• Немате производи во кошничката.
TOP

ЗА СЛОБОДАТА И АРХИТЕКТУРАТА


Пишува: вон. проф. Слободан Велевски


Слободата е состојба на телото и умот, состојба на избор на движење, на избор на однесување, на избор на размислување и споделување на мисла. И тоа е така барем во последниве два века, односно во сите години што ја означуваат добата на модерноста во којашто живееме од Француската револуција, па сè до денес. Во својата архаична форма, во ова време започнува и зачетокот на слободата во современото поимање на архитектурата каде што токму во начелото на слобода на избор, извира напливот на новите кодови на однесување на буржоазијата коишто имаат за цел да ја надминат тромоста на веќе уморните аристократски општествени конвенции. Тогаш, архитектурата за првпат се користи како деестаблишментска алатка, а социјал-утопистите како Шарл Фурие и Роберт Овен ги прават своите комуни-фаланстерии во коишто покрај слободата ги вдомуваат и идеите за братство и еднаквост. Во овие социо-просторни машини, слободата (на избор) е вткаена во секој сегмент на животот вклучително и оној за слободен избор на семејството, па дури и споделена економија на домот. Оттогаш наваму, карактерот на архитектурата постојано се менува, добивајќи низа форми на радикална другост. Нејзината првична прогресивност, преминува во прагматичност, па влегува во различни периоди на криза, сѐ до денешната состојба на мноштвеност, а таа секогаш и во сите околности останува теза на слободата..




***

Архитектурата во суштина е професија којашто се труди просторно да ги апсорбира потребите на луѓето во секојдневието, но и да ги пресретне нивните вредносни, културолошки и естетски очекувања. Ваквиот процес создава дискурс којшто се базира на потребата од постојано истражување и набљудување со што се отвора бескрајно поле на креативно талкање во коешто архитектите (уживаат да) живеат. Со овој фланеровски (flâneur) начин на себеартикулирање во создадената реалност тие влијаат на однесувањето, но и на создавањето односи помеѓу луѓето. Во ваквиот чин на преклопени општења и создавање на нови значења и релации во просторот и тие самите се ученици кои учат од овие проектирани состојби кон коишто имаат амбивалентен однос, бидејќи секојпат со нетрпение го очекуваат моментот кога повторно ќе го започнат процесот на нивно преосмислување. Задачата на архитектурата е комплексна и по правило, во средиштето на бура од влијанија што прави нејзината мисла да нема ниту јасен почеток, ниту конечен крај. Нејзиниот почеток е секојпат врзан со местото (контекстот) каде што таа се артикулира, но коешто постои долго пред неа, а нејзиниот крај е само прелиминарна завршница којашто чека нов почеток, бидејќи станува дел од постојниот контекст. И токму тука и токму затоа, архитектурата претставува професија поврзана со изразот на слободата, бидејќи слободата единствено може да соработува и да ја апсорбира нестабилноста на местото и неговата (хетеротописка) трансгресија низ времето. Оттаму, слободата едноставно мора да биде инхерентна состојба на умот и духот на секој архитект. Во таа смисла, јас имам среќа да учествувам во најслободниот сегмент на оваа благородна професија, односно да работам (соработувам) со студенти по архитектура. А тука работите се исклучителни, бидејќи експериментот, онаа најголема еманација на слободата во архитектурата е дел од моето професионално секојдневие, а студентите, моите соработници, по дефиниција се оние (нај)слободните и (нај)слободоумните, бидејќи безрезервно ја негуваат и споделуваат сопствената фантазија и сè уште слободно ја антиципираат сопствената (и заедничката) иднина без никакви инхибиции и „стравови“ од реалноста на недопрени амбиции и неостварени соништа.





***

Лично, слободата во архитектурата ја поврзувам со два термина. Првиот се однесува на дарежливоста, а вториот на комуникацијата (помеѓу луѓето) или социјалната интеракција. 

Идејата да се подари или, уште повеќе, сподели, е основа на концептот на дарежливост. Според архитектите Лакатон и Васал (Lacaton & Vassal) во архитектурата, тоа значи количински да се предвиди простор повеќе (од очекуваното), бидејќи на тој начин се создава „креативен“ вишок со којшто се проширува користењето на просторот со дополнителни можности. Со тоа просторот добива слобода на користење и се присвојува на начини коишто активираат нови и ги збогатуваат постојните релации помеѓу луѓето. Дарежливоста во архитектурата не подразбира богатство на материјали -ефект што најчесто создава естетска хегемонија, туку просторно богатство, бидејќи (неочекувано добиениот колку и да е случаен) дополнителен простор дава слобода на корисниците да го освојат и организираат сопствениот хабитус, сопственото бивање во просторот (лично и колективно), со што создаваат нови социјални конвенции внатре во домот, но и во просторот помеѓу објектите, во јавниот споделен простор. Ваквата состојба ја ослободува индивидуата од стегите на секојдневната општествена бирократија и притоа културолошки ја еманципира, со што на најдобар можен начин се обединува вредноста и на архитектурата и на слободата.  

Архитектурата не е машина за социјален и културолошки инженеринг, туку место каде што се поттикнува и во којашто се преклопува просторната и социјалната комплексност и повеќезначност на релациите во секојдневниот живот. Од ваквата мноштвеност  се создава архитектурата на градот (како тело-структура, но и како интеракција) каде што градот претставува поле на настани создадени од противречности произлезени од различноста на секоја индивидуа. Токму на овој начин архитектурата ослободува, бидејќи таа станува комуникациски пласт, односно основа за создавање на многу различни слободи на секојдневното живеење каде што низ процесот на отпор кохабитира со институциите на системот, а притоа цели кон подобрување на перформансите на истите. Интеракцијата (човек на човек, човек и околина) е основа на архитектонското создавање. Оттаму, архитектурата е ефект на општење, на комуникација од којашто произлегуваат креативните дискурси и инспирации коишто безрезервно ослободуваат.





***

Јавниот домен, јавниот интерес, конечно јавниот простор како нивен структурен именител е токму сегментот каде што релацијата на архитектура-секојдневен живот-општество е највидлив и каде што дарежливоста, социјалната интеракција, архитектурата и слободата се преклопуваат. Јавниот простор ослободува само кога успева да воспостави и да продуцира различни комуникациски рамништа, но и различни лица на слободата кои биваат овозможени преку архитектурата. Јавниот простор е местото, тој е просторен асемблаж каде што архитектурата на слободата создава можност за артикулација на избор и средби за секоја индивидуа и група. И тоа е така, бидејќи во овој простор се лоцира интензивната комуникација на сеприсутната другост, на различноста на секоја индивидуа која е основата за креативниот изблик толку карактеристичен за градот. Всушност, од ваквата артикулација на креативната енергија произлезена од различноста, повратно извира силата на градот од каде што се создава економската репродукција на општеството. Во една поширока интерпретација, јавниот простор е место каде што се гради карактерот на градот. Тука се споделуваат взаемните искуства: од екстатичните спектакли на забава, игра, радост и уживања, па сѐ до конфликти и изрази на незадоволство коишто ги поместуваат и мотивираат тековите на секојдневната рутина на работа, одмор и рекреација. Тука се трага и по личните искуства, каде што поединецот развива релација кон непосредното социјално опкружување и прави обид да се поврзе со себеслични субјекти и да создаде еден поширок идентитет и чувство на припадност, односно да го најде своето место во комплексните релации во рамките на колективот и на градот.  

Архитектурата и слободата се елементите од коишто произлегуваат сите овие обрасци на нашето однесување (во градот). Од таа причина, тие мораат да негуваат етички вредности, бидејќи од нив во многу нешта зависи јавниот домен, а со тоа и квалитетот на животот.


 

_____
Авторот беше кокуратор (заедно со Марија Мано Велевска) на проектот и изложбата “Ослободување-на-просторот” со којшто Македонија се претстави на 16 Интернационална изложба на архитектура во Венеција во 2018 година каде што ги испитуваше и дарежливоста, но и комуникациската вредност и влијание на архитектурата во дефинирање на полето на современите општествените дискурси. Неговата креативна и идеолошка верба поаѓа од враќањето (кон) заборавените, но и ново осмислување на вредностите на слободниот јавен простор во архитектонска и во општествена смисла.




______
Автор: Слободан Велевски
Илустрација: Стефан Танков

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ