• Немате производи во кошничката.
TOP

22. Моден Викенд Скопје со македонски дизајнери и странски


Синоќа беше свечено отворена новата сезона на најкултното модно случување во градот. Пред многубројните новинари, јавни личности и љубители на убавиот дизајн во Јавна Соба, своите колекции ги прикажаа како познати имиња од домашната сцена, така и млади таленти за кои допрва ќе се слушне.


Дваесет и второто издание на настанот претставува заедничка соработка меѓу тимот на Моден Викенд Скопје и тандемот од агенцијата ONLYAFEW, со една и единствена цел – да им пружи максимална поддршка на креативните дејци во моментот, со внимателна селекција на учесници кои следат еколошки, занаетчиски и етички пристап во работата, позитивно влијаејќи на свеста на заедницата.

Во рамки на тридневниот поп-ап шоурум „Свесна Мода“, публиката сè уште има единствена прилика да го посети изложбено-продажниот салон во Јавна Соба и си купи уникатни креации на големи попусти од петнаесетмината македонски дизајнери и странски брендови, чиишто колеции се достапни по максимално поволни цени.

На програмата се и арт инсталација од Цветна Фабрика и MG Art, изложба на студентите од академијата за моден дизајн при школата Џолев и Уметностите, едукативно предавање од Модна Револуција, музички перформанс на Јон Бела и гурмански веге задоволства. Петок (02.10) и сабота (03.10) влезот е слободен и за сите заинтересирани посетители од 10 до 22 часот.

Очекувајќи ги сите изненадувања што ни претстојат овие два дена, екслузивно ви го презентираме едиторијалот изработен непосредно пред настанот во копродукција со магазинот Скала. Заштитно лице е прекрасната Дрита Абдиу од агенцијата Подиум, а деби пред објективот има и младиот Кристијан Вржалковски. Автор на фотографиите е Антонио Станков под креативна палка на Дејан Џолев. Кристина Илиевска ги склопи комбинациите со микс на облека и аксесоари од понудата на шоурмот.



Занесната шминка е дело на визажистата Милена Косиќ од школата за убавина АРТ, користејќи производи oд богатата палета на Farmasi, додека за фризурата е заслужно студиото Cool Cut. За здрава и негувана кожа на нашата убавица, највеќе придонесе француската медицинска козметика URIAGE.

Сите мултимедијални содржини од фото и видео сесијата ќе се објавуваат тековно и онлајн на социјалните мрежи Инстаграм и Фесјбук. Дигитален партнер на дваесет и втората сезона на Моден Викенд Скопје е телекомуникацискиот оператор А1.

Официјален пијалак е Jack Daniels, едно од најпопуларните и најпочитуваните вискија во светот. На забавите неижбено ќе се наздравува и со сортните вина на Vizba Valandovo Winery, по некоја чашка ракија од дестилеријата Антика, или, пак, руската премиум вотка Beluga. За хидратација и освежување со стил, полн погодок е водата Пелистерка.

Доколку бевте во недоумица со што да се подновите оваа есен, можеби баш овде и сега ќе го пронајдете вашиот фаворит. За уште повеќе оригинални парчиња, не заборавајте да го посетите шоурумот деновиве. Направете добар избор со трајна вредност.


Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ