• Немате производи во кошничката.
TOP

НЕПРИЈАТЕЛИТЕ ЧЕКААТ ДА СЕ УМОРИШ


РАЗГОВОР СО: ФИЛИП ЈОВАНОВСКИ [ВИЗУЕЛЕН УМЕТНИК И КУЛТУРЕН РАБОТНИК]


2008

Денот кога го запознав Филип Јовановски, всушност се запознав со суштината на поимот „уметност“ којшто е во постојано менување, но ми беа потребни неколку години да го разберам тоа. 

Во тоа време, јас бев конфликтен студент, а Филип асистент на мојот омилен предмет. 

Многу мe фасцинираше тоа што му се допаѓаше моето дело, дигиталната графика „Патлиџанот на Валтер Гропиус“, ми рече: „Генијално!“.  Баш штета што рече така. Не е баш добро да пофалиш вообразен студент, затоа што ќе го користи во секоја прилика да биде „паметен“. 

Но и јас еднаш нему, на некои од часовите, му реков: „Генијално!“, споревме околу споменикот на Филип II во Битола, а тој ми рече: „Подобро ќе беше да направат споменик на Val Kilmer“ – актерот кој го играше Филип II во филмот „Александар“ на Оливер Стоун. 

Генијално!

2020

Се сретнавме со Филип во дворот на зградата „железничка“ на ул. Борка Талески. Тој донесе ладно пиво, јас жешка тетратка. 

Почнав многу едноставно и очекувано, за:  


АКТО 15

____ 
АКТО е фестивал на современи уметности којшто се обидува да ги отвори не само темите што се важни за моменталната социјално- политичка и уметничка реалност, туку и да стимулира формати на продукција коишто ќе ја „размрдаат“ состојбата на status quo. 


ЏОЛЕВ: АКТО 15!
ЈОВАНОВСКИ: Годинава е 15 години АKTO, а 19-то издание, затоа што неколку години го правевме во повеќе градови. Годинава, поради сите рестрикции со вирусот Ковид, некако нè натераа да измислиме други формати. 
Стигнавме до идејата да интервенираме во јавен простор преку изведба на мурали повикувајќи се на неколку линии. Една од побитните за мене е да „останеме“ во уметничкото поле, да користиме уметност за да разговараме за општествени проблеми, да не биде чист активизам, туку да биде уметничка форма. Стигнавме до идејата да се отвориме кон седум града, седум локални заедници, седум проблематики. Работа со локални заедници, тоа е една од мисиисте на ФРУ~У/АКТО, значи ние не одиме да им попуваме што е уметност на локалците, туку заеднички да учиме и продуцираме, одиме да ги споделиме знаењата во една поширока општествена пракса. 



____
Годината кога го запознав Филип (2008), едно пладне, нè собра неколку студенти во „Точка“ и не брифираше: „Ајде да правиме постер за АКТО 3“.  Неколку дена подоцна, му презентиравме куп глупави идеи.

ЏОЛЕВ: АКТО започна во Битола (2006 год.), но денес, дисперзираните активности на фестивалот се очекувани и важни. Годинава АКТО потсетува на вредностите за коишто, сите овие изминати години, се бори и ги промовира, оваа година со акцент на солидарноста. Ти го отвори неформално фестивалот со статус на ФБ, без прес-конференции, без коктели, туку со „Песна за солидарноста“ од Бертол Брехт. 


„Црни, бели, калеши, жолти, 
заборавете на старите кавги. 
Штом муабет почнете со луѓето здружни, 
набрзо сите ќе бидеме сложни”


ЏОЛЕВ: Тоа беше и написот на првиот насликан мурал во Битола, којшто не издржа една ноќ и муралот веќе го сведочи токму тоа за коешто се стреми да го промени. Говорот на омраза што беше испишан врз муралот за мене лично е „посакувана интервенција“, што е во функција на делото. Дали е во прилог? 
ЈОВАНОВСКИ: Во прилог е! Особено на цитатот од песната на Брехт во којашто зборува за солидарноста, а овој вика (мислејќи на вандализмот) не бе каква солидарност, нека умрат различните! Тоа е првиот насликан мурал на фасадата на киното „Партизан“ во Битола, која е ретка институција во државата што обработува општествено ангажирани теми.
Денес си пишавме со авторите на муралот, они викаат остајте го, оти ќе го препишат, а може и да го доуништат, нека биде сведок на едно општество во кое сè уште има поделеност и ксенофобија. Од друга страна, јас сум во дилема, ми пречи тој говор на омраза. Таму посакуваат смрт на одредени заедници.
ЏОЛЕВ: Слично се сложи и проф. Вилиќ кој на отворена ФБ-дискусија предложи…
ВИЛИЌ: Никако не го прекривајте графитот. Еден предлог: доспреирајте (во некоја рамка или сл.) еден датум кога е направен муралот и уште еден кога е допишан графитот! И така за секоја следна интервенција. Започнете ја историјата на еден уметнички обид во едно поделено општество. А, башка, што така ќе ја неутрализирате пораката од графитот и, особено, намерата на графитерот/ите“.
ЏОЛЕВ: Одличен е предлогот на проф. Вилиќ!
ЈОВАНОВСКИ: Нели, да се види дека и општеството е поделено?!

____
Автори на муралите се: Јана Јакимовска, Миле Ничевски, Ненад Тонкин, Ристо Аврамовски, Филип Јовановски, Владимир Милиќ и Давор Кешкец и се реализираат во седум градови, во соработка со „Гласен текстилец“ -Штип; „БОШ Фестивал“ -Гевгелија; „Културно ехо“ -Скопје; Центар за современи ликовни уметности „ЦСЛУ“ -Прилеп и „Јавен Простор“ -Прилеп; Народен театар Битола; Дом на култура - Ченто; Општина Гази Баба; Општина Велес, Општина Кочани и Дом на култура „Бели Мугри“ -Кочани.

ЏОЛЕВ: Од што сè се состои процесот за изработка на еден мурал?
ЈОВАНОВСКИ: Од јануари го работиме како процес, значи неколку месеци, додека сликарите околу две недели само продукција. Она што мене ми е многу интересно е комуникацијата со јавните институции и свесноста за правење уметност во јавен простор. 
Некогаш имало јасна стратегија за односот кон уметноста во јавен простор, која скулптура каде да се постави во градот и сè уште се воодушевуваме на модернистичките уметнички дела поставени низ градот. Но денес немаат стратегија, системот чкрипи. Важно ни е да се има јасен однос кон културата и јавниот интерес.
Пример, со градоначалникот на Велес имавме феноменално искуство! Пишав меил на општината, од нигде никаде, сабајлето ми се јавува градоначалникот лично на телефон, вели: „Заинтересирани сме“! Го поминуваат предлогот за изработка на мурал на Совет на град Велес како идеја, и така го добивме влезниот бетонски ѕид на град Велес. Потоа формираа комисија од локални уметници, кои го гласаа уметничкото решение. Така што и таа борба ни е многу битна, транспаретна борба за уметноста во јавниот простор.

_____
Организаторите информираат дека покрај муралите, годинешната програма на јубилејното, 15-то издание на АКТО, ќе вклучува и други содржини коишто ќе се објават дополнително.


СОВРЕМЕНАТА УМЕТНОСТ И ОБРАЗОВАНИЕТО 

____ 
Филип Јовановски е визуелен уметник и културен работник. Неговиот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“, што ја претставуваше Северна Македонија на Прашкото квадриенале за перформанс, дизајн и простор во 2019 година, ја доби престижната награда „Златна Трига“. Тој е еден од авторите на македонскиот павилјон насловен „Ослободување на просторот“, претставен на Венециското биенале за архитектура во 2018 година. Од 2007 година, тој е уметнички директор на АКТО-фестивалот и учествува во раководењето на организацијата за уметност и култура „Факултет за работи што не се учат (ФР~У)“.


ЏОЛЕВ: Што е уметност? Или подобро, што треба да претставува денес современата уметност?
ЈОВАНОВСКИ: Современата уметност треба да се занимава со формирање, обликување на општеството, неделива е од општеството, не може да биде изолирана од контекстот политички-социјален, треба да се замимава со родови теми, со човекови права, со проблеми на контекстот на општеството. Не може да се оддели, според мене, не би требало!




ЏОЛЕВ: За мене лично, олицетворение на млади уметници на локалната сцена сте вие – ти, екипата околу тебе, вас…
ЈОВАНОВСКИ: Лошо е тоа… !
ЏОЛЕВ: Каде се младите уметници? Ајде, ќе си земам за право да го обвинам образованието! Дали се потребни промени?
ЈОВАНОВСКИ: Потребни се академии што ќе се занимаваат со современи практики. Проблемот е во тоа што сè уште се учи само за медиум, а помалце за контекст – како да се направи графика, слика, драма, филм…, а не како со тој медиум да се реагира во контекстот.  Но, можеби проблемот е и во системот на продукција на вон-институционална уметност,  АКТО да има ресурси и да те ангажира тебе како режисер на АКТО, туку единствена можност ти е да работиш во институција. Има голем расцеп помеѓу иституционалниот и вонинституционалниот сектор. Ова се сериозни проблеми со коишто треба да се занимава културната политика. 
Најдоброто образование е неформалното образование. Сè уште верувам дека уметност не се учи на факултет. Мора да имаш личен интерес, љубопитност за да се стекнеш со знаење. Мора да работиш и да „гњавиш“, да те инртересира. Уметноста е вишок на знаење, иако мораш да имаш база на медиум и алатки. Бавењето со уметност не смее да биде хоби.
Има една мисла на Станиславски: „Да ја најдеш уметноста во себе, а не себе во уметноста“!
Иако не сметам дека нема „мисла“ на нашата сцена што неможе да се покаже во светот, на пример, лани ние добивме „Златна Трига“, наши колеги две номинации за „Оскар“, тоа не е наивно, тоа се светски награди. Прашање е на културна политика, особено во визуелната уметност дали некој ќе сака тоа сериозно да го подржи во континуитет, а ние никако да не се потценуваме!




ЏОЛЕВ: Од каде толку театарско влијание во твоите размисли? (помислив на Брехт и Станиславски).
ЈОВАНОВСКИ: Професионално, првпат почнав да работам во театар како сценограф во 2003/4тагодина, и цело време го црпам тоа театарско знаење. Театарот обединува многу дисциплини и е многу комплексен. Сè она што сум го правел како активизам во јавен простор е под влијание од театарот, перформативност, АКТО е тоа, интервенција во јавен простор, провокации…

ЏОЛЕВ: Колку боли да се бавиш со уметност?
ЈОВАНОВСКИ: Колку си спремен да се разочаруваш? Пред извесен период по покана од блогот на прашкото квадрианале, пишував за искуството со проектот „Оваа зграда зборува (на)вистина“, пишував теза на тема „Разочарувањето како естетска постапка“. Сакав да го објаснам целиот процес од идеја до продукција и сите потешкоотии што ги имавме во проектот кој во еден момент беше на граница да се откаже од учество, а сепак на крајот ја добивме главната награда. И на таа тенка линија на можното и неможното се случува уметноста, ако се случи. 
Тоа е за мене многу битна работа, ако сакаш да се бавиш со уметност, треба да си спремен да се разочаруваш, тоа треба да биде во опис на работно место на еден автор : )
Мора да се скршиш неколкупати како уметник. Да сфатиш што е возможно, а што не, а тоа мораш да го пробаш сам, тоа никаде не се учи. Треба да си подготвен да се разочараш. Да направиш изложба и да ти е глупа изложбата. Да направиш филм и да ти нема смисла филмот. Како што кажа Кјубрик: „Ако сакаш да направиш филм – напрај го!“ или како што еден друг професор кажуваше: „Ако сакаш нешто да научиш да го предаваш – предавај го!“. Едноставно е. Потребна е само посветеност.


ЏОЛЕВ: Нели си уморен Филип?
ЈОВАНОВСКИ: Уморен сум. Многу сум уморен. Но морам да продолжам, затоа што непријателите чекаат да се умориш (повторно Брехт).
Сè што е потребно: посветеност, страст…, еднаш ѝ пишав на Марина Абрамович, нормално не ми одговори, но нема врска…
ЏОЛЕВ: И јас му пишав пред скоро на Рубен Ослунд!
ЈОВАНОВСКИ: И?
ЏОЛЕВ: И ми одговори!!
ЈОВАНОВСКИ: Што? Што му пиша, што ти одговори?

____  
Со Филип кратко споделив, на Скала можеби наскоро : )  

Пиво повеќе немавме, а и мојата тетратка стнуваше сè помлака, а умот жежок. Се договоривме да се сретнеме утре повторно на исто место, со цел да ја направиме фотографијата за потребите на насловната од овој разговор:  „Ќе се качиме горе во киното на зградата“, зборуваше со толку многу страст за зградата... Никогаш не сум видел човек кој толку многу сака некоја зграда. Наградениот проект „Оваа зграда зборува (на)вистина“ од прашкото квадрианале, којшто е куриран од Ивана Васева и во изведба на актерката Кристина Леловац, е токму за оваа зграда. Зграда што раскажува приказна за солидарноста, функционалноста, за единството на заедницата. Всушност, оваа зграда (ова архитектонско-урбанистичко решение) е олицетворение на сè што посакува и за сè што се бори Филип изминатите години. 

Филип, ти благодарам, имам голема причина за тоа!


_______
Фотографија: Антонио Станков
Асс. на фотографија: Мартина Салова Чешновар
Дир. на фотографија: Дејан Џолев
Референца: Жан-Лук Годар

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ