• Немате производи во кошничката.
TOP

ОБРАЗОВНИ ФОРМИ. ФОРМАЛНИ И НЕФОРМАЛНИ.



Изминатите неколку години, неформалните образовни институции почнаа да заземаат сè поголем удел од „пазарот“ на едукација. Сè поголем број на луѓе, особено во делот на техничките науки, следејќи ги моменталните потреби на пазарот, се одлучуваат да се преквалификуваат и започнат нова професија или пак целосно да ги заменат факултетите со едногодишни програми од неформалните тренинг-центри.

Зошто е тоа така?


Во првиот менторски осврт, ја анализиравме нашата потреба од учење каде што заклучивме дека отсекогаш нашиот избор на професија бил врзан со моменталната еволуција и потребата на нашиот род за опстанок. Ако денес потребата е да ја истражиме вселената или откриеме нова вакцина, нам ни се потребни научници и инженери. Врзани за овој еволутивен развој, образованието би требало да биде тоа коешто истиот ќе го следи или наговести. Но, што се случува денес? Имаме образование коешто не еволуирало низ сите овие години. Изгледот на училиштата, програмите и пристапот на едукаторите не се разликуваат премногу од оној пред десетина години. А што се случи во меѓувреме во човештвото!? Тотална транформација речиси во сите индустрии! Тогаш, едноставно ни останува прашањето: Која е потребата од формалното образование? Дали неговата цел е само да нè описмени или пак треба да ни помогне во нашето осознавање и личен развој преку градење на вештини коишто се практично применливи? Дали и во иднина образованието ќе продолжи да нè учи да пишуваме иако потребата од пишување може да исчезне?
Овие разлики коишто се појавуваат помеѓу индустријата и формалното образование, придонесоа да бараме решенија во неформалните центри коишто пак во изминатите години демонстрираат флексибилност, ефикасност и одлични резултати во процесот на едукација и вработување на кадри согласно тековните и актуелните пазарни трендови и потреби на компаниите.

Тие се причина и последица на сите еволутивни промени во човештвото и „прототип“ на тоа што треба да следи – нова форма во образованието којашто можеби нема да биде во некакви рамки и дефиниции на формално и неформално.
Високите институции од формалното образование како да се заглавија во своите системи со закони и правилници на управување. Систем којшто се покажува како спор во процесот на адаптација на брзите промени во побарувачката на кадри и закони коишто дополнително го отежнуваат управувањето на тој непрактичен систем. 
За да едно училиште биде функционално, важни се неколку фактори: опрема и простор за работа којшто денес добива сосема нов виртуелен облик, едукатори со професионално практично искуство во својата дејност; програми коишто постојано се надградуваат и надополнуваат согласно тековните пазарни трендови; работа во мали групи; размена на искуства помеѓу неколку образовни институции и студенти од различни области; изучување на предмети коишто не се директно поврзани со избраната професија, но се значајни и истата ја надополнуваат; предмети коишто се поврзани со развој на меки вештини, личен развој и поврзување на студентите со компаниите и индустријата преку најразлични форми на настани, натпревари, реална симулација и работа на практични проекти за клиенти, итн.

Што се случува со овие фактори во пракса?

Какви се условите за работа во училиштата и на факултетите? Дали студентите имаат доволно опрема за практична работа и простор којшто ќе инспирира и ќе ја разбуди нивната креативност или тоа се клупи и амфитеатри коишто не се менувале со години и децении наназад? Колку од професорите имаат практично искуство во своето работење? Дали навистина ги пратат новите трендови и го усовршуваат своето знаење или пак го предаваат тоа што тие самите го учеле во свое време?
Колку студенти следат настава? Дали приоритет на секој факултет е квантитетот на студенти коишто низ инка треба да помине за да добиеме квалитетни кадри кои се бројат на прсти? Дали навистина студентите знаат што сакаат кога избираат факултет и насока? Дали за тоа треба да бараме одговорност од основните и средните училишта како нивен „производ“ и „наследство“ што го оставаат на високото образование?
Дали студентите имаат задолжителни предмети за философија, психологија, естетика, етика и морал или пак предмети за организација, управување со време, јавен настап и јавно говорење, комуникациски и презентациски вештини или се задржуваат на избраните предмети со коишто треба да го пополнат фондот на часови и задоволат нечија форма?
Колку настани годишно организираат образовните институции каде што присуствуваат претставници од компании? Колку гости предавачи биле повикани и колку соработки се направени коишто нема да бидат само потпишан меморандум, туку спроведени во пракса? И како последно и најважно, колкав процент на студенти продолжиле да работат по „струка“ – согласно нивната избрана професија? 
Во најголемиот дел од овие фактори, потребна е ангажираност на самите образовни институции, но во дел од нив потребно е да задоволите форма согласно пропишаните закони и правилници на управување.




ПРОФЕСОР



Секој воспитно-образовен процес се одвива со пренос на знаење од страна на личноста која се смета за експерт во својата област. Во различни образовни форми и институции таа личност се нарекува наставник, професор, ментор, едукатор итн. Зборот „професор“, првпат бил употребен во IV век за оној што предава знаење од одредена област. Директното потекло на зборот доаѓа од латинскиот збор „professor“ (“pro” and “fateor” – „да зборува пред“, „да тврди и отворено да изјавува“)  за личност која тврди дека е експерт за некоја уметност или наука; учител од највисок ранг.1 Но, како дефинираме која личност е експерт и дали сите експерти се и добри пренесувачи на знаење, а со тоа и добри професори?

Критериумите по коишто се избира професор во високите образовни институции се донесени со закон.
Во Законот за високо образование, објавен во Службен весник на РМ, бр. 82 од 8.5.2018 година2, Член 166 – Општи услови за избор во наставно-научни звања, став 3, стои дека во наставно-научно звање редовен професор, може да биде избрано лице кое:

1. има остварено просечен успех од најмалку 8,00 (осум) на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно, односно има остварено просечен успех од најмалку 8,00 (осум) на интегрираните студии од првиот циклус и вториот циклус;
2. има научен степен -доктор на науки од соодветната област;
3. има објавено најмалку шест рецензирани научни труда во референтна научна публикација согласно со овој Закон во последните пет години пред објавување на огласот за избор;
4. да бил претходно избран во звање вонреден професор;
5. има објавен рецензиран учебник или монографија или практикум или збирка задачи од научната област за којашто се избира;
6. и има способност за изведување на високообразовна дејност.

Во Членот 167 – Општи услови за избор во наставно-научни звања по стручно-уметнички предмети стои: „За доцент, вонреден професор и редовен професор по стручно-уметничките предмети може да биде избрано и лице без научен степен доктор на науки, кое има завршено соодветно високо образование од втор циклус, признаени уметнички и стручни дела, односно остварувања коишто се од особено значење за афирмација на културата и уметноста во и надвор од земјата, како и способност за наставна работа.“

Понатаму, Член 169: Општи услови за избор во наставни звања на висока стручна школа: 
(1) За предавач на висока стручна школа може да биде избрано лице кое: 

1. има завршено втор циклус на академски студии; 
2. има стекнато назив магистер од соодветната област;
3. покажува способност за наставна и високостручна работа;
4. има објавено стручни трудови;
5. има остварено просечен успех од најмалку 8,00 (осум) на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно; 
6. и има повеќегодишно успешно искуство во работите од својата струка.

(3) За професор на висока стручна школа може да биде избрано лице кое има: 

1. научен степен -доктор на науки;
2. објавено научни и стручни трудови по изборот за виш предавач на висока стручна школа;
3. има остварено просечен успех од најмалку 8,00 (осум) на студиите на прв и втор циклус за секој циклус посебно; 
4. и покажало способност за наставна и високостручна работа по изборот за виш предавач на висока стручна школа.

Но, што се случува во пракса? Имаме луѓе на кои високото образование не успеало да им помогне во нивниот процес на осознавање и избор на професија. Правници кои работат како програмери, економисти како графички дизајнери, лингвисти како маркетери, машинци како претприемачи и сл. Што се случува кога овие луѓе стануваат експерти во својата област и немаат титули на магистри и доктори на науки, а поседуваат одлични вештини за пренос на знаење? Ако по дефиниција професор беше токму личноста која ги поседува овие квалитети, зошто ние ја „редефиниравме“ во нашите закони?

– Ќе ве потсетам на уште неколку реченици од првиот наслов Зошто учиме?„Вљубеници во животот, позитивните карактеристики на нашиот голем ум ни ги создал и нашите најголеми илузии. Нашата имагинативност била толку голема, што сме почнале да веруваме дека каменот има душа, а морето, сонцето, љубовта, виното итн., свои богови. Боговите станале кралеви, кралевите-претседатели, жабата-принц, а Земјата наша.“

На колку академски професори можете да се присетите кои ви биле пример, идол, ментор!?




МЕНТОР



Според грчката митологија, Ментор бил син на Алкум, а постар пријател на Одисеј. Кога Одисеј заминал да учествува во Тројанската војна, го назначил Ментор за чување на неговата палата и за воспитувач и заштитник на неговиот син Телемах. Првата забележана модерна употреба на зборот може да се најде во книгата „Авантурите на Телемах“ (француски: Les Aventures de Telemaque), од францускиот писател Франсоа Фенелон. Во книгата главниот лик е токму овој Ментор. Книгата е издадена во 1699 и модерната примена на зборот се смета дека произлегува токму од тука.
Значењето на денешната употреба на зборот ментор е поврзана со: верен пријател, советник и наставник или најчесто поискусна личност. Некои професии имаат „менторски програми“ во коишто новодојденците се ставани во пар со поискусни луѓе кои ги советуваат и им служат за пример во понатамошниот развој. Училиштата честопати нудат вакви програми на новите ученици или на учениците со потешкотии.3
Во нашиот македонски јазик, зборот ментор има значење на старател, воспитувач, учител.4

Речиси во сите значења, зборот ментор се поврзува со човек кој го чувствувате за близок и човек од кого сакате да учите.

Што биле Сократ, Аристотел, Платон..?
Што биле Пикасо, Вангог, Моделијани..?
Што биле Моцарт, Бетовен, Бах…?
Што биле најголемите умови и револуционери во светот?

– Магистри.. доктори на науки!?

Дали повеќе ви значи да учите од луѓе кои имаат завршено втор и трет цуклус на студии и имале просек минимум 8,00 или луѓе кои ги чувствувате за блиски и чии животни приказни ве инспирираат, мотивираат и охрабруваат да дојдете до посакуваната лична цел? Дали за себе би одбрале ментор или професор за учител?




ОБРАЗОВНИ ФОРМИ.
ФОРМАЛНИ И НЕФОРМАЛНИ




По изглед, структура, начин на изведба, ние луѓето сме се одлучиле да воведеме рамки во процесот на учење и истото да го ставиме во некаква форма утврдена со закон. На тој начин сме создале официјален систем на учење. Но, зошто?

Способноста за учење како наше најсилно оружје за опстанок ни дала можност да изградиме одредени вештини. Пример: вештини за лов со цел да се нахраниме, вештини за комуникација со цел да пренесеме порака и алармираме за одредена опасност или пак да го пренесеме нашето искуство на други, итн. Сите овие потреби и вештини го поттикнале развојот на јазикот, а со тоа и буквите. Овој развој ја зголемил потребата од масовна писменост. Масовната писменост сме имале потреба да ја организираме согласно традицијата, обичаите и верувањето на различните народи. Тоа значи дека организираноста или уредувањето – формата сме ја дефинирале согласно тогашните цели и потреби.

Што се случува кога имате фиксни цели коишто не се менуваат согласно новите потреби? 
– Имате неуспешно задоволување на новите потреби. 

Што се случува кога не успевате да ги задоволите потребите? 
– Природно, нашата способност за учење бара нови и нови начини на задоволување на тие потреби. 

Што се случува кога тие нови начини нема да бидат прифатени масовно? 
– Стануваат неформални.

Така е денес и со нашиот официјализиран и организиран систем на учење. Полека се претопува во неформален, затоа што луѓето кои треба да поставуваат нови цели и стратегии за развој ги управувале системите само во рамки на нивно одржување, не следејќи ги тековните нови потреби.


Што е следно?






____________

1. Извор на податоци: Wikipedia, посетена на 06.10.2020

2.  Извор на податоци: Министерство за образование и наука, посетена на 06.10.2020

3.  Извор на податоци: Wikipedia, посетена на 06.10.2020

4.  Извор на податоци: Дигитален речник на македонскиот јазик, посетена на 06.10.2020


Крсто е нашиот раскажувач на теми поврзани со образование и кариера. Тој е маркетинг специјалист во Сивус едукативен и развоен центар. Повеќе од една деценија е активно вклучен во повеќе едукативни центри, одличен познавач на неформалното образование, но во исто време љубител на филмот, фотографијата и генерално уметноста. Тој е еден од основачите на Скала, всушност Крсто е кумот на Скала!

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ