• Немате производи во кошничката.

НЕМИР НА ЗАДАДЕНА ТРЕМА


на почетокот било всемир
во всемирот се вселил немир
во немирот вселена била слика


Немир. Каква константа! Сѐ тече, сѐ се менува. Немирот останува. Можеби затоа што е доцна пролет. Брмчи природата, брмчи и градот. Светот е вознемирен. Мирот, кога го има, е привремен и договорен.

За кој немир да се фатам? За внатрешниот? Тој ми е најблиску. За телесниот немир, насобран во околината на вратот. Немирот како с’клет. Како невдоменост, невтелесеност, како бегство од аквариумот, од шкафот, од креденецот, од фиоката на бирото, бегство низ клучалката. Вознемир С’клетчиоски. Топло му е од ќебето, низок му е таванот, краток му е креветот.

Или немирот како копнеж, како повтеж, како мерак, севдах, т’га за југ, како недостиг, како нечие отсуство. Како одење со десната нога по тротоарот, а со левата по асфалтот. И таков немир. Како потрага по чифтот. Немир кога нешто ти треба. Што било нешто, ама не баш и што и да е. Ама и, обратно, немирот како нечие присуство. Убаво присуство, колку за во приказнава, не дека неубави не можеме да си замислиме. Возбуда од конечното присуство на недостигот.

Немир пред конечното. Пред стискањето ентер. Пред заминувањето на пораката. Немирот како несовршенство, значи живо, значи има уште, уште ќе се менува, ќе расте, ќе се смалува, тури тогаш уште по една да се напиеме!

Немир како нова мисла, како светилка над главата, како чкорче, ама немир и како мравјалник од мисли, од туѓи мисли. Кога надворешниот немир станува внатрешен, туѓиот кога станува свој. Има ли туѓо и свое? Граници има ли?





Невидлив немир. Секојдневен, незабележлив, сталожен, залежан, затлеан немир. Немир потстанар. Вдоми немир! Фино мимикриран немир. Не знаеш дека е тука, а тој си брка работа, си работи на тивко.
Трај-прај. Ќутенката.

И на сиот овој немир да му ставиме огледало, контрапункт, да го оптегнеме како жица од мандолина, како јаже за сушење алишта, да го насочиме, да му ставиме стрелка, да го направиме круг. Мирот како огледало. Раатот, тишината, паузата, кршењето на стихот, задржувањето на здивот. Намерен и насочен мир. Намерно затворени очи. Намерно будни очи. Трети очи, се разбира. Колку помирно, толку побистро огледалото, толку потепсија водата. Колку помирно, толку појасен немирот. Се покажува. Се кажува кој е, каде е, од каде е. А бе, ти зуи тебе нешто во собава?! Па потоа друг, па уште еден, ред се редат, мале, ајде ред се редат немири, мисли, идеи, страшила за чавки, дупки во дишењето, заборавени болки на телото, модрици на душата. А, чекај? Душа што е? Тело знаеме, ама душа што е?

А што е постаро? Смирот или немирот? Смилот или трендафилот?
Да седнам, да видам.


вет. мир.]


светот се врти околу својата оска
и околу сонцето,
сонцето такуѓере некаде патува
со својата одбрана дружина,
а јас сум седнал, сум затворил очи
и сум си вообразил дека така
ќе си го најдам својот свемир.




______
Илустрација: Андреј Павлов
Фотографија: Дејан Џолев


______
Претходен напис: ЗА СЛОБОДАТА ИЛИ СТОПУВАЊЕТО СО ОКЕАНОТ – Ѓоко Здравески

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ