• Немате производи во кошничката.

СО ОБЛЕКАТА И ДОДАТОЦИТЕ НИЗ ВРЕМЕТО И ПРОСТОРОТ

 

Вовед во историјата на костимот и историјата на модата.

 

Во воведот на нејзината, сега веќе антологиска книга „Прирачник за историјата на костимот и модата“, Кристина Џорџети го изнесува ставот дека дизајнерот во реалноста не измислува нешто ново, туку го преработува општествениот и личен багаж, давајќи конкретна форма на сопствените идеи. Според неа, вештината на дизајнерот е да го пренесе духот на дадениот момент којшто го проникнува животот на колективот, преведувајќи го во визуелни решенија коишто кореспондираат со одредена ситуација и поврзувајќи ја сегашноста со искуството од минатото, да предложи дизајнерски решенија коишто истовремено се иновативни и „познати“.

Ваквиот став, Кристина Џорџети го образложува со сознанието дека секој од нас носи багаж од лични визуелни и емотивни искуства, архивирани во нашите умови. Многу од нив не ги доживуваме дури ни на свесно ниво, но, сепак, тие постојат. Подеднакво моќни се и искуствата што доаѓаат од колективното, со други зборови, збирот на визуелни информации, сознанија и емоции коишто се дел од наследството на едно општество.

Повикувањето на одредени минати епохи, па дури и користењето на цитати од некогашните типови облека, додатоци, изгледи итн. не се нови феномени, карактеристични само за актуелните модни понуди. Всушност, доволен е брз, панорамски преглед на развојот на облеката во последните илјадолетија да посведочиме на оваа пракса, понекогаш поткрепена со идеолошка заднина, друг пат како резултат на фриволен каприц на некоја влијателна личност, генералниот вкус и интерес кон одредена култура од минатото итн. Следуваат неколку примери на такво препрочитување на минатото.

Зголемениот интерес кон античкото грчко и римско културно наследство ќе биде видливо во Европа и во делови на т.н. Нов свет во втората половина на 18-от век. Во одредени култури, неокласичните тенденции ќе егзистираат паралелно со претходните стилови, но по Француската револуција ќе станат доминантни, а во однос на облеката ќе бидат една од алтернативите на луксузните дворски костими. Историчарите на костимот постојано ја имаат на ум релацијата со променетата идеологија и декларираниот дух на еднаквост. Оттаму, референците на старогрчките сандали, фризури, силуети на облеката, декоративните елементи, материјали итн. и секако инспирацијата од древната римска култура, повторно поткрепена со идеологијата којашто, меѓудругото, се повикувала и на републиканскиот Рим. Силуетите и деталите на облеката инспирирани од античкото грчко и римско наследство ќе останат во мода и по падот на Наполеон од власт. Ваквата инспирација ќе се врати во мода како една од доминантните тенденции неколкупати во текот на 20-от век, а во новиот милениум ќе има неколку интерпретатори, како италијанското дизајнерско дуо Долче и Габана.

Подеднакво фасцинантни се врските меѓу историскиот и еклектичен вкус од периодот на Второто царство во Франција, особено вљубеноста на царицата Евгенија во романтичниот спомен на Марија Антоанета и предреволуционерната Франција. Облеките со силуети дефинирани од кринолините потсетуваат на некогашната дворска облека со пание, а на самата облека знаеле да бидат аплицирани декоративни елементи инспирирани од периодот на Луј 16-ти. Повторно, ваквиот интерес е видлив не само во облеката, туку и во дизајнот на покуќнината, општо ентериерите, објектите од применетата уметност итн.

Во периодот по Втората светска војна и обидот за првично стабилизирање на модната индустрија во Франција, Кристијан Диор во 1947 година ќе го предложи „Новиот изглед“. Зголемените волумени на здолништата и фустаните и суптилните половини, со сета еуфорија особено од страна на американскиот печат и клиенти, а од друга страна протестот на извесни општествени групи против ваквата ретроградна визија за жената, во суштина се директни референци на француската дворска облека од 18-от век и силуетите што Чарлс Фредерик Ворт ги предлагал во средината на 19-от век, периодот на триумфот на кринолините. Се добива чувство како да се имало потреба од заборавање на мизериите на војната со помош на новопредложениот луксуз, секако поткрепено со економската мотивација поради многубројните метри ткаенина потребни за реализација на еден фустан.

Во последните децении на 20-от век, но и на почетокот на 21-от век, особено со искуството на постомодерната, на модните писти дефилираат креации создадени под јако влијание на минатото. Кристијан Лакроа ќе ја најде вечната инспирација во костимот и културата на Франција, особено од 17-от и 18-от век, а, подоцна, Џон Галијано, работејќи за Диор, постојано ќе се инспирира од минатото и ќе ги преработи архивите на многу историски париски ателјеа. Препрочитувањето на минатото нема да ѝ биде туѓо ниту на бунтовната Вивиен Вествуд, која покрај играта со изворниот панк, деконструкцијата, рециклирањето, ползувањето на модата како медиум за комуникација и испраќање на политички ангажирани пораки итн., речиси постојано ќе се повикува на британското, но и поширокото европско и светско културно наследство.

Темите на истражување на историјата на костимот и модата се многу комплексни и постојано во допир со многу дисциплини, затоа и интердисциплинарниот приод во расветлувањето на историскиот развој на облеката и модните додатоци. Феноменот на облеката постојано се анализира во релација со сложениот историски контекст во којшто настанува и се конзумира, со внимателно исчитување на економските, општествени, религиозни и други фактори коишто придонеле за манифестацијата на одредена „мода“ или стил. Доволно е да ги погледнеме примерите на костими од древниот Египет, под јако влијание на религиозниот светоглед којшто рефлектирал и на изборот на бои и материјали, византиските дворски костими коишто, во грчко римската традиција со империјален вкус за луксузното ќе го инкорпорираат влијанието од некои источни култури, но пред сè христијанството или промената во презентацијата на мажот во 16-от век под влијание на турбулентните политички настани, верски војни итн., а споредена со деликатната слика од 15-от век.

Дел од научниците, теоретичарите итн. кои припаѓаат на други дисциплини надвор од теоријата на модата, во своите потесни граници имаат дадено придонес во расветлувањето на одредени проблеми поврзани со облеката, нејзиното значење, перцепција итн., тие го прават вредниот извор за размисли, формирање на став итн. за историскиот костим и модата.
Други истражувачи од областа на текстилот, но и практичари со интерес кон историската облека, костимот и додатоците ги имаат анализирано од формален аспект, па со нивната работа придонеле за расветлување на друга низа проблеми, од аспект на конструкцијата, изведбата и употребата на материјали. Ваквите истражувања се особено важни за костимите од коишто, поради историската дистанца, не постои сочуван репрезентативен број на оригинални костими или воопшто за нивно истражување или документи што исцрпно би зборувале за нив.

Подеднакво фасцинантни се истражувањата направени во врска со најраните облици на покривање и декорирање на телото, со други зборови генезата на додатоците и облеката. Поради историската дистанца, во тие случаи не постојат пишани текстови, сочувани примероци на облека итн., па, на помош прискокнуваат археологијата, историјата на уметноста, антропологијата, во поново време и биологијата, генетиката итн. Инспиративна е размислата на Бернард Рудофски кој вели дека телото во својата природна форма- голо, има недостаток на комуникативни средства. Постоењето на декоративни елементи и интервенции врз телото во зони во коишто немало потреба од заштита од климатските непогоди, говори во прилог на оваа размисла. На истата линија се и тврдењата дека тетоважата е предвесникот на облеката.

Како примарни извори за истражување во историјата на костимот и историјата на модата се користат иконографските извори, пишаните текстови, но и примероците на сочувани облеки и додатоци. Во првата група, спаѓаат различните дела на ликовната и применетата уметност, а, интересно, во втората група, покрај книжевните, историски и религиозни пишани дела, подоцнежните специјализирани публикации за костимите и модата итн., спааѓаат и приватните преписки, правните документи итн. Од последниве на пр. интересни се т.н. сумптуарни закони со коишто се дефинира и лимитира употребата на одредени типови ткаенини, крзно, бои, но и количеството на скапоцени метали како златото коишто, во одредени периоди, кај одредени култури, биле дозволени за употреба. Еден од многуте примери за такви закони е „Лекс Опиа“, со којшто, меѓудругото, се ограничувала употребата на луксузни материјали кај жените во древниот Рим (периодот на Втората пунска војна), иако мораме да признаеме, не секогаш успешно.

Во одредени примери на општата литература, секако во популарните мејнстрим текстови, многу често одредниците историја на костимот и историја на модата се преклопуваат во значењето, но поделикатната наука инсистира на дистинкцијата меѓу нив. Историјата на костимот (понекогаш костимите) се занимава со истражување на облеката и додатоците од нивната појава, до средината на 19-от век. Историјата на модата вообичаено започнува со појавата на Чарлс Фредерик Ворт на сцената како пионер на современите модни дизајнери и го следи развојот на модата до актуелните случувања, иако се препорачува внимателност во градењето став кон последното во модната понуда, поради недостаток на историска дистанца. Историјата на модата ќе сведочи на сите турбулентни општествени промени во последните речиси два и пол века, а со тоа промените на предлозите и перцепцијата за машката и женската мода.

Историјата на костимите и историјата на модата се фасцинантни дисциплини коишто покрај тоа што расветлуваат многу феномени поврзани со еволуцијата на облеката и додатоците, се дел од курикулумот на сите релеванти училишта за моден дизајн и костимографија. Познавањето на овие дисциплини има големо апликативно значење од аспект на валоризација, чување и презентација на овој тип материјално културно наследство во специјализираните институции, на дизајнерите им помага да ја прошират визуелната култура и во процесот на истражување при градењето на колекциите, а на модните новинари за вреднување на современите појави и модна понуда.

Академскиот кредибилитет овие дисциплини го добиле после бавното чекорење и некои пионерски обиди проблемот на облеката и додатоците да се систематизира, истражи и објасни. Патот од Чезаре Вечелио и неговата книга „Древните и современи облеки во различните делови на светот“ од крајот на 16-от век, посветена на типологијата на костимите што припаѓаат на различни култури и често зачинета со имагинација, специјализираните изданија за одредени текстилни продукции од истиот период, подоцнежните специјализирани изданија за француската „мода“ од 17-от и 18-от век, модните списанија од 19-от век, моделистичките истражувања на Роза Џенони од крајот на 19-от век и почетокот на 20-от век итн,. изгледа долг, но појавата на гигантите ерудити како Франсоа Буше, чие легендарно дело „Историја на костимот на Западот“, после сите проширени реизданија, сѐ уште е дел од препорачаната литература во многу високообразовни институции во светот, ќе ги внесе овие дисциплини во академијата на голема врата. Во последните децении сведочиме на голем број на наслови за општата историја на облеката и додатоците, специјализирани изданија за периоди и монографски дела за автори, зголемен број на дипломски, магистерски и докторски трудови коишто се занимаваат со различни прашања од историјата на костимот и модата.

Авторот на овој текст припаѓа на школа којашто покрај интердисциплинарноста, ја негува внимателноста кон употребата на некои општи термини, коишто во реалноста не секогаш ја одразуваат вистинската слика за одреден период или култура. На пр. наместо употребата на терминот „ренесансен костим“, се претпочита употребата на фрази како „костимот во Фиренца во првата половина на 15-от век“, наместо „барокен костим“, „француската дворска облека од периодот на владеењето на Луј 14-ти“ итн. Исто така, вообичаена е употребата на оригиналните термини за облеката и додатоците, во зависност од културата и периодот на коишто припаѓале. Ваквиот пристап овозможува попрецизна дистинкција во типологијата и оневозможува генерализација, па дури и банализација на костимот и модата, како во случаите на употреба на генерички термини.

По објавувањето на овој воведен текст, во план се следни текстови што ќе се занимаваат со одредени периоди, типови облека, феномени итн. и нивната рефлексија на современата мода.

 


Седечка статуа на Флавија Јулија Елена Августа (подоцна позната како Света Елена, мајка на римскиот цар Константин Велики), Капитолинските музеи, Рим.

____________



Жак Луј Давид, Портрет на госпоѓата Рејмонд де Вернинак (родена Анриет Делакроа, постарата сестра на Ежен Делакроа), 1799 година, Музејот Лувр, Париз.
Оваа слика ја илустрира доминантната неокласична тенденција на периодот во облеката и ентериерот.

____________


Долче и Габана, фотографија на Стивен Мајсел, дел од адвертајзинг кампањата за колекцијата есен/зима 2006-2007 год. Во презентацијата и во дизајните видлива е инспирацијата од постреволуционерната Франција и периодот на владеењето на Наполеон.

____________


Овој графички отисок, направен според сликата на Елизабет Виже-Лебран и потекнува од доцните седумдесетти години на 18-от век, је претставува Марија Антонета во дворска облека.

____________


Франц Ксавер Винтерхалтер, Портрет на царицата Евгенија, 1854 година, Метрополитен музејот, Њујорк. Овој портрет ја илустрира фасцинацијата на царицата Евгенија со Марија Антонета и модата од 18-от век, пред Француската револуција.

____________


Свилени француски костими од седумдесеттите години на 18-от век, од збирката на Метрополитен музејот во Њујорк.

 ____________


Франц Ксавер Винтерхалтер, Портрет на царицата Елизабета од Австрија, 1865 година, Музејот на историјата на уметноста, Виена. Царицата Елизабета е облечена во дворска гала облека од куќата Ворт.

 ____________


Сесил Битон, Портрет на принцезата Маргарет, 1951 година, Музејот на Викторија и Алберт, Лондон. Принцезата носи раскошна креација на Кристијан Диор.

 ____________


Робер Бонар, Графички отисок (гравура) со портрет на маркизата де Флоренсак, 1694 година, Националната библиотека на Франција, Париз.

____________


Кристијан Лакроа (фотографија на Даниел Симон), моден изглед од колекцијата на висока мода пролет/лето 1994 година. Дизајнот е инспириран од периодот на Луј 14-ти, везењето било изведено во куќата Лесаж.

  ____________


Графички отисок од „Галеријата на француската мода и костим“ (преку Музејот на убавите уметности во Бостон) од 1779 година на кој е претставена млада дама со англиска шапка, полонез фустан од тафта и газа и здолниште.

 ____________


Кристијан Диор (Џон Галијано), висока мода есен/зима 2000-2001 година. Покрај очигледната поврзаност со облеката од периодот на Луј 16-ти и Марија Антоанета, интервенцијата со црвена боја на вратот на моделката алудира на гилотината.

 ____________


Џовани Болдини, Портрет на госпоѓата Шарл Макс, 1896 година, Музејот Орсеј, Париз.

  ____________


Кристијан Диор (Џон Галијано), висока мода есен/зима 2005-2006 година. Љубовта на Галијано кон периодот познат како „Бел епок“ и сликарството на Џовани Болдини ќе биде видлива во неколку колекции што ќе ги дизајнира за куќата Диор.

 ____________


Жан Антоан Вато, Аџилакот на островот Китера, 1717 година, Музејот Лувр, Париз. Оваа слика и подоцнежната варијанта „Поаѓање за Китера“ од 1718 (1719) година што се чува во палатата Шарлотенбург во Берлин, како да биле прозорци за Вивиен Вествуд кон деликатното творештво на Вато, светот на галатните забави и љубовта, танцот, музиката и ликовите од комедијата дел арте.

 ____________


Вивиен Вествуд, „Патот кон Китера“, колекција есен/зима,1989-1990 година.

  ____________


Беноцо Гоѕоли, Процесијата на мудреците (детаљ), 1459 година, Капелата на мудреците, Палатата Медичи Рикарди, Фиренца. На овој детаљ со Лоренцо Медичи (претпоставка) видлив е раскошот на де факто владеечкото фирентинско семејство, високото ниво на уметничко занаетчиство и деликатната презентација на мажите во средината на 15-от век.

  ____________


Рафаело Санцио, Портрет на Балдасаре Кастиљоне, 1514-1515 година, Музејот Лувр, Париз. Кастиљоне, авторот на делото „Дворјанинот“, претставен е со облека и изглед од втората деценија на 16-от век, што и покрај атмосферата на одмерена елеганција, ги сугерира подоцнежните промени во поробустна и мажествена силуета.

 ____________


Два типа машки палта објавени во „Газета на модата“, 1872 година. Во последните наколку децении на 19-от век веќе биле стабилизирани типовите облека и вообичаените бои коишто ќе станат дел од класичниот репертоар на машката мода.

  ____________


Едвард, принцот од Велс и крунскиот принц Хирохито во „Голф клубот Токио“, 1922 година. Принцот од Велс поставил многу модни трендови во тој период.

 ____________


Постер за филмот „Бунтовник без причина“, во режија на Николас Реј, 1955 година. Џејмс Дин, и покрај краткиот живот, ќе стане една од иконите на бунтовната генерација по Втората светска војна, со промоција на крајно неформалниот изглед, џинсот и кожната јакна и френетичниот животен стил.

 ____________


Долче и Габана, моден изглед од ревијата одржана во септември 2020 година во Фиренца. Принципите на т.н. „алта сарториа“, како пандан на високата мода за мажи овој дизајнерски тандем ги примени и на формалната и неформална облека. Конкретниот дизајн ја покажува силната врска со идентитетот на градот Фиренца, лулката на ренесансната цивилизација, но и местото каде што е родена италијанската мода, со усилбите на Џовани Батиста Џорџети.

 

 

_________
Фотографија: Антонио Станков

 

 

Никола Ефтимов е еден од основачите на македонската модна сцена. Во своето 25 годишно интернационално искуство како моден дизајнер, остварил голем број модни колекции, промовирани на модни ревии и саеми под брендот „Никола Ефтимов“. Неговото долгогодишно искуство како професор и ментор во формално и неформално образование е во Accademia Italiana - Тајланд, Интернационален дизајн институт ЧАНАПАТ - Бангкок, Accademia Italiana - Скопје, Факултет за арт и дизајн - Скопје. Денес е редовен универзитетски професор.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ