• Немате производи во кошничката.

АКТЕР – ПАТЕШЕСТВЕНИК

I.

Театарот е колективен чин – но целта е поединечна (како и самиот живот)

Актерот секогаш треба да игра за себе; секогаш треба да раскажува за себе, тоа го прави на начин пуштајќи го ликот да помине НИЗ него, низ неговиот крвоток. Актерот треба постојано да раскажува за себе и само за себе – ПРЕКУ ликот. Наивна е и самата помисла да се поистоветува со апстрактен, книжевен лик, целосно претопувајќи се со/во него до „непрепознавање“, да се изгуби во ликот, да падне во т. н. тотален транс. Актерот треба постојано, во секој миг, да биде свесен за своето присуство на сцена како човек-актер, раскажувајќи за себе: ПРЕКУ ликот кој го толкува. Ликовите (и настаните) треба да ги користи само како поттик, импулс, повод да РАСКАЖУВА ЗА СЕБЕ. Ликот и настаните му служат како средство за да дојде до самиот себе: обид  да ја открие сопствената смисла на постоење, негова смисла и ничија друга. Книжевните ликови и настани треба да ги (ис)користи како „материјал за сопствена градба“: да ја извлече оттаму вечната енергија (волја) на создавањето и да ја употреби за сопствено, автентично создавање: лично обликување. Целосните (до непрепознавање) поистоветувања со ликот/настаните се бесполезни, неприродни.  

Актерот треба да биде СВЕСЕН за секој миг од својот престој на сцена.

За актерот-трагач книжевниот лик е само мост низ кој треба да се обиде да премине на спротивната страна – кон самиот себеси. Ако во книжевниот лик актерот не пронајде соодветен материјал, содржина која ќе му послужи како поттик за соочување со самиот себеси, со сопствените „демони“ (предрасуди, стравови, стереотипи, радикализми, фрустрации, заблуди…) – тогаш актерот не треба да се бави со тој лик. 

Актерот-трагач  треба да се движи по самите рабови на сцената/животот, да опстојува  во крајносни ситуации: состојба на гнев, бол, безумна радост, очај, страв, еротска опседнатост… да се соочи со нив и да се обиде да извојува победа над нив, поточно, да ја преобрати „негативната“ енергија во „позитивна“, да го преобрази деструктивниот нагон во творечки. Ете, такви треба да бидат книжевните ликови – ликови кои се движат по самиот раб на животот, оти единствено во самите крајносни состојби (гнев, безумна радост, очај, страв, еротска опседнатост, бол…) се наоѓа затскриена, невидлива енергија, која има моќ  да нè извлече од самиот раб на бездната; моќ да го преобрази лошото во арно, душманот во пријател; моќ лудите Еринии да ги преобрати во милостиви Еумениди. Оваа енергија/моќ, која е содржана единствено во големите драмски дела, во големите ликови, актерот-трагач треба да ја искористи за сопствено соочување, за лична пресметка со своите предрасуди. Оваа енергија/моќ, оваа светлина-во-мрак не се открива преку умот. Таа треба да се насети (препознае). Токму во тоа е содржана „верата“ на актерот – да ја насети, да ја препознае светлината-во-мракот. ДА ВИДИ СВЕТЛИНА НА ТЕМНАТА СТРАНА ОД СЦЕНАТА. 

Монахот светлината на своето монаштво ја потврдува само кога ќе се спушти меѓу луѓето. Ако остане во осаменоста своја, тогаш и неговата светлина ќе биде „осамена“. Суштината на светлината е да го осветлува патот на оние кои скитаат во мрак(от). 

Истата задача треба да ја има и актерот – трагачот по светлината. Ако успее да ја пронајде,  тогаш треба да му го осветли патот на гледачот, поточно, ПРЕКУ светлината да го поттикне и тој самиот – гледачот – да тргне во потрага по „сопствената светлина“.

II.

Актерот е трагач по сопствената стварност  – (движејќи се низ општата стварност)

Поединечното е олицетворение на општото, треба само да се ОТКРИЕ. Ништо повеќе. Ништо помалку. Толку. Доволно. Идејата ја „препознава“ единката: влегува во неа за да може – низ неа – ПОВТОРНО да се роди.  

Општата идеја ја „препознава“ единката влегувајќи во неа, за да може НИЗ неа, низ единката, повторно да се роди: – како лично искуство на поединецот. Оваа стара, древна практика со милениуми се провелкува и применува во човековиот живот. Оваа практика, овој процес (би требало) да го применува секој актер. Имено, наместо лажно да се гордее со „голо пренесување“ на општи, универзални идеи, актерот треба да ја ИСКОРИСТИ општата идеја за негова лична цел: да ѝ дозволи на општата идеја да се конкретизира, поточно, да ѝ овозможи повторно да се роди: низ негово, лично искуство како уметник. Наместо на сцена да ги прикажува „туѓите“ искуства, актерот треба – минувајќи низ овие искуства – да се обликува самиот себеси. Општите, универзални идеи се КОРИСНИ само кога ќе бидат повторно оживеани (одживеани) низ конкретен случај, преку личен пример; кога општата идеја ќе биде повторно родена, но низ поединечно искуство, минувајќи низ нас самите, низ сопствените дамари.  

Ете…  ова би требало да биде основниот, внатрешен повик на актерот-човек, на човекот-актер додека битисува на сцена; во спротивно, нема потреба да го арчи времето на сцена, малтретирајќи ја и сцената и гледачот. Во суштина, така е и во религијата, секој верник, низ личен пример, низ сопствен пат, треба повторно да ја открие божествената вистина внатре во себе. Така е и во филозофијата, мудроста не се пренесува/учи, таа се открива врз личен пример, низ сопствено искуство. Така е и во актерството – НИЗ универзалните содржини да се обликуваме самите себеси, да ја пронајдеме нашата смисла, среќа, убавина… убавина која ќе биде само наша и ничија друга.  Да ја пронајдеме сопствената ѕвезда, ѕвезда која нè осветлува само нас, оти таа ѕвзда е наша и само наша… и ничија друга. 

Овој аманет – потрага по сопствената ѕвезда – би требало да биде „врежан“ во темелите на секој театар: патеката по која треба да се движат актерите-патешественици. Инаку, за кој враг би го арчеле времето на „штиците што живот значат“; за кој враг би го арчеле нашиот живот на ова парче земја, наречено Земја. 

III.

Aктерот има мисија да го изгради „сопствениот дом“

Секој актер/уметник треба да го пронајде сопственото (и ничие друго) место во Големата слика на животот. Ние, како поединци, сме само едно каменче од Големиот мозаик, каменче на кое треба да му дадеме значење, важност за неговото постоење; каменче на кое треба да му дадеме смисла за неговото место, за неговото нужно постоење во Големиот мозаик; да му дадеме суштинско значење на каменчето за Целината на мозаикот, бидејќи без тоа каменче ќе има празнина во мозаикот, ќе има дупка, мозаикот ќе биде грд. Големиот мозаик нема да биде Целосен. Мало каменче, но битно и големо колку самиот мозаик; мало каменче кое треба да го претвориме во наш „сопствен дом“. 

Нашата цел како актери, како индивидуи, е да постигнеме СВЕСНА поединечност во општоста (општото). 

Секој актер/уметник знае дека вистината е секогаш до нас, покрај нас, стои пред „нашиот нос“, но наметната е во рувото на илузијата на сцената/животот. Ако – како актери – ни е “дадено“ да ѝ го соблечеме рувото, тогаш вистината ќе се покаже пред нас во сиот свој раскош и убавина -„гола и без рамка“. Имено, вистината пребива внатре во нас самите, оти таму ѝ е најудобно, таму е во сопствениот дом, таму е – ДОМА. Ако сакаме да ја видиме, да дојдеме до неа, поточно, да дојдеме до нас самите, тогаш треба, „во улога на актери“, да тргнеме на долг пат „надвор“ од нас самите, движејќи се низ Големата слика на животот, пробивајќи се низ шаренилото на секојдневието од животните илузии, соочувајќи се – преку огледалото на стварноста – со нас самите. Како што направиле јунаците од „Сината птица“ –  тргнале од Дома за да стигнат Дома; истото го сторил и Пер Гинт… па дури и „далечниот“ Гилгамеш.   

Актерот е свесен  дека – главното конфликтно дејствие на сцена е: актеровиот судир со самиот себеси. Ова соочување го изведува ПРЕКУ ликот што го толкува, соочување кое (ако има среќа)  ќе го одведе до самиот него – до „сопствениот дом“.  Сè останато е бош газење по „штиците што… “   

Актерот е свесен дека – сцената не е само огледало на стварноста, сцената истовремено е и жесток судир меѓу актерот и стварноста – две мечки во пештера фатени за гуша – во обид да се ѕирне „зад“ огледалото… таму кај што е неговиот „сопствен дом“. 

Актерот е свесен дека –  неговиот аџилак е движење по рабовите на (сценскиот) живот. Инаку, за кој враг би излегувал на сцена, за кој враг би се движел по рабовите на животот, за кој враг би се соочувал со самиот себеси , освен да го изгради „сопствениот дом “.

Актерот е свесен дека – треба да трага по смислата на сопственото постоење, смисла содржана само во него и во никој друг, смисла која може единствено да ја открие на личен пример, оти смислата не се пренесува, напротив, таа се открива: повторно и повторно и повторно и повторно… преку лично искуство, на свој пример. И тука завршува приказната. 

Актерот е свесен дека – минува НИЗ ликовите проголутавајќи ги како преобразба, како препород, како враќање дома, кон самиот себеси. 

IV.

Актерот треба да се обликува самиот себеси

Актеровиот чин наместо да биде верна рефлексија на животот, веродостојно огледало на стварноста, поточно, наместо да – толкува, да порачува, да упатува, да цитира, критикува, антиципира, да поставува прашања, да разјаснува – актерот треба да се обликува самиот себеси, минувајќи низ верното огледало на стварноста.  

Актерот не треба да биде „поштар“ кој на сцена го донесува „верното огледало на стварноста“: толкувајќи, порачувајќи, упатувајќи, критикувајќи, антиципирајќи, поставувајќи прашања, разјаснувајќи… Актерот треба да се движи во спротивна насока – ПРЕКУ верното огледало на стварноста да ја обликува „сопствената стварност“, да се обликува самиот себеси. Овој благороден чин  треба да биде поттик и инспирација за восприемачот/гледачот за да може и тој самиот – низ објективната стварност – да трага по „сопствената стварност“, да ја обликува сопствената стварност, негова и ничија друга. Имено, како што задачата и целта на актерот е да се обликува самиот себеси, истата задача и цел треба да ја има и гледачот (веднаш по првиот чекор штом го напушти театарот), нурнувајќи се во самиот живот, со сите свои добрини и зла, убавини и грдосии… 

ДУХОТ НА АКТЕРОТ

„Добар актер е оној што го претставува седиментот: неистражените и необјаснети сили што се таложеле со векови. Лекциите што ги научил ги крие длабоко во себе. Неговата самоконтрола е восхитувачка, никогаш не го соголува своето срце. Сиот свој живот патува по непознати патишта, глуми во зафрлени театри, игра во градови заборавени од Бога; и секаде каде што оди го бара гласот што ќе му даде вистинска слобода. Ако има среќа да го најде тој глас, треба без страв да го прифати и да го следи до крај“. Орхан Памук – „Снег“.

 

Актер, голем познавач и аналитичар на театарската и филмската уметност. Неговата кариера започнува уште како студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, кога патува низ најзначајните театарски случувања во Југославија. По дипломирањето неколку години работи во театарот на Roberto Culi „Theater a.d. Ruhr“ во Mulhajm. Денес сигурно ќе се сетите на неговото последно филмско остварување „Попот“ од „Господ постои, името ѝ е Петрунија“.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ