• Немате производи во кошничката.

ЧАША ПОЛУПРАЗНА – ЧАША ПОЛУПОЛНА



Не многу одамна, една моја драга личност ми го кажа следново: „Секогаш постојат две страни во животот, две теории и две гледишта. Или ќе го гледаш животот како чаша полупразна или како полуполна. Твој е изборот!”.

И да, мој е изборот.
Твој е изборот.
Наш е изборот.

Наш е изборот, дали ќе гледаме црно или бело?!
Наш е изборот, дали ќе се препуштиме на реалноста или ќе се обидеме некако да ја смениме, обликуваме?!
Наш е изборот, дали постојано ке ја полниме таа полупразна чаша или ќе ја допиеме старата и ќе се препуштиме на убавините на следната полна?!



Би сакала да верувам дека преку создавање нови колекции, преку давање малку живост, боја, форми и енергија во овој малку „чуден” период, заедно со моите колеги – модни дизајнери, спаѓаме во таа, втората категорија.

Категорија на група оптимисти, кои не се предаваат и веруваме во тоа дека конечно имаме „празна страна за испишување на нови почетоци”.

Категорија на луѓе кои веруваат во сопствените раце и ткаат нови модни приказни коишто ќе останат како меморија за едно можеби не толку весело минато, но како минато коешто треба да се памети и разбере.

Категорија на луѓе, понесени од потребата за креативно будење, наспроти социјалното моментално „заспивање”.

Категорија на креативни бунтовници кои веруваат дека можат да ја обликуваат сегашноста на свој креативен и посебен начин, ослободени од стегите и нормите на светскиот моден систем.

Кога размислувам на оваа тема, секогаш се навраќам на периодот помеѓу двете светски војни, каде што ја замислувам Коко Шанел како води интересен дијалог самата со себе и се обидува моменталната ситуација, својот начин на облекување и својата храброст да ги спои, да создаде женска колекција од машки материјал, притоа не надевајќи се дека со тоа ќе го направи еден од најголемите пресврти што се случиле во модата.

Слободата на движење, леснотијата на материјалот (жерсе), достапноста на ваков тип на облека направена од таков материјал (којашто „благодарение” на Пол Поаре претходно не постоела воопшто), станале неопходност како и потреба на сите жени кои морале да ги заменат дел од машките улоги во општеството, да одат на работа и да се грижат за семејството, додека мажите биле во војна.

Или пак Армани, кој за време на кризата во доцните 70-ти години, со неговите радикално неструктурирани колекции – пред сè сакоа, им понудил на мажите и жените нов идентитет со што ги отфрлил ригидните професионални поделби и им овозможил да се претстават себеси на еден поинаков начин (обидете се да се сетите на Ричард Гир во „Американски жиголо“ или пак на Дајен Китон на доделувањето на Оскарите во 1978!). Сакоата добиле нова линија, ослободени од „тогашните културни, социјални и модни стеги” и направиле своја „Армани – револуција”.

И да, секоја декада си испишува своја приказна.

Се радувам дека и покрај сè, заедно со моите драги колеги, веруваме дека утрото ќе биде подобро, дека ќе успееме да пратиме позитивна порака, дека светот не застанува тука, дека креативноста и добрите идеи ќе го издржат секој тест што го носи времето и ќе продолжат да бидат најмоќен извор на непресушни креативни дијалози.

Можеби светот нема да нè памети како Коко Шанел или Армани, но доволно е ние самите да паметиме дека некогаш и некаде сме живееле, твореле и сонувале низ голем историски настан со чаша полуполна и со сон, вреден за остварување.


_____
Претходен напис: КРЕАТИВНОСТ И ВРЕМЕ – Јована Филиповиќ
Фото: Антонио Станков
Асс. на фото: Мартина Салова Чешновар


Креативен директор и моден дизајнер за сопствениот бренд Jovana Filipovic. По завршување на нејзините мастер студиите во Италија под менторство на Linda Loppa, професионално е ангажирана на релација помеѓу Апенинскиот и Пиринејскиот полуостров, но неуморно 8 години активно придонесува и на модната сцена на нашиот полуостров.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ