• Немате производи во кошничката.

ИМПРЕСИИ: ДЕНОТ НА УМЕТНОСТА ВО СУЛИ АН


Во организација на Europe House Skopje, Факултетот за ликовни уметности и Факултетот за драмски уметности, во петокот (15 април) беше обележан денот на уметноста во Сули Ан.

Пишува: Ангела Бошкоска

   
Дружбата започна во 14:00 часот, во моментите кога сонцето изразито ја милуваше и  прекриваше дворната површина, којашто дента беше слободна за сите, а диџејот, воедно и студент на Отсекот за графика на ФЛУ, започнуваше со својот микс. Тоа како да ги повикуваше минувачите низ тој дел од чаршијата, па дворот почна да се полни со љубопитци кои навираа да ги видат делата поставени на големите, цврсти ѕидови на Сули Ан. 

Како што се влегува, прво се разгледува што-како е поставено, во очи ти паѓаат шарените вреќи за седење на земја, коишто се во очекување некој да се пружи врз нив, потоа го здогледуваш диџејот се смее и ужива во сопствениот избор на песни, некои пијат вода, а други пиво, има и професори, но некако сите се на иста фрекфенција, како да нема возрасна бариерна граница и ти текнува на она: „Па уметници, сите се такви“ и ги забележуваш уметниците, авторите на делата и „аа...да...делата“, се обѕираш по ѕидовите и тука започнува сѐ. 



Поглед нагоре, пред тебе кон ѕидот, којшто ти намигнува од надчардакот додека ти си долу и си ставаш раце над очите за да видиш што има од сонцето. Гледаш распослани дела, а потоа гледаш десно на ѕидот - има уште дела, па сфаќаш дека стоиш до канвас на штафелај и на него има насликано мачка, а од левата страна гледаш необична скулптура со нешто црвено пред неа, налик на штит или пајакова мрежа и воздивнуваш. „Дојдов кај уметноста или таа дојде кај мене?“ Те облева скокотливо чувство од коешто произлегува задоволна насмевка и во тој момент почнува разгледувањето на изложбата. Сѐ оди по ред, секое дело се анализира, фотографира и во мислите се развиваат теории што-како изгледа. Само, кога си сам и разгледуваш и размислуваш, си велиш убаво ми е, но кога ќе се изнагледаш, ти треба некој да си споделите мислење, да видите што се случува во туѓите мисли, зошто и како, итн. 


Така, почнавме разговори со едни, потоа со други и си врвеше сѐ така, кога во некаква неслучајна случајност се запознавме со Сара Митковска, студентка по графика во трета година на ФЛУ. Нејзините дела, насекаде по ѕидовите на анот, а колку што беше голема нивната впечатливост, толку љубезно Сара нѐ прошета низ приказните за нивното настанување.

„Знам дека многу бев лута кога го правев, самото покажува дека чувствуваш гнев кон нешто, знам дека додека го правевме со колешката, мававме со камења, со чекани (процес на креирање графичко дело) и го оставивме цела недела во киселина. Мислев онака само за себе да си го чувам, но многу луѓе ми кажаа дека им се допаѓа и знаат што сакам да кажам, па така излезе да биде едно од подобрите мои дела.“


Сара нѐ прошета до сите нејзини дела, а во меѓувреме разговаравме за нејзиниот живот во рамките на факултетот, зошто се бави со уметност, кога открила дека сака графика, како е да си студент и сѐ така по ред:

„Правам скулптури и инсталации и вљубена сум во графиката и да признаам малку е страшно да студираш уметност овде, бидејќи сите ти велат каде ќе одиш, што ќе правиш, но НЕ се замарам со тоа. Гледам да учам, да го учам тоа што го сакам и да бидам сѐ подобра и подобра.“

Потоа дојде време за првата секција на настанот – проекција на четири кратки филмови од студентите на ФЛУ и ФДУ. Проекциите беа горе, по скалите кон крајот на ѕидот, којшто гордо се пречеше со делата на своите студенти. Отидовме да ги погледнеме филмовите и баш пред да влеземе, слушаме како неколку девојки се смеат, а потоа една од нив вели; „На Теона делото е наопаку поставено“ и тргнува да го одлепи и да го намести како што треба. Баш помисливме колку е интересно делото што се викаше „Дожд“ и на коешто беа насликани малечки вирчиња вода коишто настануваат кога врне и најчесто се видливи на асфалтот или било која друга рамна површина врз којашто паѓа дождот, а кога ја прашавме Теона рече дека воопшто не сака кога врне и го мрази дождот, но ете вака насликано изгледа убаво и нејзе ѝ прави да се чувствува поубаво, додека го гледа насликаниот виорен дождец. Уметничка душа и сѐ е поинаку. 


Да не заборавиме на филмовите, топло ви ги препорачувам сите четири. Од нивниот уметнички, тематски, идеен и создавачки аспект, сите четири беа со својствена специфика. Погледнете ги, имињата им се: „Малечка“ на Ана Андонова, „Тука сум“ од Стефан Божиновски, документарниот „Филм за Марјан Величковиќ– Мачор“ на Тина Величковиќ и „Автопортрет“ на Розе Симоновска.
 
Освежувањето по филмовите и враќањето назад на сонцето не можеше да биде поубаво– лименка пиво и цигара. Вртиш поглед, во главата ти одѕвонува некоја јамајканска вибрација, поттикната од реге-музиката и луѓето почнуваат да движат. Разни начини на движење, кој со тело, некој со глава, останатите само со насмевки, но сите уживаат. Не може да не се почувствува кога е толку многу видливо. 


„Не знам баш, многу ми е видено ова дело. Сликарство е, интересна замисла, но боите се исто распределни во сите девет споени платна коишто создаваат едно дело. Би требало да се истакне овде белата, а овде портокаловата или обратно и би било убаво да се разделени со малку простор меѓу нив, повеќе би се истакнале така.“


Слушнавме како ѝ соопшти девојката со темна кадрава коса и алки што звучно тропоткаат додека ги мрда рацете кога зборува на својата пријателка. 

А пријателката, девојка со многу кратка коса и опуштена става ѝ рече: „Мене баш ова најмногу ми се допадна, но се согласувам има некои што се многу чудни, не се добри или пак, не се добро поставени и уметноста во нив се засенува, како ова на пример“ и покажа кон скулптурата со црвена решетка како штит за којашто зброувавме малку погоре. 

Студентите од ФЛУ, подготвиле уште едно изненадување – можност за посетителите да ги набљудуваат додека работаат со техниките со коишто се креира графичко дело. Вака беше...Ние седиме од надвор, а тие внатре во просторијата со стаклена површина и си работаат. Не нѐ пуштаат никако внатре, иако екстра љубопитните си ја пробаа среќата. Но реално, тоа се работни, факултетски простории, плус мириса на боја и други материјали, а и што ќе прават внатре оние кои не знаат како оди процесот. Ама, сѐ на сѐ, убава идеја им беше и сработија по нешто. 

Наближи 19:00 часот и сите почнаа да се собираат, сонцето веќе одамна поставено на залезот, музиката се намалува и потоа целосно секнува, одговорните луѓе ги тргаат делата, а на дојдените не им се заминува. Сите стануваат, а низ тивките разговори како да им струи гласно фестивалското „уште...уште...уште“ и погледите им трагаат кон движење коешто ќе покаже дека настанот ќе продолжи, но тоа не се случува. Како што велат постарите, сѐ што е убаво кратко трае, па така и целодневниот настан посветен на уметноста го доби својот крај. Беше убаво случување, потсетник и впивач на убавите моменти, разговорите, смеата и разноликоста на луѓето, од што кратко кажано - се инспирира самата уметност чиишто дела ги славиме.
Честит нека ни е денот на уметноста!



Да пишува и е омилена пасија, а кога не го прави тоа, веројатно разгледува изложби, гледа филмови и театарски претстави, чита статии (весници и списанија обавезно) или излегува со друштво. Уметноста, танцот, говорот на тело и сѐ друго што може да произлезе од човекот и е од особен интерес, а во животот се стреми да ги запознава, препознава и да пишува за луѓето и нивните големи и мали дела како новина за светот или да ги вметнува како ликови во своите книги.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ