ЕКСПРЕСИВНИ ПРИДРУЖНИЦИ НА ОБЛЕКАТА
За модните додатоци
Според буквалните дефиниции, терминот моден додаток ги означува сите модни објекти коишто зависат од главната облека. Во голем дел од европските јазици се употребуваат термини со ист корен во латинскиот accedo, –ere, –cessi, –cessum (3), со значење да биде додаден (на или во), да пристапи, да се приближи, да припаѓа, да расте, да се согласи итн. (анг.: fashion accessory; фр.: accessoire de mode; ит.: accessorio итн.). Терминот моден додаток првпат се споменува во 1896 година, а поинтензивната примена во текстовите за мода ја доживува во текот на 20-от век. Во овој текст, термините додатоци и модни додатоци ќе бидат употребувани како синоними, без разлика на историскиот период на којшто се однесуваат и без разлика на дистинкцијата помеѓу историјата на костимот и историјата на модата.
Фабиен Фалуел и Лизел Куврер-Шифер во нивната книга „Модни додатоци“ говорат за различните функции на додатоците поаѓајќи од првичната дефиниција како објекти коишто ја придружуваат облеката, ја украсуваат и даваат нова естетска димензија на целосниот изглед, па сѐ до утилитарната функција. Според нив, средбата помеѓу додатокот и облеката може да биде случаен, но честопати додатокот е проектиран со однапред дефинирана функција и упатеност на конкретен тип облека. Во вториот случај додатоците се тесно поврзани со општествениот контекст, тие се одраз на политичката и економскатa моќ и се со јак печат на актуелните „модни“ трендови, културата во којашто настануваат и показател на личниот вкус на оние коишто ги употребуваат.
Функцијата на дополнување на облеката е јасно видлива кога додатоците се интегрирани во самата облека, како во случајот на копчињата, но понекогаш, како во случајот на подздолништето, на пр., со функција да ја дефинира силуетета (покрај историските примери на заштита од студ), нивното постоење не е очигледно додека не се поткрене главната облека.
2. Детаљ од вест (предвесник на современиот елек; фр.: veste) со координирани везени копчиња (дел од свилено машко одело), Франција, 1774-92 година, Музејот на уметноста „Метрополитен“, Њујорк.
3. Детаљ од жакет со метални копчиња акробати (дел од вечерен комплет), Елза Скјапарели, Колекција „Циркус“, февруари 1938 година (изработен), Музејот на Викторија и Алберт, Лондон.
Присуството на додатоците во целата историја на костимот и историја на модата упатува на нивната многубројност и разновидност. Од големо значење за нивното изучување, чување и изложување е нивната класификација со којашто се занимаваат соодветните специјализирани стручњаци. Музејот на модата на градот Париз „Палата Галиера“, на пр., поседува околу 35 000 парчиња додатоци. Водечките светски институции коишто се грижат за овој дел од материјалното културно наследство исто така, се соочуваат со сериозни бројки на објекти, па оттаму и важноста за разумна категоризација.
Во некои случаи, стриктната категоризација на одредени модни додатоци е невозможна, нејзината флуидност се должи на едноставниот факт дека во различни периоди се менувала употребата на исти или слични додатоци, со тоа менувајќи ги нивните карактери, а понекогаш дури од додатоци, тие станувале облека.
Меѓународниот комитет на музеи и збирки на костимот, којшто работи во рамки на Меѓународниот совет на музеи, предлага првични, „груби“ категории на додатоци. Првата категорија ја сочинуваат додатоци коишто се носат директно на телото, како додатоците со коишто се покрива и декорира главата, обувките, чорапите, дел од накитот, вратоврските, очилата, рачните часовници, марамите итн., но и додатоците коишто ја дополнуваат главната облека. Голем дел од додатоците од 19-от век коишто во италијанската литература се именуваат со заедничкиот термин фронѕоли (fronzoli), понекогаш со пејоративна конотација на површна и непотребно додадена декорација, исто така спаѓаат во оваа категорија.

Дел од историските додатоци коишто припаѓаат на оваа категорија потекнуваат од главната облека. Таков е примерот со големата јака (настаната со постепено одвојување од кошулата, понекогаш цитирана како парче облека) од втората половина на 16-от век и раниот 17-ти век (ит.: gorgiera; фр.: fraise; анг.: ruff), декоративните лажни ракави од 18-от век (фр.: engageantes), коишто ќе преживеат во видоизменета форма во 19-от век, а ќе имаат краткотрајни навраќања и во текот на 20-от век итн.
Други додатоци потекнуваат од видоизменети додатоци, како во случајот на марамчето од коешто настанале шаловите со коишто се покривале деколтеата (фр.: fichu), различни типови вратоврски итн.
6. Анонимен автор, Портрет на кралицата Елизабета I (т.н. Дарнли портрет), околу 1575 година, Националната галерија на портрети, Лондон. Крутата јака и манжетните се одблесок на дел од интернационалните тенденции во костимот под шпанско влијание.
7. Александар Меквин (Сара Бартон), моден изглед од колекцијата есен/зима 2013-14 година. Во оваа колекција, презентирана во Париз, Бартон, покрај играта со дел од нејзините постојаните дизајнерски фасцинации, се повика и на костимот од преминот помеѓу 16-от и 17-от век, во дел од силуетите и деталите, особено со употребата на внатрешните структури, јаките и манжетните.
Во втората група додатоци спаѓаат додатоците коишто се држат во рака, како чантите, чадорите, сонцобраните, бастуните, шамивчињата, ладалата итн. За оваа категорија исто така, се врзува изразената социјална конотација, особено од аспект на историскиот костим, а во современи услови, од додатоците коишто и понатаму постојат во модната понуда низ филтерот на високопозиционираните брендови на модни додатоци.
9. Ладало дизајнирано и насликано од Едуар Моро (хартија, пергамент, боја, седеф, метал), Франција, околу 1860-75 година, Музејот на уметноста „Метрополитен“, Њујорк.
10. Сонцобран (свила), Франција, околу шеесеттите години на 19-от век, Музејот на уметноста „Метрополитен“, Њујорк.
11. „Бамбус чанта“, Гучи, околу 1960-1965 година, Историскиот архив на Гучи, Фиренца. „Бамбус чантата“ била лансирана во 1947 година. Оттогаш доживеа многу дизајнерски трансформации, но и понатаму е непроменето врвното мајсторство во изработката и вниманието што се посветува на технолошкиот процес при обработката и заштита на деловите од бамбус, со варијации во зависност од климатските особености на различните пазари на коишто се продава.
Посебна група на додатоци се т.н. додатоци на додатоците. Тие постојат како дел од историските збирки, но и во современите модни колекции. Синџирот, лентата, ремчето итн. на ладалото коишто ѝ овозможувале на дамата да го стави безбедно овој додаток на раката додека танцува е пример за оваа група додатоци. Во оваа група спаѓаат додатоци коишто постојат во функција на примарните додатоци и без нив не би имале независен живот.
Веќе спомнавме дека понекогаш класификацијата не е стриктна, особено за дел од историските додатоци и особено на пазарот на антиквитети и во изложувањето на овие објекти. Балскиот бележник (фр.: carnet de bal) во којшто дамите ги пишувале имињата на партнерите за танц на баловите, иако биле дел од поголема група додатоци со специјална намена, а од друга страна носени во рака, во современата категоризација се наоѓаат како независни додатоци, изложени како сведоштво на историското минато. Како куриозитет, иако ја изгубија првичната намена, дел од дамските чанти за ноќни пригоди долго време низ 20-от век содржеа мини бележници, многу често како дел од поголем сет додатоци сочинет од декоративно минијатурно огледало, пудриера, футрола за кармин, чешел итн., покрај деликатните шамивчиња.

Обидите за категоризација на модните додатоци понекогаш варирале во крајности, особено на крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Кај некои автори тие едноставно биле сведувани на орнаменти, кај други нарекувани објекти што се носат од одредена личност, кај трети сѐ што не припаѓало на главната облека се сметало за моден додаток (долна облека итн.).
Покрај декоративната и утилитарна функција, додатоците ја имаат јаката комуникативна компонента. Тие кажуваат за возраста, родот, социјалната позиција, брачниот статус, религиозната припадност, професијата итн., а во текот на 20-от век и за припадноста на одредено контрамодно движење. Следуваат неколку примери на историски додатоци со изразена комуникативна компонента.
Поради табуата поврзани со употребата на материјали од животинско потекло како нечисти, обувките на свештениците во древниот Египет биле изработувани од растителни материјали. Единствена трансгресија од правилото било крзното од леопард, па, високите свештеници на ликовните претстави во оваа култура лесно се препознатливи на прв поглед.

Була (лат.: bulla) била амајлија направена од различни материјали што слободно родените машки деца во древниот Рим ја носеле околу вратот, девет дена после раѓањето, сѐ до периодот на полнолетството во статусот на римски граѓанин.

Црвените потпетици на машките обувки за време на владеењето на францускиот крал Луј XIV биле симбол на кралското височество и припадноста на аристократијата, собрана на дворот во Версај. Тие знаеле да бидат и индикатор дали некој од аристократите е во милост пред кралот.

Фригиската капа, по обновениот интерес за древната римска иконографија во текот на 16-от век, но особено по драматичните политички промени на крајот на 18-от век во Европа и Северна Америка, ќе стане симбол на слободата и е видлива на многу дела од ликовната и применета уметност, некои национални симболи, дури и како предлог за дел од изгледот на францускиот граѓанин по Француската револуција.


19. Џил Зандер (Раф Симонс), детаљ од моден изглед од колекцијата пролет/лето 2012 година. Во дел од изгледите во оваа колекција видливи се хибридни решенија на шапки со спортски и елегантни, дамски елементи и далечни одблесоци на фригиските капи во нивната форма.
20. Гравура во боја, на којашто се претставени мажи од периодот на Француската револуција, со јакобински капи инспирирани од фригиските, со триколорни кокади. *Забелешка за изворот: Костими на сите нации. 123 графички отисоци, коишто содржат над 1500 обоени слики на костими од водечките уметници во Минхен. Гревел, 1913 година.
Елементите на регалијата на владетелите (скептари, прстени, круни, со варијанти во тијари и дијадеми итн.) и церемонијалниот накит и други додатоци на аристократијата се јасен индикатор за позицијата во социјалната хиерархија. Во првите децении на дваесеттиот век особено, тијарите и дијадемите ќе станат моден тренд, прифатен со ентузијазам и од богатите наследнички, сопругите на финансиски моќните луѓе, актерките и пејачките. Новиот бран на интерес кон тијарите ќе се појави после 1947 година кога принцезата Елизабета ќе стапи во брак и повторно по 1953 година, кога била крунисана како Елизабета II, владетелка на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.
Во современата мода, кај одредени модни дизајнери, круните ќе бидат реинтерпретирани во контекст на индивидуалните инспирации од минатото, понекогаш со дистанца од хумор и иронија. За жал, овие елементи од регалијата ќе ја најдат и крајно вулгаризираната и кич- интерпретација во некои невестински, матурски и ноќни изгледи.
22. Мајк Тод ја држи наградата „Оскар“ за филмот „Околу светот за 80 денови“ во придружба на Елизабет Тејлор, 1957 година. Актерката носи тијара од крајот на 19-от век, подарок од тогашниот сопруг. Фотографија: Рекс.
23. Долче и Габана, детаљ од моден изглед од колекцијата на готова облека есен/зима 2013-14 година. Клучниот инспиративен слој во оваа колекција го сочинуваат мозаиците од катедралата во Монреале (Сицилија), посветена на Рождеството на Богородица. Мотивите од мозаиците се преведени не само во текстилниот дизајн, туку и во дел од додатоците.
Иако типовите на додатоци постојано се менувале во текот на повеќемилениумскиот развој на костимот и модата, во различни периоди, култури итн., нивната дистрибуција била релативно еднаква кај мажите и жените.
Во одредени периоди, фокусот на додатоците бил во директна релација со редефинирањето на главната облека.
Во последната фаза на развојот на дворската облека за време на владеењето на Луј XIV (1670-1715 год.), машката „мода“ ќе го започне бавниот процес на поедноставување, најнапред на формите, потоа на дел од доработките, на крај преку боите и изборот на ткаенини.
Овој процес ќе се заокружи во 19-от век, а неговото ехо ќе се чувствува и во следниот, 20-ти век, во некои аспекти и во новиот милениум. Поради поедноставувањето на машката облека, во текот на 19-от век софистицираноста на господинот се гледала во добро скроената и изведена облека, изборот на квалитетни материјали и рафинирани модни додатоци како украсните копчиња за манжетните на кошулите, декоративните игли за вратоврските, бастуните коишто понекогаш се вистински ремек дела на уметничкото занаетчиство, вратоврските, шапките, ракавиците, џепните часовници итн. Мажот во овој период станува сѐ понеутрален, а жената, со сиот раскош на изразни средства во облеката и додатоците била огледало на неговиот општествен статус.
25. Украсно копче за манжетна (лапис лазули), Америка или Европа, средина на 19-от век, Музејот на уметноста „Метрополитен“, Њујорк.
26. Цилиндер шапка (свила), Мелтон, околу 1875 година, Музејот на уметноста „Метрополитен“, Њујорк.
27. Бастун со чадор (дрво, метал, свила и волна), Америка или Европа, околу 1880-1889 година, Музејот на уметноста „Метрополитен“, Њујорк.
Модните додатоци постојано се јасни индикатори на големите општествени промени. Легендарните дваесетти години на минатиот век се деценија кога жените се избориле за уште поголема слобода за себеизразување и општествена инволвираност. Целосно се менува идеалот на убавина, жените ги скусуваат косите и должините на облеката, почнуваат да употребуваат јака шминка, чевлите се дизајнирани за активен живот или танцување на чарлстон и фокстрот, шапката клош (фр.: cloche) станува неизоставен дел од модниот изглед (ќе остане во употреба и следната деценија), а втурнати во динамиката на животот, започнуваат да користат се помногубројни, на моменти, нови типови додатоци. Потребата да се аплицира и корегира интензивната шминка ќе го роди предвесникот на современиот несесер, дел од чантите стануваат поголеми, се модернизираат убаво организираните патни додатоци за обувки и облека, триумфира современиот накит создаден според актуелните естетски струења на периодот итн.
29. Детаљ од фотографски портрет на Џоан Крафорд, 1927 година, Конгресната библиотека на САД (Оддел за отпечатоци и фотографии), Вашингтон. Актерката ја носи карактеристичната шапка клош.
30. Еџидио Скајони, Модел во костим за капење на Лусиен Лелонг со геометриски мотиви и сонцобран, помеѓу 1925 и 1929 година, Музејот на модата на градот Париз „Палата Галиера“, Париз.
31. Пјер Мург, Консултација. Чевлите на Перуџа, 1924-1925 година, „Ла газет ду бон тон“.


Современата понуда на модни додатоци би можела да се категоризира според дел од историските клучеви (намена, начин на употреба, пригода итн.), според родот, (иако постојат и унисекс додатоци, а со актуелната терминологија и т.н. родово флуидни модни производи), возраста, животниот стил и куповната моќ на припадниците на целната група, начинот на производство, технологијата итн.
Во однос на севкупниот процес на дизајнирање, производство и дистрибуција на модните додатоци, генерално постојат два начини на создавање на модната понуда со вакви производи. Имено, дел од компаниите што се занимаваат со облека, ги нудат и додатоците на пазарот, но постојат и компании специјализирани само за нив.
На актуелниот пазар коегзистираат дел од традиционалните компании за модни додатоци коишто покриваат различни сегменти на пазарот, но и современите компании, коишто целосно ја прегрнаа реалноста на модерниот свет, динамичните пазарни промени, новите технологии на производство и тенденции во дизајнот.
Историската куќа Картие, создадена во 1847 година, ќе го следи развојот на модата од нејзините рани почетоци, прераснувајќи во водечки бренд на луксузниот накит. Во 1964 година се менува сопствеништвото на Картие, но оваа компанија остана доследна на традицијата на производство и на уникатен накит, создаден со традиционалните техники на изведба.
Тифани, Луј Витон, Ермес, Гучи, Салваторе Ферагамо итн. се само мал дел од историските компании преживеани и во современиот контекст, коишто и понатаму успешно егзистираат на пазарот. Дел од нив, како компанијата Тифани, ќе направат сериозни адвертајзинг интервенции во имиџот за да се доближат на променетата пазарна реалност, потребите на новите купувачи и воспоставувањето на нови целни групи.
35. Нацрт за церемонијален ѓердан за махараџата од Наванагар, Картие, 1931 година, Лондонската архива на Картие.
36. „Пантер“ белегзија (оникс и дијаманти; смарагди за очите), Картие, Париз, 1952 година (фотографија од архивата на аукциската куќа „Сотби“). Ова парче накит припаѓало на војвотката од Виндзор.
37. Салваторе Ферагамо со дрвените калапи за обувки на неговите славни клиенти, 1955 година (фотографија од Историската архива на Фото Локи, Фиренца).
Сите релевантни истражувања за глобалната продажба на модни додатоци за 2019 година и за дел од 2020 година, упатуваат на постојано зголемување на продажбата, со проекции за продолжување на овој тренд и во следните пет години.
Интересен е податокот дека во кризни ситуации, кога на мејнстрим пазарот се случува пад во продажбата на облеката, се зголемува продажбата на модни додатоци. Кај дел од потрошувачите изборот на додатоци е израз на животниот стил, кај други произлегува од компензацијата и желбата да се припаѓа на одредена група и симулира посакуван животен стил, па макар и преку логото на брендот врз некој моден производ. Секако, модните компании интензивно го ползуваат ова сознание.
Технолошкиот развој на материјали најде примена и кај модните додатоци, а повеќе од деценија се ползуваат и т.н. паметни материјали и се создаваат мултифункционални производи. Зголемената еколошка свест придонесе за употреба на биоразградливи материјали или материјали коишто овозможуваат реупотреба и рециклирање, но и технолошки процеси коишто го смалуваат загадувањето на околината во однос на некои застарени индустриски процеси и етичкото работење. Дел од растечкиот пазар на додатоци го сочинуваат веганските додатоци, коишто отворија голем простор за технички и технолошки иновации и естетски и концепциски истражувања.

39. „Викенд сплит“, спортски обувки на брендот „Брејв џентлмен“ од Њујорк, познат поради употребата на вегански и рециклирани материјали.


Современите модни додатоци се осмислени да ги задоволуваат различните потреби на потрошувачите, тие ги надополнуваат изгледите и ја раскажуваат до крај приказната на колекцијата, иако во дел од дизајнерските колекции, тие знаат да бидат кокетно повикување на минатото, средство за комуникација на дизајнерскиот став, медиум за естетско и концепциско истражување и изразување итн.
Едукацијата за дизајнот на модните додатоци е вградена во курикулумот на многу високообразовни институции од областа на модниот дизајн, иако за дел од нив, особено за додатоците за чие производство се користат специфични технологии, постојат и специјализирани училишта (дизајн на обувки, дизајн на накит итн.).
Наместо заклучок, за крај на овој општ преглед на додатоците, би го издвоиле аспектот на модниот додаток во градењето на личниот стил и модниот израз во современата мода. Според Жерар Тремоле, модните додатоци се дури и поважни од облеката, којашто ја претставува основата на изгледот. Модниот додаток ги изразува личноста и состојбата на духот. На тој начин, изборот на додатоци станува игра со којашто се персонализираат дури и идентични парчиња облека.
______
Фотографија: Мартина Салова Чешновар
______
Претходен напис: Со облеката и додатоците низ времето и просторот – Никола Ефтимов