• Немате производи во кошничката.

СОВРЕМЕНИОТ МУЗЕЈ КАКО ПОЛЕ ЗА КОНСТРУКТИВНА КОНФРОНТАЦИЈА


Барање излез: кон дебатите за радикална музеологија

По повеќегодишните обиди за ново толкување и пополнување на утврдените историски дупки низ еден наратив којшто го претвори јавниот простор во една постојана музејска поставка на спрегата на културниот конзервативизам и неолибералниот економски модел, денес секако вреди да се отвори прашањето за критичкиот потенцијал на музејските институции во име на реализацијата на поправедно општество и особено за можностите за дефрагментација на општественото, но радикално поинаква од онаа наметната со возобновените, романтичарски метанаративи. Западниот музеј на модерната или современата уметност, главно се соочува со сосема поинакви проблеми во сеопштата културализација и апропријација од уметничкиот пазар, но нашиот фокус треба да се насочи кон функционирањето на локалниот музејско-галериски систем и како клучно се наметнува прашањето за видливоста, со низа потпрашања: Што станува со видливоста на селекцијата и со ефективноста на наративот којшто се проектира во услови кога еднаш воспоставената мрежа од музејско-галериски институции е дисфункционална? Кога таа и во целост е на маргините на општеството, а самото општество е во дезинтеграција? Што може да се очекува кога нејзиното базично функционирање е оневозможено од постојани финансиски тешкотии и недостаток од соодветен стручен кадар, заглавено помеѓу бројните некритички јубилејни, ретроспективни и „дипломатски“ изложби и депласираните тематски изложби и салони, само повремено надополнети со некоја интернационална групна или, пак, преземена гостувачка изложба? Како да се истакне важноста на „конструираната реалност“ на колекциите на модерна и современа уметност, кон нови наративни конструкции коишто нема да се наметнат како конечни, единствено исправни и легитимни, а да бидат поттикнувачки, инспиративни и ќе ја реактуелизираат релевантноста на критичкиот потенцијал во реконструкција на општеството?



Уметникот како куратор и обратно: Нови форми на институционалната критика и преиспитување на системот

Честопати се чини дека блокираната политичка имагинација е резултат на неразбирањето на доменот на визуелноста, а неслучајно една од клучните улоги во борбата за јавната сфера имаат дебатите околу трансформативниот потенцијал на уметноста. Иако уметниците, спротивставувајќи се на елитизацијата и затвореноста на светот на уметноста, самоиницијативно се откажаа од привилегираниот статус, сепак, денес поради неочекуваната екстремна маргинализација на уметничкиот домен како поле за критичко мислење, таа се бори да ја врати својата релевантност преку јавниот домен како конститутивен за нејзиното базично функционирање.

Ова е време во коешто дебатите за улогата на уметноста сè почесто излегуваат на јавна сцена., пред сè, поради зголемената свесност за потенцијалот на уметноста и за нејзината (зло)употреба и, конечно, неизбежниот заклучок дека уметноста секогаш имала имплицитна или експлицитна политичка димензија. Посебно сега, станува јасно дека експерименталната фаза на уметноста како автономен домен е завршена и дека уметноста во таква форма е на својот „крај“. Но, тоа не значи дека таа исчезнува како практика, туку напротив, таа е уште повеќе распространета, како неограничен репертоар на вербално-визуелни, уметнички и неуметнички изразни средства, но сега својата легитимација е принудена да ја бара на јавната сцена, а не само во  контролираниот институционален простор на музејско-галерискиот систем. 

Својата рационална оправданост современата уметност ја наоѓа во повеќедецениските медитации околу музејско-галерискиот систем како значаен сегмент од идеолошкиот апарат во функција на доминантниот наратив и токму во преиспитувањето може да смета на своето логично заокружување. Покрај опсежните теоретизации на музејските модели, еден од важните аспекти на реинтерпретациите на музејскиот концепт се уметничките интервенции, како реактуелизации на границата помеѓу уметничкиот и кураторскиот концепт.


Од традиционалниот музеј како гарант на стабилниот идентитет кон критичкиот музеј како локус на дијалектичката современост

Денес, во втората деценија на третиот милениум, прашањето за уметноста и релациите со музејскиот концепт може да ги поставиме помеѓу инверзниот однос на две прашања:
Дали на современата уметност ѝ е потребен музејот, односно дали […]




ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ВО ПЕЧАТЕНОТО ИЗДАНИЕ // СКАЛА МАГАЗИН БР.1



СКАЛА МАГАЗИН бр.1
КУПИ ПО ПРОМОТИВНА ЦЕНА

КОН ПРОДАВНИЦА




______
Фотографија: Антонио Станков
Илустрација: Софија Цветковиќ




Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ