• Немате производи во кошничката.

ЗА СЛОБОДАТА ИЛИ СТОПУВАЊЕТО СО ОКЕАНОТ




векови сме далеку од слободата.
затоа што сѐ уште од туѓите синџири
се ослободуваме.


Пишува: Ѓоко Здравески


0.

Како предигра за текстов ќе раскажам две случки на темава што ми го привлекле вниманието и ми побудиле размислување.
Првата се случува во меѓународен автобус што застанува од град в град до конечната дестинација. Во автобусот се вози човек со маица FREEDOM IS A STATE OF MIND. Човекот е нервозен пушач што на секоја станица трчанката излегува надвор за да запали уште една цигара.

Втората приказна се случува во полициска станица. Службеникот ми ја враќа возачката дозвола откако ми ги впишал казнените поени за пребрзото возење и ми вели: „Слободен си, Ѓоко“. Во мене нешто почнува да се бунтува. Како, бе, слободен? Од кај знаеш ти дали сум слободен? Ти ли ќе ме ослободиш? Што знаеш ти за мене, па да ме ослободуваш? Кој си ти мене да ме ослободуваш? Ја немаш таа моќ врз мене. Не ти ја давам таа моќ.






1.

Слободата е еден од оние зборови натежнати од значење поради прекумерната употреба. Толку многу му се има проширено значенското поле, што веќе е испразнет од значење, зборот е станат банален, излитен, од омилен е станат одмилен. Како омилена песна што сите ја пеат, па тебе ти одмилила баш затоа што сите ја знаат напамет. Такви се и зборовите љубов и вистина, на пример.

Ајде да видиме во какви комбинации го среќаваме зборот слобода во македонскиот јазик. Слободна волја, слободен дух, ослободи го умот, борба за слобода, борци за слобода, слобода на мислењето, слобода на изразувањето, слобода на говорот, слобода на медиумите, поетска слобода, слободен човек, слободен уметник, слободна држава, слободно општество, слободни институции, слободно паѓање, слободна љубов, слободна врска, Слободан и Слободанка. Во цртањето имаме цртање со слободна рака, на училиште пишувавме состави на слободна тема, во поезијата кога стиховите не се римуваат, велиме дека стихот е слободен. Влезот на претставата е слободен кога е бесплатен, масата во кафеаната е слободна, земаме слободни денови од работа, во фудбалот има слободен удар, во кошарката слободни фрлања, имаме слободно време, што претпоставува дека имаме и неслободно, слободно ли е местово за да седнам? Смрт на фашизмот, слобода на народот! Смрт или слобода!







2.

Во еден дамнешен скеч на „К-15“ Никола Карев го прашува Гоце Делчев: „Смрт или слобода, брате Гоце?“, а Делчев одговара: „И двете, батка Карев. И двете.“ Ова е на прва топка смешно, бидејќи е парадоксално. Не може и двете, батка Делчев, мора да направиш избор.

Но, дали е така? Што ако ја разгледуваме смртта како наша последна иницијација, како конечен премин? Како последното и конечно одвојување од телото. Совршена слобода. Конечен раат од себе, значи од сѐ. Што ако стравот од смртта е всушност страв од слободата?

Во ритуалите на иницијација иницијантот редовно доживува некаква привидна, симболична смрт за да премине некаков општествен праг, за да се иницира во некаков нов, повисок статус и да добие нова, поодговорна функција. Детето иницијант, во архаичните општества, за да стане возрасен човек, често поминува време во некаков изолиран простор што потсетува на мајчината утроба, темен и влажен простор што личи на гроб, а таквиот процес се нарекува regressus ad uterum, односно враќање во матката, враќање во утробата на Мајката Земја, на Големата Мајка, за да може повторно да се роди или, ако сакате, да воскресне. Бесконечноста на кругот, кој се претвора во спирала. 

Ваквата привидна, симболична смрт денес популарно се нарекува смрт на егото, а се постигнува со разни длабоки медитации, понекогаш природни, понекогаш под дејство на помошни средства, понекогаш со посебни начини на дишење или со ритуални танци при кои се влегува во состојба на транс, какви што се дервишките танци или различните видови шамански ритуали, но се доживува и одеднаш, неочекувано, па така луѓе сведочат за таквата симболична смрт на егото постигната од состојба на огромна болка, безизлез, длабок очај. Оваа состојба е позната како просветлување. 

Е, сега, тие просветлувања многу ретко се постојани, а многу почесто се само краткотрајни подосветлувања, односно ѕиркања надвор од себе и од сопствениот ум, од сопственото дотогашно постоење, пред човекот што достигнал една таква изменета состојба на свеста повторно да се врати во своето свесно јас, во својот ум и во своето тело, и во правилата на игра што дотогаш ги имал осознаено во животот.Во таквата изменета состојба на свест исчезнуваат границите на сопственото тело, свеста се проширува кон надвор, сопственото јас се претопува со универзалната свест, сочувството и сострадателноста се бесконечни, односно се достигнува она што Фројд го нарекува океанско чувство, кога сите човечки постапки ви стануваат јасни, разбирливи и прифатливи, кога сите луѓе ви стануваат блиски, па соѕерцнувате дека во себе го носите сето добро и сето зло на светот и токму затоа сите човечки постапки ви стануваат блиски и токму затоа во таквата состојба дуалното спознание на умот престанува да постои, престануваат да постојат доброто и злото, па сѐ само е, сѐ е само постоење и сѐ е само набљудување на тоа постоење, ослободено од желба да се интервенира во стварноста.







3. 

Епиграфот на текстов е всушност автоцитат, тоа се стихови од песната „Слобода“ што ја објавив во книгата „Дедикар Икарал“. Кога би го започнал in medias res текстов, токму така некако би почнал: многу, многу сме далеку од слободата, затоа што сѐ уште од туѓите синџири се ослободуваме. Човештвото е многу далеку од оние состојби на свеста што ги опишав пред малку. Таквите состојби се само балончиња што се далеку од цивилизацискиот центар. Човековата перцепција е сѐ уште доминантно свртена кон надвор, ние сѐ уште се бориме со надворешниот непријател, сѐ уште се обидуваме да ја смениме надворешната стварност без да ја смениме внатрешната и не ни помислуваме дека непријателот е секогаш внатрешен, дека синџирите се во нас, дека надворешниот свет е внатрешна проекција, дека ние сме проекторот и дека само во темната соба што се наоѓа над седиштата во киносалата можеме да интервенираме, а никогаш директно на платното. Угнетувачот ја проектира кон другите својата внатрешна угнетеност, тој што гради високи ѕидови и става катанци и решетки ги проектира кон надвор своите внатрешни ѕидови и решетки. Односно, внатрешниот страв зрачи страв кон надвор, внатрешната ослободеност од стравовите зрачи ослободеност кон надвор. 

Модерниот свет во кој живееме, од една страна, е свет на постојано движење и преместување, свет на номади, свет на бесконечни нетелесни патувања што ги нуди интернетот, свет на бесконечна привидна слобода и бесконечни привидни можности, а од друга страна е свет на државни граници, свет на визи, пасоши, лични карти, матични броеви, свет на бирократија и бесмислена документација, од годинава и свет со дополнителни документи во кои со негативни PCR-тестови или зелени ковид-пасоши докажуваш дека си здрав и дека си безопасен за Другиот, имаш уште еден документ што докажува дека Другиот не треба да се плаши од тебе и дека поради својот страв нема можеби да те нападне или да те избрка или воопшто да не те пушти да влезеш.

Од еднава страна, значи, има свет на слобода и љубов, сфатена како чиста свест ослободена од страв од внатрешниот Друг, а од другата страна има свет на страв, моќ и контрола, свет на владеење со Другиот наместо владеење со Себе.



4.

За крај ќе парафразирам една минијатура што е исто така објавена во „Дедикар Икарал“, книга која, инаку, зборува токму за тие контрадикторни пориви во човекот, едниот да полета, а другиот да падне и да се извалка во калта. А насловот на книгата, Дедикар Икарал, е позајмен од драмата „Лет во место“ на Горан Стефановски, кој, пак, преку еден свој лик во „Дупло дно“ вели: „Лесно е да си слободен како птица, биди слободен како човек“.

Минијатурата што ќе ја парафразирам, значи, оди приближно вака: „Слободата ќе дојде кога ќе ја стопиме сантата мраз во себе и ќе станеме едно со океанот. Дотогаш ни останува илузијата на тој што мисли дека гледа сѐ качен на врвот од сантата.“

Првата слика алудира на сантата мраз што се поврзува со теоријата на Фројд за свесното и несвесното, односно образложено би значело дека за да се дојде до внатрешната слобода, потребно е да се освести (стопи) несвесното, да се осветлат темниците на свеста, потребно е соочување со генерациски наталожените стравови, со генерациски наталожените внатрешни граници, соочување со архетипите, растерување на маглите, чистење на бигорот, значи многу работа со себе, и дури тогаш, кога сантата мраз ќе се истопи, индивидуата ќе стане свесна дека е едно со океанот, односно со универзалната свест, и дури тогаш ќе се ослободи од себеси.

Втората слика ја прикажува перцепцијата свртена кон надвор. Во втората слика има јасна хиерархија и има врв, има гледање од високо, има алузија на презир и на контрола.  

Замислувам свет на индивидуи стопени со океанот, со ослободени потенцијали и разбудени таленти. Свет на свесни индивидуи што ќе си ги знаат своите можности и свет во кој одговорностите ќе се подразбираат затоа што ќе идат заедно со разбудената свест. Свет во кој себството и другоста ќе бидат едно, па нема да има потреба од вртење на другиот образ.“


______
Автор: Ѓоко Здравески
Илустрација: Ива Јованова

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ