• Немате производи во кошничката.

СЛОБОДНИОТ ПАТНИК


Месец март, 2014 година, утро.

Телефонски разговор со професорот Стефан Сидовски. Парафразиран.

Јас: „Ало. Професоре, здраво, на телефон Теа. Како сте?“

Сидо: „Добро утро Теа! Еве, јас растрчан уште од сабајле.“

Кога и да му се јавев на професорот, секогаш беше растрчан, во работна акција.

Теа: „Професоре, работам моментално на една претстава, сакам да играте во неа. Дали може да испиеме кафе да Ви објаснам?

“Сидо: „Претстава! (Професорот почна да се смее) Јас да бидам актер!? Каква чест!“


Го договоривме утринското кафе и седнавме на плоштадот во Скопје во некое кафуле. Професорот секогаш пиеше чај, црн чај.

Всушност, тогаш работев на театарскиот перформанс „КОНТРОЛА“ којшто се случуваше во градски автобус. Заедно со 17 млади актери и нашиот професор Стефан Сидовски. Во претставата се обработуваше темата на контролата наспроти слободата, целото дејствие се случуваше во автобус којшто постојано беше во движење и на секоја автобуска постојка, се качуваа различни актери со свои проблеми. Долго време со актерите ја обработувавме темата контрола, истражувавме кој нѐ контролира, што е за нас контрола, на кој начин сме контролирани итн. Едноставно, претставата го прикажуваше секојдневието во нашите автобуси. Сите ние бевме студенти, млади актери со голем жар и бунтовност во себе, а во таа бунтовност, заедно со нас професорот Сидо, вечниот патник во нашата приказна. Човекот кој говореше гласно за СЛОБОДАТА.


Вечниот патник, Стефан Сидовски, им се обраќаше на сите патници зборувајќи им за тоа што значи да си слободен, што значи да си контролиран. Толку гордо и со страст, на секоја изведба го кажуваше монологот и секогаш си додаваше нова суштина, нова свежина којашто дополнително неговата порака ја правеше уште посилна.

Овој монолог за слободата беше кажан 30 пати, секогаш различно, секогаш вистински, секогаш освестувачки. На едно гостување во Битола на АКТО, седевме на трева, јадевме пица и пиевме пиво, како хипици, така коментираше Сидо. 
Професорот го носеше ентузијазмот на младиот човек. Со него честопати дискутиравме за слободата.





Контролата наспроти слободата. 

Како да се справи човекот со контролата и кој е патот до стигнување кон слободата?

Прашањето е кој нѐ контролира? Тој што нѐ контролира, дали е слободен човек? Ако тој не е слободен човек, а нѐ контролира, тогаш со кое право зборуваме за тоа што е слобода? Слободата е контролирана. Односно, за да постои контрола, морам прво да знам што е слобода. Како да стигнам до мојата слобода? Често кажуваме дека немаме слобода. Тогаш каква слобода имаме? Мојата слобода е дотаму, додека не ја загрозувам слободата на другиот. Така коментираше Сидо. Ако тоа е така, тогаш, кој е тој што ќе одреди дека моите постапки не го загрозуваат другиот?! И како тој другиот ќе процени во однос на мене, дека со неговите постапки не ме загрозува и не ми ја ограничува слободата? Дека тој мене не ме загрозува. Тука e свеста присутна или неприсутна. Колку јас како човек сум свесен за овие мои постапки и дали мојата свест е доволно голема да тргнам од парадигмата дека – мојата слобода е дотаму, додека не ја загрозам другата, а не дека  ЈАС само постојам во овој свет и светот постои само за мене?!

Во нашата природа, во нашиот дух е да бараме слобода, ние сакаме да сме слободни. Тогаш каде грешиме? За да бидеш слободен човек, треба да имаш висока свест, односно да се запрашаш: Што значи тоа јас да бидам слободен човек?  А висока свест значи да имаш свест за слобода, да бидеш свесен човек. Професорот велеше: „Секој што го гледаш во облик на човек, не значи дека е човек. Човекот треба да се стреми кон знаење.“ Но, знаење за што? Често си поставуваме разни прашања коишто, помалку или повеќе, нѐ замислуваат, најчесто нѐ плашат. „Што е крајот на животот? Смртта. Зошто се плашиме од смртта?“ -велеше професорот. „Зошто не мислиме на раѓањето? Никој не размислува за раѓањето, а сите слават родендени. Зошто славиме родендени? Зошто не се плашиме од раѓањето? Зарем тоа не е тајна? Зарем тоа не е мистерија?  Но, како се стигнува до слободата?“ -сакав да знам и упорна бев со прашањето. 

„Ако мислиш дека со читање ќе добиеш одговор, ќе морам да те разочарам и да ти кажам дека одговор нема да најдеш.“ -ми рече Сидо. „Па, трагам по знаење -му велам јас. Читам, гледам.“ „Можеш да ги прочиташ сите книги – нема знаење коешто може да го поправи овој свет.“ –ми вели тој. 

„А како нѐ перципирате нас младите Професоре?“

„Детството и младоста се трагедија, зрелоста е фарса, гротеска и бурлеска, староста е комедија, а крајот е La comedia e finitа.“



„Што е толку смешно во староста? -му велам. „Па нели е смешно тоа што се шетаме цело време по аптеки и пиеме еден тон лекарства и цело време се прашуваме дали живеев осмислен живот или не, зарем не е тоа смешно, зарем таа човечка состојба не е смешна?“ -сакаше да се нашали професорот, а можеби и не. 

„А Вие Професоре, дали Вие сте слободен?“ Молк. 

Одговор на тоа прашање не добив. Но, во претставата велеше дека човештвото нема знаење, дека сета филозофија ни дава само некакви толкувања за светот, а ние сме тие што треба да го менуваме тој свет. Да станеме сестрани, развиени личности, сомосвесни, самокритични, а така ќе станеме и слободни. Со знаење се стигнува до слободата. 

„Ако човештвото нема знаење, тогаш што ќе го спаси светот?!“ -искоментирав знаејќи и самата дека Сидо немаше ни телевизија, ни интернет, ни никаков пристап до било каков социјален медиум а знаеше сѐ, буквално сѐ, го имаше целото знаење. Си помислив, па добро, можеби тоа е концептот на слободата, да немаш ништо, а да имаш (знаеш) сѐ, а не да имаш сѐ, а да не знаеш ништо. 

Ми одговори на прашањето што ќе го спаси светот. 

„Она што ќе го спаси човештвото е смеењето.“ -ми рече. Се насмеавме и двајцата.
Можеби сите ние сме патници, во потрага кон слободата, затекнати од контролата со која пробуваме да се соочиме. Колку знаеме да се исконтролираме во систем којшто и самиот е контролиран? Ако слободата и контролата се двете крајности на една личност, тогаш, што е средината?






______
Илустрација: Деница Стојкоска




Tea e месечен колумнист за театарските теми, со посебен акцент на истражувачките процеси. Теа го отклучи интимното шкафче преполно скици, остварени и неостварени идеи, истражувања од најразличен тип. Материја која најчесто останува недостапна за публиката.Таа е Театарски режисер, вработена во Драмски Театар Скопје. Неуморен и плоден автор на независната театарска сцена. Нејзините претстави активно се играат надвор од институцијата Театар, трагајќи по нови форми и можности. Со нејзините дела е чест гостин на театарските фестивали дома и во регионот.Сигурно ќе ја препознаете од ТВ емисијата „Културо“, но и како ментор на програма „Филмски актер“ во школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ