• Немате производи во кошничката.

ИМПРЕСИИ // БОШ ФЕСТИВАЛ #13


Бош е фестивалот којшто секоја година со нетрпение го чекаме да нѐ прошета до Гевгелија, а дома да се вратиме духовно побогати и исполнети. Тоа е фестивал којшто задолжително мора да се посети од сите аспекти, од уметничкиот, културниот и најбитно, социјалниот.

Оваа година, Бош го доживеавме во поинакво издание. Како резултат на тековните мерки и случувања, фестивалот мораше да  остане во рамките на удобноста на нашите домови и локални кафулиња. Се разбира, и тоа не успеа да нѐ спречи да уживаме во него, не дозволувајќи ова 13 издание да остане баксузно.

ДЕН 1

За првиот фестивалски ден, беше договорена проекција од кафулето Кофеин, која за жал, поради технички причини, мораше да биде откажана. Без разлика, верната публика фестивалот го следеше преку лајв-проекцијата на YouTube, преку сопствените екрани.
Иако виртуелно, Бош и на ова издание нѐ пречекаа со програма, далеку од разочарувачка. Лајв-проекцијата започна со видео театар, 2 епизоди во продукција на Македонски центар ИТИ/ПРОДУКЦИЈА. Ги гледавме „Коџак“ од Стефан Марковски и „Расипан безобразен лажго“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, две социјални драми во режија на Теа Беговска. Понатаму, ја имавме можноста да ги погледнеме филмовите „Скопје 2020“, под режија на Радован Петровиќ, „Влакна“ од режисерката Милена Виитман, „Магнолија“ од Ана Опачиќ, „Коливо“ од Андреј Волкашин и „Сонот за крвта и душата“ од Игор Алексов.
Вечерта се заокружи со DJ-сетот на TRICKY DISCO или Стефан Алијевиќ, кој дури и преку екраните успеа да ја пренесе фестивалската атмосфера дури и во нашите домови. Во склоп на сетот, ја погледнавме и видео-инсталацијата „Мрачна Шума“ на Марија Стојанова. Видео-инсталација која, навидум, безнапорно отвора број егзистенцијални прашања за односот човек-природа, поставена во форма на дијалог меѓу природата и културата.


ДЕН 2

Богат репертоар, артисти, филмови, изложби, концерти, ДЏ-сетови нѐ чекаа и следниот ден на Бош фестивал. Се проектираше од Јадро, а публиката имаше можност и проекцијата да ја проследи од кафулињата Ла Кања, Лајка и Буква.
Ден 2 го отворија селекција анимации од Flipboook Film Festival и тоа: „Карантин“ од Иван Андреевски, „Ритамот на падот“ од Ѓорѓи Митревски, „Змијулче“ од Крсте Господиновски, Кристина Стојановски и Жарко Иванов, „Готлиб“ од Крсте Господиновски, „Јадица“ од Иван Ивановски, како и „Вида и Добре“ од Владимир Лукаш.
По анимациите, на екраните и проекторите, од програмата проследивме и 4 самостојни изложби: „Vicarious“ – изложбата на Ана Трајковска, која навлегува длабоко во тематиката на анксиозноста преку своите линорези, рачно испечатени на огледален картон и „Central“ на Катарина Пренда, која преку илустрации, визуелизираше мисли, „И што сеа“ од  Горан Дачев и „Црн снег“ од Радован Поповиќ.
Точно во 21 часот и 15 минути, ѕидовите на Јадро ги стресе бендот Sethstat- реномиран македонски њу-џез бенд. Уникатно спојувајќи го модернитетот со традицијата, истовремено презервирајќи го цврстиот македонски карактер, нѐ оставија во воодушевување. 
Настапот на Lenhart Tapes, кој материјалите ги микса во живо, а како инструмент користи walkman-и, касетофони...,  беше вториот, и последен музички концерт на фестивалот.
Oд касетофоните на Lenhart, нѐ презеде DJ-от Ѓорѓи Јаневски. Со селекција од музика инспирирана од гевгелиското јужно ветре, ја долови автентичноста на овој гевгелиски фестивал и на кратко успеа да нѐ однесе баш таму, во гнездото на Бош.
Како за крај, фестивалот го затворивме со уште една финална изложба – „Сомнителни лица“ од Радмила Ѓошевска. 





______

ФОТОГРАФИЈА: Ана Иљоска

Ана во Скала е мултидисциплинарен автор. Пишува, интервјурира, фотографира, снима… Во тимот како средношколка од ЈБТ, и студентка на Академијата за визуелни уметности. Таа за себе вели дека сака математика, биологија, поезија, визуелни уметности, архитектура, психологија… Е сега може да замислите каков проблем има при избор на факултет! :)

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ