• Немате производи во кошничката.
TOP

ГОЛОТО ТЕЛО НИКОГАШ НЕ БИЛО ТАБУ



Еднаш годишно во Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“ организираат работилница за NUDE фотографија. Запознајте го Владимир Тасевски, фотографот кој ќе ја води истата, и прочитајте што тој има да каже за светот на NUDE фотографијата.


__________

„Фотографиите на Владимир Тасевски се еден вид на душевно просветлување. Нивната сензитивност ни буди различни емоции за еротиката и нејзината природа. Неговиот уметнички поглед е толку чист, уникатен и природен.” – Билјана Паланова (психијатар).

__________









Што претставува еротска (nude) фотографија?

ТАСЕВСКИ: Малце ме збуни со термините, eротска – акт. Одговарајќи, ќе пробам да направам разлика онака како што јас ја доживувам. Еротиката во уметноста ја разбирам како дело кое поттикнува сексуален нагон, воглавно преку разигрување на фантазијата на гледачот. На тие уметнички дела (фотографии или слики) воопшто не мора да е прикажано голо тело. Додека па nude фотографијата се темели на голото тело како основа, прикажано така без да се даде ни малку сексуална конотација на истото.

Во моите фотографии пробувам до максимум да го избегнам еротското, и голото тело да го претставам како убавина на форми или некоја телесна експресија на моделот. Се трудам да ги исклучам сите елементи кои можат гледачот да го наведат на погрешно доживување. Сепак не зависи сè само од мене, на она што некој гледач може да испроектира во нечие дело, влијаат и неговите лични искустава.


Дали оваа фотографска, но и сликарска дисциплина е сè уште табу тема во Макеодонија?

ТАСЕВСКИ: Самиот зборот табу означува некаква забрана, а јас не сум информиран за таква забрана во Македонија (се насмевнува), затоа и не гледам зошто nude фотографијата би била табу, дури и како тема (повторно се насмевнува). Постојат два феномена кај нас кои нè ограничуваат како народ, тоа се „срамот” и „стравот”. Тие два феномена се продукт на нашата недоволна едуцираност. И не само во уметноста, тие се проблем во севкупниот општествен живот (али да не се одалечуваме од темата). Понекогаш пробувам да разберам како тоа е нормално да гледате фотографии и снимки од убиства, измачувања, општо несреќи, а неморално и срамно е доколку се сликате без облека.

Кривата слика за голото тело ја дополнуваат и сензационалистичкиот пристап на некои „медиуми” кои на погрешен начин пробуваат да привлечат публика со бомбастични наслови и ефтини папарацо фотографии од јавни личности (разголени намерно, или уште полошо уловени во некој нивен приватен момент).




Кои се почетоците на оваа дисциплина во Македонија?

ТАСЕВСКИ: Почетоците се многу одамна, со самите почетоци на фотографијата во Македонија, но прашањето е зошто е толку незастапен како жанр? Најчесто оправдување е средината во која што живееме (дефинирана како конзервативна), но мислам дека главниот проблем е што nude е една од најтешките дисциплини во фотографијата. Информации за автори кои работеле nude фотографија во Македонија датираат од средината на минатиот век, но ретко се наоѓа конзистентност и посветеност на некој автор на жанрот. Како пионери би ги посочил авторите Живко Јаневски и Раде Ристевски. Искрено штета што нема некоја публикација посветена на историјата на акт фотографијата во Македонија, мислам дека тоа ќе биде мој следен предизвик, затоа што има многу автори кои низ годиниве се појавувале со по некоја работна творба во овој жанр, и убаво би било сето тоа да може да се собере во една монографија. А што се однесува до денешницава како автори кои работат nude и ми оставиле впечаток со нивните дела би ги посочил: Боро Рудич, Димитар Апостолов, Дарко Мораитов, Дејан Џолев и др.




На кој начин можете да најдете модел кај нас и дали тоа се прави лесно?

ТАСЕВСКИ: Да се пронајде модел не е толку тешко. Постојат два начина да се дојде до модел. Првиот е да ангажирате модел преку агенција (што е поскапа варијанта), но за возврат добивате професионален модел кој ќе одговори на сите предизвици, или да најдете заинтересирана особа која на доброволна база ќе прифати да позира (вообичаено се тоа девојки или пријателки на фотографот). Втората варијанта делува попримамлива и полесна, но сама по себе носи друг тип на проблеми. Моделите секогаш не се расположени да го покаже идентитетот па со забрана за фотографирање на лицето на моделот сè се сведува на фотографирање на делови на тело. Од моите искуства можам да кажам дека не постои жена која не сака да се фотографира гола, прашањето е колку од нив сакаат таа своја убавина да ја споделат со светот. Некои тоа не го прават поради одредени несигурности во врска со својот (убав) изглед, некои поради стравот (од осуда), а некои од срам. И за крај како најбитна ќе ја издвојам довербата која се воспоставува помеѓу моделот и фотографот, така да еден модел станува ексклузивен и приврзан за еден фотограф, и ќе му дозволи да работи на своите идеи слободно токму поради таа доверба која ја имаат развиено тие двајца.




Што доколку како фотограф се заинтересирам за оваа дисциплина, на кој начин можам да стекнам поголемо знаење на овие простори?

ТАСЕВСКИ: Како и во секоја професија, доколку сакате да се надградите во одредена област или како што и вие самите кажавте, да се „заинтересирате“, потребно е да истражувате, читате и секако да пробувате, за да можете да стекнете практично искуство и самостојно да се изградите како автор. Конкретно, за оваа дисциплина не постои формално образование, но веќе подолг период кај нашите соседни земји се организираат голем број на работилници на оваа тема каде фотографите можат да се пријават и работат во групи или индивидуално со nude (женски) модел. Во Македонија, до сега ова не беше практика, затоа на мое големо задоволство во соработка со Џолев и уметностите организираме еднаш годишно работилница за NUDE фотографија која е во времетраење од три дена за време на викенд.


Кој се може да ја посети оваа работилница и каде истата ќе се одржи?

ТАСЕВСКИ: Секој кој сака да се запознае, да истражува, да работи со искустни ментори и што е најважно да му се организира сет со модел, професионална шминка, осветлување итн. е добредојден на оваа работилница која ќе се одржи на 18ти, 19ти и 20ти септември. Пријавувањето е во тек, а повеќе информации сите заинтересирани можат да погледнат на официјалниот сајт на „Џолев и уметностите“.


________
________



РАБОТИЛНИЦА ЗА NUDE ФОТОГРАФИЈА

Работилницата ќе се одржи под трет пат, под строго дефинирани услови и мерки за безбедна и продуктивна настава.

ДЕН I. 18.09. ВО ЏОЛЕВ И УМЕТНОСТИТЕ:

• Запознавање на учесниците со програмата и структурата на
работилницата.
• Поделба на групи и креирање распоред на фотографирање.



ДЕН II. 19.09. ВО EКСТЕРИЕР:

• Анализа на студиски акт [1 час]
• Демонстрација на техники на осветлување [1 час]
• Фото-сет [6 часа – од кои 1 час пауза]



ДЕН III. 18.09. ВО EНТЕРИЕР И СТУДИО

• Анализа на акт во ентериер [1 час]
• Демонстрација на техники на осветлување [1 час]
• Фото-сет [6 часа – од кои 1 час пауза]


СЕКОЈ УЧЕСНИК ИМА НА РАСПОЛАГАЊЕ:

• Комплетна светлосна опрема за фотографирање;
• Индивидуално работење со nude женски модел;
• Инструкции и супервизија на процесот под менторство на
• Владимир Тасевски;
• 2 професионални шминкерки.

НAПОМЕНА:
• Заинтересираните лица треба да имаат +18 години, за +16 ќе биде
потребна писмена потврда од родител/старател.
• Секој учесник задолжително ќе склучи договор за соработка,
вклучително и (model release).

ЗАКАЖИ ГО ТВОЕТО МЕСТО ТУКА // Бројот е ограничен на 8 учесници.



______
Дел од разговорт е превземен од ReBorn.
Фотографија на насловна: Доминика Карафилоска
Фотографии во текст: Владимир Тасевски

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ