• Немате производи во кошничката.

Зошто учиме?

„Ако сакаме да зборуваме за образование, формите на образованието, начините на коишто учиме и ќе учиме во иднина, изборот на професии и нашата кариера, најпрвин, потребно е да се разбереме себеси, нашиот род и да ја сфатиме основната наша потреба од учење – Зошто учиме?

Отсекогаш ме фасцинирало како нашите умови станале толку големи. Како нашиот човечки род ги создал сите оние работи за коишто веруваме дека го менуваат светот на подобро?  Од шумата, преку океаните до градовите и државите, па сè до месечината. Од неколку вида хоминиди до хомосапиенси и роботи хуманоиди. Од мајмуни до сликари, поети, глумци, доктори, градежници, програмери…

 

Овој еволутивен развој, покрај главните когнитивни способности и промената на нашата ДНК, голем број научници и историчари ја препишуваат на нашето најсилно „оружје“ – способноста да учиме и да го пренесеме наученото на другите. Оваа способност порано сме ја користеле за да опстанеме, но денес, во еден пренаселен и развиен свет каде што  сме успеале да си обезбедиме долг живот, прашањето е која е потребата од повторно учење? Основната и примарната цел била и ќе остане поврзана со нашиот опстанок. Сега, сигурно голем дел од вас се прашуваат: но што е со нашите соништа, што е со тоа да бидам најдобар во тоа што го работам, да оставам некоја трага во светот или истиот да го направам подобро место за живеење како што милуваат да изјавуваат најголемите „фанатици на работата“?! Но, која е реалноста? Зошто мислиме дека на светот му требаме токму ние кога низ годините сè што сме направиле било во насока на експанзија на нашиот род, со мотив за наша долговечност?! Вљубеници во животот, позитивните карактеристики на нашиот голем ум ни ги создал и нашите најголеми илузии. 

Нашата имагинативност била толку голема, што сме почнале да веруваме дека каменот има душа, а морето, сонцето, љубовта, виното итн., свои богови. Боговите станале кралеви, кралевите-претседатели, жабата-принц, а Земјата наша. Обележана со граници, држави каде што пештерите станаа облакодери за да не собере; сме ги припитомиле растенијата и животните и сè што е од природата за да го искористиме во создавање на најголемите револуционерни пронајдоци како што е електричната енергија и сè што претстои во денешниот модерен свет; сме ги победиле водите градејќи бродови; сме ги поврзале континентите градејќи патишта; сме успеале да ги скратиме километрите со помош на автомобилите, трамваите, возовите, метроата и да ја населиме и најдалечната точка на Земјата со помош на авионите. 

Се разбира, сите овие еволуции и револуции не биле бајка. Одамна напуштените непријатели од шумите сме ги замениле со нови борби, против болестите и војни против самите себеси за доминација и управување на природните ресурси. И сето тоа со една цел – нашиот опстанок. Да прашате некој од Првата или Втората светска војна зошто војувал, сигурно би добиле различни одговори, најчесто зачинети со различни идеологии создадени повторни од нашата способност за имагинација и способност да раскажуваме приказни и тие бидат прифатени од масовен број на луѓе. Потпрени на основниот инстинкт за опстанок и способност на здружување во масовни групи коишто ќе негуваат иста идеологија, денес сме неприкосновени владетели на оваа планета. Наречете ја и наша, но таа е ничија, ние само сме си ја присвоиле и со нашата способност за учење сме успеале да доминираме останувајќи можеби денес и единствените нејзини непријатели.

Решавајќи ги најголемите предизвици поврзани со нашиот опстанок и експанзија во светот, природно се јавува потребата од создавање на нови и нови професии. Со помош на овие професии и нашата имагинација која ја доживуваме како личен мотив да бидеме подобри, ние вусшност постојано правиме едно нешто – учиме.

Затоа, ако сакаме понатаму да зборуваме за образование, формите на образованието, начините на коишто учиме и ќе учиме во иднина, изборот на професии и нашата кариера, потребно е пред сè да се разбереме себеси, нашиот род и ја сфатиме оваа наша основна потреба од учење. Понатаму, потребно е да ги согледаме нашите односи и врски помеѓу родител и дете, пријател и пријател, ученик и учител.

Осознавајќи ја оваа потреба, можеме да заклучиме дека отсекогаш нашиот избор на професија бил врзан со моменталната еволуција и потребата на нашиот род за опстанок. Ако денес потребата е да ја истражиме вселената или откриеме нова вакцина, нам ни се потребни научници и инженери. Во секое време имаме експанзија и побарувачка на одредени професии силно врзани за потребата кои секогаш ќе се менуваат. Оттука потребно ли е да се прашаме дали во нашиот живот успеваме да откриеме во што сме најдобри и како го правиме изборот на нашата професија? Ако нашиот еволутивен развој ги диктира нашите потреби, а со тоа и изборот на нашите професии, тогаш како ние можеме да избереме што е најсоодветно за нас? Во што ние ќе помогнеме на идните револуции и пронајдоци за идните генерации!? … 

______
ФОТОГРАФИЈА: Антонио Станков

Крсто е нашиот раскажувач на теми поврзани со образование и кариера.Тој е маркетинг специјалист во Сивус едукативен и развоен центар. Повеќе од една деценија е активно вклучен во повеќе едукативни центри, одличен познавач на неформалното образование, но во исто време љубител на филмот, фотографијата и генерално уметноста. Тој е еден од основачите на Скала, всушност Крсто е кумот на Скала!

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ