начини за производство на облека поради тоа што производот се прави директно од преѓа, на компјутеризирани машини без создавање отпадок. Со овој начин на производство се избегнува цел еден процес на создавање на материјал и кроење на истиот, а со тоа се заштедува на време и ресурси. Големиот потенцијал на овој начин на производство со примена на технологија којашто има огромни иновативни можности, беше главна причина и јас да се заинтересирам за оваа област и да создадам модна марка @arthropoda.official којашто се фокусира токму на 3D-fully fashion производи.

Постојат низа други техники што дизајнерите ги практикуваат со цел да направат поодржлив производ. „Zero waste” е начин на искројување на материјалот без притоа да се создава отпадок. „Hand made” најчесто се однесува на рачно исткаен материјал или рачно исплетен производ којшто е поодржлив токму поради тоа што не се користи енергија и останати ресурси за производство на истиот.
Со цел да се избегне прекумерно производсво и чување непотребен сток, голем број на брендови следат иницијативи како „tailor-made”, „custom-made” или „pre-order” што всушност значи дека облеката ќе биде произведена само по нарачка на клиентот и според неговите барања, што го прави таквиот производ да биде посебен и да има поголема вредност.
Целата ситуација со корона пандемијата поттикна многу брендови да започнат со примена на 3Д-технологијата коjашто самa по себе е одржлив начин на создавање на облека од дизајн до продажба, но за ова повеќе може да прочитате во една од моите претходни статии за СКАЛА.

Во последно време, гледам дека и на македонската модна сцена постојат дизајнери ентузијасти кои во рамките на можностите употребуваат одржливи техники во својата работа. @evgenijazafirovskadesign користи рачно ткаени материјали, @zanov.official применува техники на кроење без отпадоци, @ludus.agenderlabel применува рачно боење на материјали, @tessuti_art користи исклучиво органски материјали со сертифицирано потекло, а @volatile.af за првпат во Македонија презентира 3Д-дизајниран производ на виртуелно модно шоу. Се надевам дека ваквите напори на дизајнерите ќе бидат препознаени и поддржани како од потрошувачите, така и од институциите.

На крај, би сакал да споделам еден совет до сите оние кои сакаат да го направат поодржлив својот начин на живот и да придонесат кон заштита на животната средина. Пред да го купите следното парче на облека, запрашајте се дали навистина ви е потребно? Доколку „да”, дали можеби можете да искористите нешто што веќе го имате во својот гардеробер и да го редизајнирате на нов начин? Доколку „не” тогаш обидете се добро да се информирате што купувате и вложете во квалитетно парче направено на одржлив начин. Уживајте во купувањето!

Тодор е модниот дописник од Амстердам! Неговите месечни колумни преовладуваат со критички дискурс кон модниот бизнис (во Македонија). Задолжителна литература за сите студенти, модни дизајнери, модни претприемачи, сопственици на модни студија и конфекции.Тој е Доктор од областа на моден дизајн и инженеринг (Shanghai Donghua University). Работи како сениор координатор за обезбедување квалитет на Tommy Hilfiger и Calvin Klein во модната куќа PVH Corp. Основач на FDNM, платформа за претставување на внимателно избрани модни дизајнери и независни македонски брендови со рефинирана естетика.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ