• Немате производи во кошничката.
Petrula-Veljanovska-Skala-Magazine

ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [4] // Петрула Вељановска

Овој месец, секој работен ден, во 16 продолженија го претставуваме нашиот прв фељтон на тема „Нова публика и нови медиуми“. 

На 15ти декември 2022, Скала магазин ја прошири својата цел на делување, преку отворена јавна расправа. Фокусот беше кон медиумите, новите форми на информирање, трансформативноста на медиумите, генерациските пресеци и промени...

Вкупно 15 новинари, културни работници и универзитетски професори ги споделија своите ставови и размислувања. Настанот беше исполнет со разговори, дилеми, потпрашања, кафе, чоколадни колачиња, хумор и квалитетна дискусија која ја модерираше Ана Голејшка Џикова.


Ана Голејшка Џикова: Во однос на ова коешто го зборуваме за потребата младите (волонтери или публика) да бидат вклучени во процесите и тие трансфери на медиумите, „Македокс“ пак, прави тотално поинаков начин на градење на таа публика. По села! Ќе го спомнам „Македокс“ во концептот на „Патувачко кино“, каде што младите „кромитчиња“-волонтери го носат киното од Моноспитово до Магарево, со поинаква демографија на публиката, а тоа се претежно постари луѓе.

Кој е феноменот, каква е појавата на млади луѓе на фестивал во процес и од друга страна, стари луѓе (стара публика) кои гледаат премиера на „Медена земја“?


Петрула Вељановска [Македокс]: Мислам дека основата како да привлечеш млада публика е токму она на коешто вие сте го посветиле вашево списание, libertѐ. Треба да им се даде слобода на младите, во случајов на фестивалот, секако во некои определени рамки, за да тие си најдат свој начин на креативно изразување во целата таа работа и организација, чувствувајќи го фестивалот како свој. На тој начин и ние како „Македокс“ добивме млада публика, затоа што сè тоа почна како фестивал на отворено, каде што тие имаа можност да се дружат, но секако и основни обврски коишто треба да ги направат преку ден или навечер додека траат проекциите. Мислам дека тоа најмногу ги привлече и сега кога одиме по европски фестивали, нашите европски колеги се чудат како младите ги интересира толку многу документарниот филм како жанр кај нас, што е нетипично, нешто што најчесто младите го сметаат за здодевно  според нив, а и најголем дел од публиката на европските фестивали е постара. Ние имавме моменти кога имавме и преку 50 млади волонтери, што е тешка работа за контролирање и менаџирање 😊, понекогаш потешко од организацијата на самиот фестивал (се смее). Ни поставуваат триста прашања низ процесот на организација, па некако одлучивме дека оптимална бројка е околу 30 волонтери. Подоцна, им дававме малку посериозни задачи, покрај работните обврски, на пример: да изгледаат одреден број на филмови коишто обработуваат теми блиски за нив и интересно е дека сè повеќе го прифаќаат тоа, го сакаат, па дури и сами прашуваат. По одреден период, им требаше продлабочување на работата, затоа што секоја година некои од нив остануваат да работат и на наредниот фестивал. И на тој начин, тие самите почнаа да ни прават пиар, кај нас функционираше тој глас на младите. Потоа се создаде и таа потреба за документарната школа „Докуникулци“, каде што можат да видат практично како се снима документарен филм.

Преку оваа можност, добија уште поголема љубов да работат директно на процесот на создавање филм, што за нив е вистински момент во работата. Сето ова одеше постапно и органски и така се зголемуваше таа млада публика, па почнаа да доаѓаат со нас и на „Патувачкото кино“, па заедно со нив и да организираме проекции на креативни документарни филмови во алтернативни простори… Мислам дека за нив е важно да бидат и физички активни, па така смислувавме и многу работи од тој тип  – на пример, правевме еко акции, како еднаш во Радожда, кога собиравме стара хартија и потоа направивме корица за каталогот на фестивалот од рециклираната хартија и од старите каталози што ни стоеја по канцеларии 😊. Децата се интересираат за тој начин на работа, тие сакаат да бидат дел од процесот и го пренесуваат тоа понатаму – тоа беше клучниот момент за „Македокс“. Медиумите секогаш се на наша страна и сите сме со сите во корелација. Дефинитивно читаат помалку, тоа можам да кажам, но слушаат. За луѓе што не читаат,  а и кои послабо гледаат :), како мене на пример, поткастот како формат е многу поедноставен медиум и мислам дека тука лежи иднината на новите медиуми.



СКАЛА МАГАЗИН бр.2
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА

Учествуваа: Сребра Ѓорѓијевска [Умно.мк]; Тони Димков [Слободен печат]; Бојан Шашевски [Радио МОФ]; Русе Арсов [МКЦ]; Бранка Костиќ Марковиќ [Астрорум]; Сунчица Уневска [Филм+]; Небојша Вилиќ [УКИМ]; Крсто Златков [ИДТ - Скопје]; Славчо Темелковски [УСС УКИМ]; Петрула Вељановска [Македокс]; Слаѓана Вујошевиќ [ФДУ]; Александар Маџаровски [јутјуб: Читачот]; Сара + Мартин Анастасовски [подкаст: Културен подкаст]; Дејан Џолев [Скала.мк].


СЛЕДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [5] // Слаѓана Вујошевиќ

ПРЕТХОДНО: ФЕЉТОН: Нова публика и нови медиуми [3] // Русе Арсов


Концепт на фотографија: Rêve à Deux [Дејан Џолев + Антонио Станков]
Фотографија: Дејан Џолев, Антонио Станков, Стефани Караџовска

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ