• Немате производи во кошничката.

ЕКСПЛОАТАЦИЈАТА Е ПОЕВТИНА ОД ИНОВАЦИЈАТА


РАЗГОВОР СО: ИРИНА ТОШЕВА [Модна дизајнерка]


„Ти се јавив за да не си ги заборавиме гласовите...“ - без да кажам здраво, ја поздравив на телефон Ирина Тошева. 

Всушност ѝ се јавив да поразговараме на актуелни теми од модната индустрија. 

По неколку мои прашања во текот на разговорот, Ирина ме коригираше дека воопшто не зборуваме на актуелни теми или барем таа мислеше дека има поважни теми од модната индустрија, а тоа е текстилната. Повторно по неколку прашања ме прекина за да ме коригира дека поважна е темата за работничките права, отколку за модниот менаџмент.

Ми требаше подолго време да ја прочитам нејзината хуманистичка намера дека преку овој разговор можеме да пратиме порака, овој разговор може да биде критика, овој разговор може да биде поддршка. 

„Да почнеме од почеток?“ - ја замолив. 

Ти се смачи од стариот шифуњер дома и плафоњерките во тоалетот?  Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за ентериер и продукт дизајн.

ВИНТИЈАГА


Сакаш да ја дизајнираш новата винтијага на Кање Бест и да работиш за брендови како  Валенсијага, Чанел, Америго Веспучи? – Започни ја твојата кариера од соништата и запиши се на Академијата за моден дизајн.




ЗА ТЕКСТИЛНАТА ИНДУСТРИЈА


ЏОЛЕВ: Модната индустрија е долг ланец од професии. Текстилната индустрија е на самиот почеток од синџирот. Дали, во хаосот предизвикан од вирусот Ковид, на удар се компаниите или работниците (најверојатно и двете)? Кои се твоите сознанија и размисли?
ТОШЕВА: Технологијата за производство на облека не е драстично променета и модернизирана во последните 50 години. Зошто? Затоа што трудот (експлоатацијата) е сè уште поевтин од иновацијата.
Текстилната индустрија кај нас уште од јануари чувствува загуби. Многу нарачки од лон- производството, иако договорени, не можеа да се исполнат, затоа што брендовите набавуваа материјали од Кина, каде што сè беше стопирано. Гласен текстилец уште од март апелираа и предупредуваа за зголемените ризици на коишто се изложени вработените во оваа индустрија. На почетокот имаше и одјавувања од страна на работодавачите, плати под минималната и непродолжување на договорите на ранливите групи (хронично болни, бремени жени и мајки на деца до 10 години). 
Изминатиов период, видовме дека текстилната индустрија во Штип е еден од најпогодените кластери од Ковид-19. Тоа најмногу се должи на неспроведување на заштитните мерки при работа и групниот превоз на работниците од страна на работодавачите. Проблемите со прекршување на правата и злоупотребата во текстилната индустрија не се нови, но ситуацијата ги направи уште повидливи недостатоците на институциите и слепиот систем за заштита на работничките права.
На социјалните мрежи глобално активна е и #PayUp кампањата каде што потрошувачите ги повикуваат големите брендови коишто ги откажаа своите нарачки во фабриките низ Бангладеш, да платат за сработеното. Облеката се произведува неколку месеци пред да се најде на рафтовите во продавниците, добавувачите набавиле материјал, фабриките ги завршиле нарачките, а брендовите сега одбиваат да ги преземат и платат. Се проценува дека долгот кон работниците изнесува над 3 милијарди долари. Ваквите иницијативи им даваат глас на најранливите во модниот систем.



ЏОЛЕВ: Затворени беа конфекциите, затворени беа и продавниците каде што 80% од продажбата на индустријата се води преку физичка продажба на производите, всушност гардероберите сè уште се заклучени. Модните недели откажани… Анализата навистина е поразителна, но, и покрај сè, оваа криза сигурно ќе донесе нови стандарди, револуција во дадени сегменти, нови тенденции, селекција на квалитетот… 
ТОШЕВА: Модата претрпи сериозни промени, коишто и натаму ќе се случуваат. Некаде прочитав дека излезот од кризата има 5 фази: Resolve, Resilience, Return, Reimagination, Reform, па ќе наведам неколку такви светски примери.
Голем дел од светските брендови се приспособија на новите потреби дозволувајќи да се купува онлајн, но клиентите ги подигнуваат или заменуваат производите во продавниците. Дел воведоа и видео-консултации директно од продавниците или се насочија кон 3Д модели и виртуелна реалност овозможувајќи им на клиентите да ги гледаат, дури и пробуваат, производите преку својот мобилен телефон. 
Антибактериското третирање на облеката веќе беше релативно распространето на пазарот со цел потрошувачите поретко да ја перат облеката и заштедат ресурси, но пандемијата ја забрза побарувачката. Неколку светски текстилни произведувачи веднаш се фокусираа на изработка на текстилни материјали каде што вирусот би се уништил неколку минути по контактот. 
Помалите дизајнери ги искористија остатоците материјали од минатите колекции и се фокусираа на изработка на маски донирајќи поголем дел од нив. На тој начин, покрај хуманоста, најдоа начин да стигнат до некакви ресурси за да не ги отпуштат своите вработени. 
Периодов сведочиме и на „размрдување“ на модниот календар. Дел од најголемите дизајнерски имиња најавија дека се повлекуваат од традиционалниот формат на модните недели, го намалуваат бројот на колекции во годината, а има и такви коишто со петиција побараа да се прикажуваат колекции за претстојната сезона со што ќе се намали непотребното производство, големите залихи (каков што е проблемот сега со пролетните колекции) и патувањата (многупати во годината) за модни шоуа низ целиот свет.
Верувам дека брзината и снаодливоста со којашто секој (независно дали е поединец или компанија) ќе се приспособи на ситуацијата и ќе се фокусира на иновацијата, го има клучот за побрз излез од оваа криза. Најлесно е да седиме во комфорната зона и плачеме чекајќи државата да ни помогне.

____
Промените во индустријата покренуваат промени и во образованието. Формалното образование (во креативните дисциплини) е статично од аспект на промени, за разлика од неформалното, коешто брзо успева да се прилагоди на новите потреби, алатки и вештини што ги диктира индустријата, ја запрашав…


ЗА ОБРАЗОВАНИЕТО


ЏОЛЕВ: Какви промени се потребни во образованието? Што е важно да се воведе како новитет во наставните програми или сè уште е рано за ваков тип интервенции?
ТОШЕВА: На нашето формално образование му се потребни промени од корен. Се соочуваме со незаинтересирани ученици, пренатрупан материјал со неважни и неажурирани работи и теми. Но и неформалното образование е особено важен сегмент за стекнување на дополнителни вештини и станување поконкурентен на пазарот на трудот.
Моден дизајнер е професија којашто бара многу работа и пракса, што не доаѓа прекуноќ. Модата е свет којшто буквално трча напред, трендовите, технологиите коишто се користат, одржливите практики, употребата на материјалите, маркетингот… треба да се биде во чекор со сите процеси секојдневно. 
Од моето шестгодишно искуство како ментор и предавач на разни модни наставни програми и проекти, сепак прстот би го вперила и кон повеќето студенти (и родители) и нивната мрзеливост и летаргичност уште на самиот почеток. Џабе е и најдоброто образование и најдобриот професор на светот, ако тебе „те мрзи“. 



_____
Десетина минути пред овој разговор, во Школа за дизајн и уметност Џолев и уметностите [кадешто работам како Уметнички координатор, додека Ирина е Ментор на предметот „Моден бренд и менаџмент“], се запиша студентка на Академијата за моден дизајн, која реши да се откаже од досегашните студии по бизнис...

ЏОЛЕВ: Што би препорачала на родителите коишто ги „советуваат“ нивните деца дека од дизајнот/уметноста/модата не се живее. Дали студентите (т.е средношколците) треба да бидат ПОУПОРНИ при борбата/убедувањето на родителите дека тоа е најдоброто за нив. Дали навистина не се живее од дизајн?
ТОШЕВА: Поддршката и вербата од најблиските е исклучително важна, но поважна е внатрешната решителност и сигурност во себе. Тука би ја раскажала мојата приказна… Потекнувам од фамилија на професори и научници, без уметничка позадина. Во моментот кога одлучив да се запишам на моден дизајн, моите родители ми рекоа: „Школувањето можеме да ти го обезбедиме, но натаму останува на тебе. Дали си сигурна?“ – „Сум.“
Кога одлуката ја соопштив на најблиските другар(к)и, видно збунети, ме прашаа: „Сигурна си дека ќе имаш од што да живееш?“ – „Сум.“
Искрено, најпрвин мислев дека ситуацијата ќе биде обратна. Сега, како растат моите успеси и мали победи, убава е радоста и гордоста на лицата на блиските, но незаменливо е и чувството „на душичката“ дека сè тоа сум го постигнала сама.
Креативните индустрии покажуваат дека креативниот потенцијал може да се стави во функција на економскиот развој на земјата. Но, треба многу да се работи, да се жртвува и биде дисциплиниран во остварување на своите планови, да се биде амбициозен, истраен и да се игра фер. Не може сите да бидеме банкари, менаџери и информатичари. 

_______
Во нашиот неколкучасовен разговор, не можев да го избегнам прашањето…


ЗА ИРИНА ТОШЕВА


ЏОЛЕВ: Изминатата деценија, во континуитет, твоите модни колекции ги претставуваш на Модниот викенд Скопје, но оваа пролет, искрено, на мое изненадување, не беше една од учесниците. Дали се работеше за стратешко решение пред ковид-кризата или пак токму пандемијата ги повлече твоите проекти?
ТОШЕВА: Одлуката да паузирам од овогодинешното (и прво дигитално) издание на Моден викенд Скопје беше донесена кога пандемијата ја слушавме само на вести, како нешто што се случува во Кина. Пролетта ми беше резервирана за тековните нарачки и проекти, а прикажувањето на новата колекција, уште од минатиот ноември, беше планирано да биде во август. Така и ќе биде! : ) 
Ковид-19 кризата можеби ми ги помести и одложи пролетните планови, но ми го даде најголемиот луксуз-времето! Убаво и темелно да ги обмислам следните проекти, да истражам и научам нови работи за коишто никогаш немав доволно време или нерви, а и едноставно да земам здив и сфатам каде сум и каде сакам да бидам.

ЏОЛЕВ: За минатите неколку месеци… Како се одрази општествената пауза на твоето дело и бизнис? 
ТОШЕВА: Карантинот беше повод да научам како е да се забави и да се направи простор за емоции и мисли, коишто, честопати, се задушени од обврски. Креативниот дел и клиентите беа на пауза и затоа се посветив на едукација и промена на одредени сегменти во мојот бренд. Уште првата недела, на социјалните мрежи почнав да споделувам интересни модни факти и приказни (#learnsomethingneweveryday), па модни совети и трикови надополнети со илустрациите на Моки, а заедно со Магнетик, составивме и моден речник на основни поими.

ЏОЛЕВ: За следните неколку месеци… Што се крие на твоето работно биро, во твојот тефтер на идеи?
ТОШЕВА: Последниов период, посветено работам и на новата колекција, којашто ќе биде презентирана во август. Се крчкаат и други новости, па… следете ме! 


Ирина Тошева, бескомпромисна креативка, промоторка на македонските креативци, активист, филантроп, моден дизајнер. 

„Се гледаме утре!“ - ја поздравив Ирина, без да проверам во распоредот дали утре навистина ќе најдам време да присуствувам физички на фотографирањето за насловната фотографија за потребите на овој разговор.  


_______
Фотографија: Антонио Станков
Асс. на фотографија: Мартина Салова Чешновар
Дир. на фотографија: Дејан Џолев

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ