• Немате производи во кошничката.
дејан џолев скала магазин

ТРИ ЛАГИ НА НЕФОРМАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ


 Експериментална дијалошка форма, монолог, став. 
ЏОЛЕВ: Здраво, Дејан Џолев.
ЏОЛЕВ: Хеј!

ЏОЛЕВ: Зошто одлучи да разговараш самиот со себе во форма на интервју или да се само-интервјуираш?
ЏОЛЕВ: Колку и да е чуден пристапот, пред сè, самата форма е предизвик којшто јас го доживувам како еден истражувачки процес, но секако и од аспект на медиум, којшто не е цензуриран и работи комплетно под мои услови, желби и потреби. Ова е простор којшто ќе ја задоволи мојата потреба за јавна дискусија и размисли на теми коишто ми значат. 
 
ЏОЛЕВ: До кога ќе објавуваш? За што ќе разговараш самиот со себе?
ЏОЛЕВ: Ќе објавувам сè додека не си станам здодевен самиот на себе. Ќе разговараме за: образование, уметност, култура, град, девојки, дечковци, сладолед и друго. 
 
ЏОЛЕВ: Навистина веруваш дека некој ќе те чита?
ЏОЛЕВ: Секако! Најмалку двапати ќе се препрочитам самиот себе.
 
ЏОЛЕВ: Со среќа!
ЏОЛЕВ: Ти благодарам. (се смее)
 
ЏОЛЕВ: Може да почнеме?
ЏОЛЕВ: (климнува со главата, шмркајќи од веќе ладното утринско кафе)

ЏОЛЕВ: Надвор од училница, обичната рутина на секојдневиниот живот е најзначајната школа, било тоа да е дома, на улица или за време на слободни активности. Учењето во текот на животот е клучен пат кон личниот развој! Неформалното образование се случува секој ден, во секое време, на секое место. Тоа што пак ние подразбираме или подобро, комуницираме под „неформално образование“ е „алтернативно образование“ - незадолжително, школа со цел професионална дообука или прекфалификација, популарно (градски) кажано „академија за“ - таму нешто…
ЏОЛЕВ: Ако може да се надоврзам, привилегијата на алтернативното образование е тоа што не постои легислатива којашто го обврзува на бирократски нормативи, организациски структури, тип на наставен кадар и наставни курикулуми во коишто е заплеткано формалното образование. 
 Алтернативното образование, од економски аспект, е бизнис во постојан раст. И со право! Тоа што несомнено го нуди на студентите е брзо запознавање со/и влез во индустријата. Токму поради ова, „алтернативното“ е конкуренција не само на приватното високо образование, на подолг рок, во одредени индустрии е сериозна конкуренција и на државните високообразовни установи и универзитети, но бизнис-меурот којшто расте, постои можност неповратно да пукне многу брзо, доколку неформалните едукативни центри не ја променат стратегијата на комуникација и пред сѐ, наставните курикулуми и практики. 
 Во потребата да се истакнат пред конкуренцијата, започнаа донкихотовска битка, борење со ветерници коишто наликуваат на џинови со долги раце, притоа несвесно нанесувајќи си штета на самите себе. 
 
ЏОЛЕВ: Предупредуваш дека меурот ќе пукне и ќе одекне многу далеку. Обиди се попластично да ни ги претставиш проблемите во кои се плетка „алтернативното“?
ЏОЛЕВ: Лажат! За работи коишто се против нивната природа. Пример лага број 1: СЕРТИФИКАТИ. Eдукативните центри започнаа да се формализираат „мафтајќи“ со решенија за сертифицирани програми. Сѐ што треба да понуди алтернативното образование е знаење, искуство, пракса и поврзување помеѓу студентот и индустријата, а не дипломи! Затоа што на приватниот сектор (во креативните индустрии) единствено важно им е вашата култура, вашиот потенцијал за раст, вашата способност за работа во тим и вашата експертиза! Патем тоа и е основната цел на алтернативното образование, да понуди знаење, а не дипломи!
 
ЏОЛЕВ: Лага број 2?
ЏОЛЕВ: ФОНД НА ЧАСОВИ. Едукативните центри се во постојана тенденција на кратење на потребниот фонд на часови, па токму затоа ги доведе до позиција да комуницираат „седмици“ или „недели“ за одредена наставна програма или „академија“. Погрешно, нејасно (и неправедно кон потрошувачот) да се комуницираат временски интервали, наспроти фонд (број) на часови.
 Да се претстави една наставна програма, најпрвин треба да се дефинираат бројот на наставни денови и фонд на часови, а потоа да се распоредат хронолошки според повеќе критериуми коишто ќе го одредат конечното времетраење на академијата. 
 
ЏОЛЕВ: 3?
ЏОЛЕВ: ТУТОРИЈАЛИ + ОНЛАЈН ЧАСОВИ. Едукативните центри, оваа тенденција ја прифатија со широко отворени раце, но истовремено и со широко затворени очи. Туторијалите се одлична можност за надоградба на одредена вештина или запознавање со одредена област, но само толку и дотука! Онлајн-часовите се одлична можност за одржување на комуникација и споделување на ограничено знаење. Алтернативното образование избега од својата најголема предност, а тоа е практично образование, работа во реални околности, специјализиран простор, опрема и технологија, а секако и најважното, неформалната социјализација помеѓу студентите и менторите, како најважен дел од алката за комплетен развој.
 
 ЏОЛЕВ: Формалното образование го разбирам како три одвоени процеси со различни цели. Основното образование го разбирам како цел за описменување од социолошки, технички и културолошки аспект, додека задачата на средното образование е да нѐ насочи кон нашите желби и способности, додека задача на високото образование, покрај тоа што треба да нѐ специјализира во одредена област, има за цел да нѐ поврзе со индустријата, бизнис-секторот или што и да е блиско доопределената дејност. Која е целта на „алтернативното“?
ЏОЛЕВ: Преромантична е оваа дефиниција. Патем, ова да беше вистина, едукативните центри ќе беа непотребни, како што е непотребно приватното образование во Финска, од едноставна причина што имаат силно државно образование. Во контекст на твоето прашање, токму поради нефункционалноста на формалното, алтернативното образование има можност да ја пополни оваа едукативна дупка. Но, доколку продолжи да се формализира додека никој не го бара тоа од него и доколку продолжи арогантно да крати од минималниот наставен курикулум, алтернативното образование ќе се приклучи во генералниот неуспех на нашето општество. 
 
ЏОЛЕВ: Ти благодарам за искреноста и времето коешто го одвои за овој наш краток разговор. 
ЏОЛЕВ: Во секое време. Чест и привилегија е да се збори и придонесува на овие теми, ти благодарам и тебе.


__
Илустрација: Андреј Павлов
Пишува: Дејан Џолев


Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ