• Немате производи во кошничката.

ИМПРЕСИИ ОД ПАРАДИГМА


Во петокот, на 16-ти октомври, се случи најголемата студентска изложба насловена како „Parádeigma“, каде 78 автори од Академиите за дизајн при Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите” изложија повеќе од 400 дизајн решенија и концепти.

Ги прашавме, што е Parádeigma (Парадигма)? – Ни објаснија дека терминот е метафора во контекст на „пример“, а од аспект на филозофијата може да претставува метод на истражување или придонес во одредена област, а придонесот кон нашата (студентска) дизајн сцена на „Парадигма“ беше изложен во четири хали во објектот „Јавна соба“. 

Така, откако ни измерија телесна температура, па малку го почекавме нашиот ред, прво се упативме во „Makers Room“ каде беа поставени делата од студентите на Академијата за моден дизајн и Академијата за продукт дизајн. 

Под менторство на Никола Ефтимов, Никола Булески Буле, Ирина Тошева и Александра Јовановска, студентите на Академијата за моден дизајн храбро и со забавни патерни и мотиви ги испреплетоа своите колекции и ја пренесоа саканата порака: ослободени и модерни, парчиња облека со кои се дефинираме себеси и духот којшто секој поединечно го носи во себе.



Студентите од Академијата за продукт дизајн под менторство на Јовица Мијалковиќ, Јована Јованова, Апостол Тноковски и Илија Паунков, автентично го имаа пренесено наученото во различни полиња на интерес. Од модел на кујна изработена од органски отпад, шишенца за парфем изработени од различни камења, па сè до „X – точка“ и „Не лути се човече“ (еко-дрвени интерактивни игри). Иновативноста и грижата кон околината и природата се препознаваат и чувствуваат во сите решенија.



Продолживме понатаму во следната хала, каде течеа филмовите изработени на предметот Мултимедија под менторство на Дејан Џолев, а од страна на студентите од Академијата за визуелни уметности, Академијата за графички дизајн и курсот по филмска режија. Секој филм со своја различна тематика и порака, во една минута успева да го прикаже оригиналниот стил на секој поединечен автор.

За крај, на првиот кат ја оставивме „Conference Room“ која беше исполнета со различни графички и илустрациски решенија на студентите од Академијата за визуелни уметности и Академијата за графички дизајн, под менторство на Петар Павлов, Зоран Кардула, Влатко Ристов и Игор Делов. Илустрации од познати личности, логоа, дизајн на амбалажи на различно производи, постери, дизајн на корици на книги и уште многу други примери се несомнено дел од причината зошто оваа изложба беше наречена и најголема студентска изложба оваа година. Иако под менторство на исти ментори секој автор вешто го имаше преточено наученото во свој стил и начин на изразување.



Откако комплетно го изуживавме изложеното на првиот кат, се упативме кон „Cosy Room“ на поткровје каде топлината и начинот на која беше уредена го збогатија целокупното искуство. 
Во оваа хала беа изложени фотографиите и реконтекстуализациите изработени на предметите: фотографија и пост-продукција од студентите на Академијата за визуелни уметности и Академијата за графички дизајн, под менторство на Дејан Џолев како и на курсевите по фотографија, пост-продукција под менторство на Драги Неделчевски и Дејан Џолев и фотографии од работилницата за NUDE фотографија под менторство на Владимир Тасевски
Секоја фотографија ја раскажува својата приказна, а тука беа испреплетени многу приказни кои отворија нови димензии и техники на изразување.



Целокупните импресии кои ги стекнавме на „Parádeigma“ уште долго ќе останат во нас. Светот на дизајнот и на уметноста по оваа изложба се здобија со нови, автентични и прогресивни автори.






______
Фотографија: Филип Бојковски

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ