• Немате производи во кошничката.

На скалички со Мартина Петреска


ЕДНАШ НЕДЕЛНО, „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД АВТОР ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

Со Мартина седнавме на скалички пред МКЦ, да ни раскаже за овогодинешното издание на „Здраво млади“. Мартина е човек кој нема едноставен одговор на прашањето „Од каде си? “, а и трите дијалекти не помагаат. И навистина си мисли дека ќе ги изгледа сите филмови што ги ставила на watchlist на imdb.    
„Во реалноста се занимавам со промоција на култура, организирање настани (и сѐ друго што си доаѓа во тој фино спакуван пакет) во МКЦ-Скопје. Мојата улога на „ЗДРАВО МЛАДИ“, воедно и во МКЦ, е да заинтересирам што повеќе млади во новите локални (и меѓународни) upcoming артисти кои секоја година го наоѓаат своето место на програмата. Пет збора коишто би ме опишале се: тврдоглавост, досетливост, нон-стоп, вода и точак (од што сѐ уште ми е на поправка).“ 


За минатото…


Секоја година правиме мала ретроспектива на фестивалите во наша организација, па така и оваа година се потсетивме на сите артисти кои настапиле на изминатите 10 изданија на „ЗДРАВО МЛАДИ“. Ѕирнете ги тука. Не ми се верува какви артисти настапиле и малку ми е криво што не бев дел од сите изданија (особено првите). Нешто што ми оставило впечаток е настапот на Slowdive во 2017, во придружба на дождот. Кој беше – знае. Има многу интересни случки и спомени, но за тоа повеќе ќе читате во Монографијата на МКЦ којашто излегува следната година (за 50 годишнина!). Кога сме кај акцијата #ДрагМКЦ, можете и вие да бидете дел од Монографијата, со ваши приказни и случки, повеќе инфо тука.


За овогодинешното издание на „Здраво млади“…


Фестивалот на нова музика „ЗДРАВО МЛАДИ“ се одржува по 11 пат! На 27 август (петок) во паркот на МКЦ настапуваат: Shortparis – генијален бенд од Русија, миленикот на скопската публика Hercules & Love Affair или Andy Butler, Murman Tsuladze со магичниот грузиски килим, KOIKOI од Белград, домашните ИСКРА и Blackstate, шпанските постпанкери Belgrado, мистериозниот романтик Peki Pele, човекот без кој не се одржува фестивалот – Ирецот DJ FITZ и Луфтханза – најтазе бенд на македонската алтернативна сцена. Оваа година (како и секоја) не се пропушта еден од ретките фестивали којшто нуди толку уникатна програма. „ЗДРАВО МЛАДИ“, за мене претставува одличен провод и шанса да се запознам со нова музика, нови луѓе и некоја нова верзија од мене.



За овогодинешните изведувачи…


Во моментот, многу се гордеам со домашната музичка сцена. Особено младите бендови и соло артисти кои имавме шанса да ги слушаме изминатиов период. Тука би ги издвоила Драги Иванов, Stoned Hedge, Dope Kukjata, Дина Јашари, S.A.M., Хајка, екипата од OX streets, Мартина Баракоска, ZeeBomb, Зулу 3.4, Дактили итн. Тука се и ИСКРА, Blackstate и Луфтханза кои ги гледаме овој петок во МКЦ! Се радувам и на другарите од Amok radio и Pandamonium radio за успешните мисии и одличната реализација на нивните идеи. Кога сме кај актуелните странски изведувачи, тврдам дека имаме полн погодок на „ЗДРАВО МЛАДИ 11“, иако поради целава ситуација дојде до измени во програмата. Мислам дека секој кој доаѓа на „ЗДРАВО МЛАДИ“ си оди дома побогат со музичко знаење и се запознава со барем еден артист/бенд со кој останува на иста фрекфенција долго време по фестивалот.


За изложбите… 


Покрај музичката програма, имаме и две изложби! „Маска или преобразба на изопаченото“ – изложба на прекрасната уметница Бранкица Јордановска. Се работи за серија од графики, цртежи и објекти коишто ја истражуваат маската како ликовна, формална и шпекулативна фигура, којашто во себе содржи потенцијал за различни пројавувања, трансформации и метаморфози. Динамичноста на маската е земена како олицетворение на социјални и емотивни процеси, коишто постојат надвор од нормата и коишто честопати можат да бидат обележани и осудени како настрани и изопачени.Згора на тоа, ќе бидат изложени сите постери што ги добивме на Конкурсот за официјален постер на „ЗДРАВО МЛАДИ 11“ на којшто победи Катја Штркова. Голема благодарност до неа за целиот дизајн на овогодишното издание и креативните решенија со коишто инспирира.



За иднината…


Планови за иднина и идни проекти се ситуации што ќе ги решава идната Мартина. Фестивалите растат сѐ повеќе и повеќе секоја година, дури и во овие вонредни ситуации во коишто најважна е адаптацијата. Во моментот, сум дел од најдобриот тим што некогаш раководел со МКЦ и не би ја сменила екипава со ништо. Константната желба за предизвик и нови искуства полека нѐ подготвува за новите генерации кои ќе го најдат своето место во кино Фросина, сала 25 мај, МКЦ парк… 

Пред да ве поздравам од „на скалички“, мало потсетување:




















Фотографии од Здраво Млади 10 // Фотограф: Дејан Џолев




___ __
Фотографија на насловна: Мартина Пенева

Елена е редовна студентка при Универзитетот Американ колеџ [насока: Маркетинг] и студентка на Академија за графички дизајн при „Џолев и уметностите“. Таа е главен пишувачки уредник на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ