• Немате производи во кошничката.

Мода на диверзитет и инклузивност

Сè започна кога Луј XIV (1643-1715) за првпат ја измисли модата како форма на припадност кон ексклузивна група на луѓе од високите општествени слоеви кои уживаат посебни права и привилегии. Со цел да направи светот да се врти околу него, Кралот Сонце постави цел сет од норми и правила коишто припадниците на високите слоеви мораат да ги следат доколку сакаат да бидат дел од општествената елита. Основите коишто беа поставени тогаш, се, всушност, во голема мера, истите по кои модата функционира денес. Беа воведени модните сезони, дрес-код за соодветни прилики и модни публикации коишто диктираат што е „ин”, а што „аут”.


Ова укажува на фактот дека модата, како таква, била поставена на темелите на ексклузивитет и достапна само за одбрана група на луѓе кои се „ин” според модните правила и токму поради тоа, сè до неодамна беше тешко да се размислува за поголема вклученост на остатокот од популацијата.


Како социјално битие, човекот тежнее да се прилагодува со цел да се вклопи во одредена социјална група. Така и во модните кругови, луѓето од одредени слоеви, тежнеат да се вклопат во елитата, прилагодувајќи се на поставените правила на игра.


Тоа овозможи во текот на 300 години од појавата на модата, истата да се промени до обликот во којшто постои денес. Покрај видливите промени, сепак сè уште постојат проблемите на расна, полова, старосна и друг вид дискриминација, што го покренува прашањето: зошто е толку тешко да се надминат истите?  


Можеби причината е што, историски, човечкиот мозок е трениран да ги расудува работите во крајности или биполарно. Нештата се црни или бели, стари или млади, дебели или слаби, машки или женски. Дискриминацијата е дури уште поголема доколку некоја личност поседува повеќе општествено неприфатливи карактеристики. Замислете како се справува жена мигрант, со темна боја на кожата во одминати години при барање на работа во исклучително дискриминирачко општество?! Надминувањето на овие проблеми би се постигнало доколку луѓето научат да сфатат дека помеѓу двете крајности постои цел спектар на индивидуи со различности од иста вредност.


„Различност, диверзитет (diversity) е разбирање дека секоја индивидуа е посебна, препознавање на индивидуалните различности како предности“.


Различност, диверзитет (diversity) е разбирање дека секоја индивидуа е посебна, препознавање на индивидуалните различности како предности. Различноста може да потекнува од етничка припадност, пол, старост, облик на телото, сексуална ориентација, религија, социо-економски статус, политичко убедување, физички и психички способности, животни одлуки и слично.
Вклученост, инклузивност (inclusivity) значи дека сите луѓе, без разлика на различностите, треба да имаат право да бидат вреднувани и почитувани како рамноправни членови на заедницата.


Како што е истакнато во „Insider/Outsider: Inclusion & Diversity in the American Fashion Industry, 2019“,  ако различноста е конец, вклученоста е игла со која лидерите треба да ја провлечат различноста во сите сфери на модната организација. 


Според „Diversity report“, на thefashionspot.com, 2018 беше наречена година на диверзитет токму поради зголемениот број на модели од различни раси, постари од 50 години, трансексуални или модели со облини кои беа вклучени во различни модни случувања или кампањи.
Дека модата станува сè поинклузивна, покажуваат примерите на iris.apfel, winnieharlow, ashleygraham за кои годините, обликот на телото и бојата на кожата не се проблем да се најдат на насловните страници на најпознатите модни списанија или пак да бидат амбасадори на најголемите модни брендови.
Некои брендови служат како извонреден пример за својата конкуренција со своите колекции наменети за луѓе со посебни потреби. Tommy Hilfiger, веќе неколку сезони по ред, ја претставува својата „Adaptive” колекција, а нешто слично направи и Nike креирајќи колекција за спортисти со посебни потреби.




Она што е навистина популарно во последно време, особено во јуни- месецот на LGBTQ+ гордоста, е промовирање на специјална колекција наменета за оваа група луѓе и сите нивни поддржувачи. И додека некаде сè уште се дебатира дали оваа појава е прифатлива или не, големите модни брендови, а и голем број останати компании, веќе на големо го поддржуваат ова движење и активно учествуваат во борбата против дискриминација. Овде само се поставува прашањето дали некои брендови навистина се вклучени во борбата за човекови права или само го користат моментот на популарноста на LGBTQ+ движењето за зголемување на сопствениот профит? Calvin Klein, веќе неколку сезони, успешно ја застапува оваа популација преку своите колекции, особено популарни за време на парадите на гордоста низ целиот свет.




Во последно време, покрај четирите модни центри: Њујорк, Лондон, Париз и Милано, фокусот сè повеќе е насочен кон алтернативните модни дестинации како Сеул, Токио и Шангај, коишто се извор на инспирација и нови модни таленти. Пазарите на Далечниот и Блискиот Исток се, исто така, особено интересни за големите модни компании коишто подготвуваат агресивни стратегии за освојување на овие пазари со огромен потенцијал. За да нивната стратегија вроди со плод, потребно е истите да ги прилагодат своите производи и кампањи на специфичните култури, сфакања и начин на живот. Токму поради тоа, може да забележиме дека сè повеќе брендови промовираат колекции наменети исклучиво за кинеската Нова година или Рамазан во арапските земји. Nike е една од првите спортски компании којашто креираше „хиџаб”-колекција за жените од муслиманска вероисповед.




Афричкиот континент и култура е, исто така, во фокусот на големите модни компании, не само како следна дестинација за масовно производство, туку и како извор на инспирација. Последните политички случувања во врска со #blacklivesmetter дополнително ја зголемија поддршката на модните бизниси и креативци од афро-американско потекло. Пример за тоа е kennethize, кој ја освои наградата на LVMH, но, покрај него, личностите како naomi, kanyew.est и virgilabloh  имаат, исто така, значително влијание во светот на светската мода.


Со речиси ист интензитет, модната јавност е, исто така, заинтересирана и за посткомунист, бруталистичката естетика на дизајнерите и стилисти од Русија и останатите земји од Источниот Блок, од кои, со својата работа, особено се издвојуваат lottavolkova, gosharubchinskiy и gvasaliaga.


Ова може да послужи како добра идеја за да локалните дизајнери се свртат кон сопствената култура и традиција како извор на творечка инспирација и да го покажат тоа на модерен и иновативен начин, затоа што модната јавност е во постојана потрага по нови таленти, без разлика на потеклото. Недалеку во нашето соседство, случајно наидов на neodesign.neo и ana_ljubinkovic, кои, успешно и на нов начин, ја промовираат традиционалната естетика на својата земја.




„Инклузивноста и диверзитетот се неминовна потреба за успехот на секоја модна компанија којашто сериозно претендира да се наметне на глобалниот пазар“.


Од сето ова, може да се изведе единствен заклучок: инклузивноста и диверзитетот се неминовна потреба за успехот на секоја модна компанија којашто сериозно претендира да се наметне на глобалниот пазар. Дека вложување во ваквите вредности, само дополнително ќе го загарантира успехот на секоја компанија, покажува и истражувањето на McKinsey & Co., Diversity Matters, според кое, компаниите со поголема етничка и полова различност бележат до 35% поголем профит, а оние пак каде што не постои инклузивност, продуктивноста е намалена до 30%. 



______
Дали прочитавте: ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА НА МОДНАТА ИНДУСТРИЈА Е НЕИЗБЕЖНА РЕАЛНОСТ – Тодор Стојанов

Тодор е модниот дописник од Амстердам! Неговите месечни колумни преовладуваат со критички дискурс кон модниот бизнис (во Македонија). Задолжителна литература за сите студенти, модни дизајнери, модни претприемачи, сопственици на модни студија и конфекции.Тој е Доктор од областа на моден дизајн и инженеринг (Shanghai Donghua University). Работи како сениор координатор за обезбедување квалитет на Tommy Hilfiger и Calvin Klein во модната куќа PVH Corp. Основач на FDNM, платформа за претставување на внимателно избрани модни дизајнери и независни македонски брендови со рефинирана естетика.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ