• Немате производи во кошничката.
TOP

IN VINO VERITAS?


НЕОБЈАВЕНИ МОНОЛОЗИ КОИ БИЛЕ ДЕЛ ОД ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЦЕС НА ТЕАТАРСКИОТ ПЕРФОРМАНС „АКТЕР-ЧОВЕК“ ОД РЕЖИСЕРКАТА ТЕА БЕГОВСКА.


Јас и чашата со вино вечерва ќе се дружиме. Гледам во отсјајот на чашата и ми се враќа директно во глава. Гледам во чашата и одеднаш ми станува пријател, почнувам да ѝ зборувам. Ѝ зборувам различни работи, во суштина глупости, демек битно ми е. Битно ми е да се искажам на некој. Испивам една голтка и на јазикот чувствувам милион вкусови, а најмногу ми горчи, ми горчи зашто не можам да се поднесам. Не можам да го поднесам чувството коешто ме носи во оваа бесмислена дискусија со чашата. Ми станува одвратна и чашата и виното. Ја сакам. Не знам како да објаснам, ја сакам. Просто ја сакам. Ок, врати се на чашата, врати се на виното. Гледај сега таму во чашата и ќути, не се занесувај – Ја сакам, ја сакам. Гледај таму во чашата, пиј си го виното и толку. Доста! Го пијам виното на екс, си ставам уште вино. И се задлабочив во звукот од ставањето на виното во чашата. Звук, обичен, прост како кога ќе кажеш: „Те сакам“. Онака безвезе и глупо ќе го изустиш – „Те сакам“. Те сакам бе. Абе те сакам. Еј, ај забега пак со муабетот, гледај си сега таму во чашата и престани. Почна да ме чеша челото, си направив црвенило од чешање. Мислам дека сум алергичен на вино, ама не е битно, ќе го пијам, го пијам! Се чешам и полудувам и ми доаѓа бокс да си мавнам колку ме чеша, ама не е битно, пијам и ќе продолжам да пијам. Мислам дека нешто тропна, мислам дека слушнав како некој ми тропа на вратата.



Станав, ја отворив вратата – нема никој. Проверив неколку пати. Неколку пати го слушнав истиот звук, неколку пати ја отворив вратата, дремев во ходник како глуп чекајќи да се појави тој кој ми тропа на вратата и нема никој и така неколку пати и неколку пати – отвори врата, дреми во ходник, затвори врата, седни на креветот. Стани, отвори врата, дреми, стани, седни, дреми и така неколку пати. Ја сакам бе, добро бе, ја сакам, како да објаснам? У пизду материну и виното и вратата и глупите звуци што ме тераат да мислам дека некој доаѓа, дека некој ми дреме пред врата! Станав отидов во тоалетот, си ставив парфем. Така, онака, да се осеќам убаво. Си прснав два пати, си прснав и во око. Нема врска, веднаш го измив окото и сè беше ок со окото, мислам, можеше и да не биде ок, ама еве ок сум. Ок сум, сам сум и ок сум. Не! Не сум сам, со чашата сум, со виното сум, со вратата, со тропањето и со оној што ми стои пред врата, а не го гледам. Утре ќе ѝ се јавам. Да бе, утре ќе ѝ се јавам. Ќе ѝ кажам дека си прснав парфем во око не сакајќи и дека сега не можам да гледам. Онака, глуп муабет ќе ѝ направам, за парфемот, за окото и како си прснав парфем во око, така како виц ќе ѝ го раскажам, демек смешно е кога некој ќе си прсне парфем во око. И ќе се смееме по телефон и она ќе се насмее, ќе се смее, ќе пукне од смешка. За парфемот, за моето око и како можев да ослепам, да не гледам! Да! Ќе умре од смеење. Смешно е. Смешно ќе ѝ биде. Да! Тоа ќе го направам, ќе ѝ се јавам и тоа ќе ѝ го раскажам. И ако најдам некој момент, ќе влезам со муабетот дека ја сакам. Ептен ќе биде супер. Прво ќе ѝ кажам шала, па ќе ѝ кажам дека ја сакам. Така ќе направам. Така, најубаво така. Ем ќе се насмее, ем ќе ѝ дојде убаво, ем ќе се збуни, ем ќе ми затвори слушалка. И така сè ќе биде супер. Ќе бидам супер, супер ќе бидам. Колку чаши вино испив не знам, си го испив муабетот, си ги испив мислите, сега ми е полесно. 





________
ПРЕМИЕРА 22 декември 2018 
БРОЈ НА ИЗВЕДБИ +40 

НАГРАДИ
Најдобар перформанс во Словенија, Постојна; 
Награда на НЕТА на ФКТ „Ристо Шишков” – Награда за истражување на актерското мајсторство; 
Награда на Томе Станковски за најдобар актер на Prishtina International Theater Festival. 

АКТЕРИ
Томе Станковски 
Даријан Петров 
Теа Беговска 

АВТОР И РЕЖИЈА Теа Беговска 
АВТОР НА МУЗИКА Енес Беговски 

_
Текстот е извадок од приватна архива на авторот и не смее да биде споделуван, умножуван или на било каков начин користен без писмена дозвола на авторот.



________
Фотографија на насловна: Виктор Стојков
Концепт фотографија: Долорес Соколова

Tea e месечен колумнист за театарските теми, со посебен акцент на истражувачките процеси. Теа го отклучи интимното шкафче преполно скици, остварени и неостварени идеи, истражувања од најразличен тип. Материја која најчесто останува недостапна за публиката. Таа е Театарски режисер, вработена во Драмски Театар Скопје. Неуморен и плоден автор на независната театарска сцена. Нејзините претстави активно се играат надвор од институцијата Театар, трагајќи по нови форми и можности. Со нејзините дела е чест гостин на театарските фестивали дома и во регионот. Сигурно ќе ја препознаете од ТВ емисијата „Културо“, но и како ментор на програма „Филмски актер“ во школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ