• Немате производи во кошничката.
TOP

ПОЧЕТОК



НЕОБЈАВЕНИ МОНОЛОЗИ КОИ БИЛЕ ДЕЛ ОД ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЦЕС НА ТЕАТАРСКИОТ ПЕРФОРМАНС „АКТЕР-ЧОВЕК“ ОД РЕЖИСЕРКАТА ТЕА БЕГОВСКА.


Навечер. Ниедно време. Кога ќе дојде ноќ, не знам каде се наоѓам. На друга планета можеби. Можеби не сум ни човек. Мислите ми летаат толку брзо што не можам да ги контролирам. Еве сега седам на паркетот, зашто многу ми е мек креветот. Не можам, ме напна сунѓерот. Како можеле да направат толку мек кревет, да пропаѓаш во него? Рамно сакам да ми е! На рамно сакам да седам, на тврдо! Ќе земам и ќе го фрлам еден ден креветот од дневна. Не бе! Ќе го продадам! Не ми треба кревет. Ќе си седам на земја и гостите ќе седат на земја.  Сè ќе продадам. И креветот, и фотелjата и сите глупости од дневна. Добро, можам на пример филм да си пуштам и на филмот да мислам. А што ако пуштам филм? Тој ќе ме однесе во некој измислен свет што не е мој. Не бе! Мојот свет си го сакам. Во него ќе си останам. Ќе си мислам. Ќе си мислам на овие глупостите што треба да ги продадам. Не ми требаат туѓи филмови, си имам свој филм. Леле колку ме изнервира една денес на бензинска. Одам да ставам бензин и ме погледна, онака лошо. Што ме гледа така бе?! Не ставив бензин, за инат! Ја оставив колата, пешки си отидов дома. Не ми треба кола, не ми треба бензин. Ништо не ми треба. Музика ќе си пуштам. Чекај малку, каква музика, ќе ме напне?! Емоции, чувства, спомени. Не бе, не, не ми треба тоа сега. Ќе ѝ пишам на една, мислам дека ми се свиѓа. Што знам? Да бе, ми се свиѓа. Ма поим немам, дали ми се свиѓа или не? Што да ѝ пишам? Да ја замарам со мојот откачен ум! Со моите глупости и филозофии за тоа зошто постоиме. Или да ја викнам на пиво. Што! Па да, може да ја викнам на пиво. Ама не, ќе ме напне ако не пие пиво. Па треба да глумам дека сè ми е ок, а не ми е.



Не ми е ок, не пие пиво, не може! А и јас не сум ок. Јас дефинитивно не сум ок. Ама ако. Морам да сменам позиција, се здрвив на паркетов, ќе седнам на стол. Си мислам зошто толку размислувам. Хм… Зошто? Еве зошто размислувам. Нели можеш само да седиш, да не правиш ништо и да не размислуваш? Што ти е проблемот? Слушаш други луѓе како ти зборуваат, а не се тука, ти си зборуваш таму со некои луѓе кои не постојат. Јас стварно не знам што ти е проблемот. Земи стани, облечи се и оди на пиво. Да! Ќе се облечам. Како бе да се облечам? Не можам да мрднам. Треба да се истуширам, па да се облечам. Не. Ќе си седам на столот, а после ќе се преместам пак на паркетот. Тоа ќе го направам. Да! Се мислам да го фрлам телефонот и некои други ситни работи од дома. Машината за кафе на пример, не можам да ја гледам. Сакам да фрлам некои глупости што сум ги собирал, демек ми значат. Некои привезоци, некои карти од концерти, некои глупости бе. Ќе фрлам сè. Сè во ѓубре. Од почеток ќе почнам. Од самиот почеток ќе почнам. Од нула ќе почнам. Сè ќе фрлам. И патиките ќе ги фрлам. Ми пречи и таа ноќната ламба што не ја ни користам, што ќе ми е, ќе ја фрлам. И уште јас да се фрлам и да го решиме проблемот. Да, од почеток. Од почеток! Навечер. Во ниедно време, ќе почнам од почеток.

_____

ПРЕМИЕРА 22 декември 2018 
БРОЈ НА ИЗВЕДБИ +40 

НАГРАДИ
Најдобар перформанс во Словенија, Постојна; 
Награда на НЕТА на ФКТ “Ристо Шишков” – Награда за истражување на актерското мајсторство; 
Награда на Томе Станковски за најдобар актер на Prishtina International Theater Festival. 

АКТЕРИ
Томе Станковски 
Даријан Петров 
Теа Беговска 

АВТОР И РЕЖИЈА Теа Беговска 
АВТОР НА МУЗИКА Енес Беговски 

_
Текстот е извадок од приватна архива на авторот и не смее да биде споделуван, умножуван или на било каков начин користен без писмена дозвола на авторот.



______
Фотографија на насловна: Виктор Стојков
Концепт фотографија: Мартина Салова Чешновар

Tea e месечен колумнист за театарските теми, со посебен акцент на истражувачките процеси. Теа го отклучи интимното шкафче преполно скици, остварени и неостварени идеи, истражувања од најразличен тип. Материја која најчесто останува недостапна за публиката. Таа е Театарски режисер, вработена во Драмски Театар Скопје. Неуморен и плоден автор на независната театарска сцена. Нејзините претстави активно се играат надвор од институцијата Театар, трагајќи по нови форми и можности. Со нејзините дела е чест гостин на театарските фестивали дома и во регионот. Сигурно ќе ја препознаете од ТВ емисијата „Културо“, но и како ментор на програма „Филмски актер“ во школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ