• Немате производи во кошничката.

ФЕР-ПЛЕЈ МКЦ!


ПРОЛОГ: Веднаш по претставувањето на победничкото решение на Милан Димитриев, од конкурсот за идејно решение „50 години МКЦ“, нашите интерни редакциски коментари не се однесуваа на репликата на Кит Харинг, туку сомнежот за квалитетот на решението се појави во неконзистентност на линијата. Па веднаш побаравме јавно од МКЦ и контакт од дизајнерот за разговор околу развојот на решението. Но работите се одвиваа толку бргу, што чекавме малку да се смират страстите за да отвориме посуштинско прашање.



I. ЧИТАЊЕ НА ДЕЛОТО НА МИЛАН ДИМИТРИЕВ



Всушност, реконтекстуализацијата на Кит Харинг воопшто не е проблем, тоа е генерално практика на „рециклиран” дизајн (уметност), којашто најексплицитно „постои“ уште од денот кога Марсел Дишан иронично пркосеше со писоарот на галеријата со повик за учество на изложба со единствен критериум за финансиска партиципација од 7 долари – „Да ви се мочам во уметноста“- им порача Дишан.

Токму тоа подоцна го истакнаа и од МКЦ, дека решението на Милан Димитриев не е дисквалификувано поради референците од Кит Харинг, патем целата „дудл“ култура е заснована врз база на линијата на Кит Харинг, туку победничкото решение е поништено поради целосно преземање на фри-вектор, но (како што започнав во воведот) кај нас во редакцијата се појави уште посуштински проблем (пред да го поништат решението), којшто не станува прашање за квалитетот и етиката на авторот, туку релевантност на комисијата.

Решението на Милан Димитриев, хипотетички и да не е плагијат, комисијата треба да е во состојба да ја препознае неконзистентноста на линијата, формата и бојата во приложените решенија, а со тоа и да се насети возможното користење на веќе постоечки „фри“ векторски графички решенија, затоа оградувањето преку коментарот „гугл-полиција“ е несмасно и трапаво оправдување.





Под „фер-плеј“, сметам дека елементарни принципи се јавно истакнување на комисијата, претседател на комисијата, нивна релевантност и критериуми по коишто се воделе. 

Токму затоа, за неуспехот на конкурсот единствено е виновна организацијата на истиот, којашто истовремено си земала за право да вреднува, без одредени критериуми и без професионално познавање од дејноста (графички дизајн), туку единствено избор на лични допаѓања, којашто според нивните конечни одлуки, моја претпоставка е дека немаат никакво професионално искуство дирекно од дејноста.

Вината не е во авторите, туку во организацијата!



II. ЧИТАЊЕ НА ДЕЛОТО НА ГОЦЕ ВЕЛЕСКИ



На почеток, да ја игнорираме претпоставката за плагијат (којашто очигледно предизвикува сомнеж), туку да направиме аналитички осврт на делото преку инспирацијата и конечната стилизација и финалното решение. 

Авторот ни посочува дека негов инспиративен елемент за реализација на графичката стилизација претставува Камениот мост, што веднаш е проблематично како такво. МКЦ како физички објект или, уште поважно, како суштинска организација, нема апсолутно никаква допирна точка со Камениот мост и визуелната метафора (1+1) каде што формата истовремено претставува мостот и бројот „50“ – е непотребна. Затоа, како креативец и познавач на методолошки и развојни процеси, лично сум убеден дека „инспирацијата” е настаната по реализација на симболот или при процесот на создавање. 



Ајде да речеме дека и тоа не е така! – во тој случај имаме проблем со самата конструкција и анатомија на симболот. Контурната линија единствено го „имитира“ негативниот простор на мостот, но не и самиот мост. Иако, токму со негативниот простор, одлично си „поигра“ Гордана Вренцоска во 2009 година, за логото на „13 европско бианале на млади уметници во Скопје“, каде што авторката ја искористи визуелната метафора 1+1, којшто истовремено асоцијативно го претставува Камениот мост (во функција на контекстот – бианале во Скопје), но и група „човечиња“ (млади уметници).



Со тоа Гоце Велески, повторно го проблематизира решението, дали настанало пред или по „инспирацијата”, можеби само авторот бил по потрага по „скопската” форма, за додадена вредност по стилизацијата на бројот „50”. 

Претпоставката за плагијат е оправдана, затоа што наликува на приближно слично решение, но и ова да не е така, авторот е должен да истражи дали неговото конечно решение е приближно слично на веќе друго постоечки лого. Тоа е должност на секој дизајнер!



III. ЕПИЛОГ

13.02.2022



Оваа сторија е аманет за сите млади и повозрасни дизајнери. Овие „грешки“ се секојдневие во нашите локални креативни маркетинг агенции, всушност многу гласни коментатори на овој случај, истовремено и се тивки корисници на ваков метод на работа. Најважно е дека на сите ни е срам и дека (се надевам) ќе извлечеме поука од овој случај. Но, повторно ќе подвлечам, дека организацијата на конкурсот ја направи најголемата грешка, затоа повикувам на фер-плеј МКЦ, повлечете го конкурсот! Контактирајте ја креативната заедница што ќе може да се носи со предизвикот и теретот на „јавен конкурс”. Вие сте биле и ќе останете тенденција на генерациите коишто следуваат, затоа коригирајте го и вашиот однос!

П.С. Овој текст и аналитичкиот поглед кон решенијата на именуваните дизајнери се единствено во контекст на темата и јавниот дискурс. Лично имам приватна добра релација и почит кон
двајцата автори, како и кон институцијата МКЦ.


14.02.2022 / СООПШТЕНИЕ ОД МКЦ

…Но, со оглед на ситуацијата и двојбата што произлезе по објавување на прворангираните решенија, а со цел враќање на позитивната енергија и самиот јубилеј, програмскиот колегиум на МКЦ донесе одлука да не направи избор на идејно решение од апликациите и да го поништи конкурсот. [целото соопштение].


_____
Став: Дејан Џолев
Илустрација: Дејан Џолев

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ