• Немате производи во кошничката.

ГЕРИЛА МАРКЕТИНГОТ НЕ Е МРТОВ, САМО ЈА ИМА ПРОМЕНЕТО ФОРМАТА


РАЗГОВОР СО: МЕРИ ШЕШО [HEAD OF DIGITAL, McCann Skopje]


„Препорачај ми некој со цел анализа на потенцијалните промени во начинот на огласување кај компаниите, ми треба маркетар од маркетинг-агенција или дизајн-студио“ – ја замолив Александра Новеска, преку инстраграм, затоа што ја немав на фејсбук.

„Тебе ти треба Мери Шешо, пиши ѝ веднаш, не чекај пладне, затоа што на Мери ручекот ѝ е посебен ритуал, немој да ја реметиш“, ме предупреди Александра.


Ѝ пишав на фејсбук:

Здраво Мери,
Верувам дека не те вознемирувам, добив предупредување да не ти пишувам за време на ручек, а јас, како за инает, токму за време ручек.
Би сакал да продискутираме во наредните неколку дена [на Скала] за новите дизајн и маркетинг - тенденции!

Здраво Дејан,
Време ручек е релативен поим, исто така како време на консумирање социјални мрежи... така што, сè е океј и добредојдена е пораката :) 
Отворена сум за разговор. 


__________

ЏОЛЕВ: Работиш како Head of Digital во маркетинг агенција – една од основачите на македонската рекламна индустрија [МcCann Skopje]. Што е „хед оф диџитал“, објасни ми како на човек кој се занимава со цвеќиња?
ШЕШО: Хед оф диџитал или, на нашки, раководител на одделот за дигитален маркетинг. Односно, имам тим од дигиталКи со коишто заедно се грижиме за дигиталните проекти/аспекти/потпроекти/активности за нашите клиенти.




ЏОЛЕВ: Дали изминатите неколку месеци нашите деловни состаноци, патувања, конференции, брифинзи, се одложија или само ја променија формата? Последните неколку недели, од кога се нормализираше состојбата, светски [и наши] агенции и дизајн-студија размислуваат да ја преструктурираат формата на работење, дали се пронајде поевтин начин на функционирање и, доколку е така, дали истиот е практичен?
ШЕШО: Како родена охриѓанка, одговорот треба да биде дека „нема поубо од ‘работа од плажа’“ : ) Вистината е дека ако имаш работа, не ти е битно од каде ја вршиш, сè додека не ја завршиш. 
Шега на страна, не би рекла дека се најде поевтин начин на функционирање – колку што се најде поефективен начин и дефинитивно попрактичен. Наеднаш, сите работи можеа да се решат со маил/повик [наместо двочасовен состанок]. Компаниите коишто немаа ресурси, време и услови и за кои дигитализацијата беше предвидена во претстојниот петгодишен план – наеднаш тоа го направија.
Во контекст на work from home работа – на почеток постоеше страв дека помалку ќе се работи, но, увидовме дека тоа е до личноста, не до локацијата од каде што се работи. Јас дури имав и лична мини победа со мојот time management и успевав да сработам многу повеќе споредено од обемот на работа завршен во работните простори. Секако, таму имаш повеќе дистракции, колеги, разговори, пауза, одмор… кои, колку и да не признаваме, се ситници што ни го цепкаат времето и дефокусираат. Да не бидам сфатена погрешно, на крајот од денот, сепак е супер да си опкружен со колеги, да се консултираш за работа, но и да се насмееш на сто други различни неповрзани теми… од тоа произлегуваат супер идеи и проекти. А, и тие двочасовни состаноци со клиенти се одлични за градење и негување партнерски врски, коишто на крајот од денот ќе вродат со (не)очекувани кул кампањи.
ЏОЛЕВ: Кој би бил краткиот одговор на ова?
ШЕШО: Краткиот одговор на ова би бил: Mислам дека некоја комбинација од овој и оној начин на работење би бил идеален. Нели, ова што се случи, се случи за да извлечеме некоја лекција и да научиме да функционираме подобро, во [скоро] сите аспекти?!


ЏОЛЕВ: Разговарав со близок пријател од локална маркетинг-агенција… ми спомна: „не само што не се намали работата, туку барањата од клиентите се зголемија“. Дали индустријата се трансформираше преку ноќ? Дали огласувањето во виртуелниот простор ја зазема позицијата за којашто се говори подолго време или повторно клиентите ќе имаат потреба од билборд печатена реклама?
ШЕШО: Не само што адвертајзингот се трансформираше, маркетинг-индустријата, туку и самиот СВЕТ се трансформираше. Колку што пандемијата го забави и за момент запре светот, толку од друга страна ги забрза работите во дигиталниот свет. Не само во поглед на дигитализација кај компаниите, туку и во купувачките навики на потрошувачите. Луѓето се ослободија и почнаа да веруваат повеќе во онлајн-купувањето.
Во однос на индустријата… мислам дека секаде имаше еден мал „skip a beat” застој, освен во дигиталниот маркетинг. На дигиталното поднебје, се случи само на момент… еден „brain fart” да го наречам, кога се запрашаа сите „А што сега?“ и се чекаше кој на каде да потегне, за сите после да следат. Тие најхрабрите што никогаш не престанаа со комуникација со своите клиенти и публика, тие се тие што најмногу добија – изградија поголема доверба, покажаа дека се партнер на кој може да се потпрат и допрва ќе уживаат во плодовите на оваа нивна храбра, а правилна одлука.
Она што е добро, е што конечно бизнисите сфатија каде треба да ги алоцираат своите буџети и каде треба да комуницираат со своите клиенти. Факт е дека, без разлика дали луѓето се затворени дома или се надвор на отворено – дигиталните канали ќе бидат и останат место каде што во секое време може да ги најдеш и да им се обратиш. Во време кога се препорачува физичко дистанцирање, дигиталните канали обезбедија социјално зближување.


| Ми се допадна генералниот заклучок на Мери дека КОВИД го забрза процесот на транзиција од традиционален маркетинг кон дигитален. Таа тенденција несомнено ќе продолжи, а со тоа и потребата од повеќе маркетари, дизајнери, но и потреба од нови професии. Бев среќен што разговарам со личност која добро ја познава индустријата, вистинско место и простор да разговараме за потребите на истата.



ЏОЛЕВ: За подобрување на самата индустрија потребен е професионален кадар. Со кои проблеми се соочувате како сектор кога треба да вработите ново лице? Што е тоа што им недостига на кандидатите? Кои се вашите очекувања како компанија или уште подобро да го позиционирам прашањето, што би ги советувале студентите, но и образованието, дали е потребно да се имплементираат нови алатки и методи на учење?
ШЕШО: Вработувањето и потрагата по нов човек е долг и скап процес, за кој најчесто секогаш рокот е краток. Нели, ми треба човек сега и веднаш?! Затоа, во повеќето случаи иницијално се започнува со интерен head hunt и препораки од колеги/релеватни луѓе од индустријата.
Што сакам со ова да кажам? Personal branding и позиционирање како стручњак/познавач/заинтересиран/желен за учење и истражување во својата струка е нешто во што силно верувам. Работата на себе и своите вештини никогаш не треба да престане. Но, како што е потребно да се промовира еден производ со цел да го позиционираме на пазарот, така е потребно да се промовираме и себе и своите вештини, со цел да се позиционираме на пазарот на трудот.
Во контекст на потребни квалификации и вештини, би кажала дека формалното образование е пожелно, но никако не е пресудно. Дури, би одела до таму што би кажала дека неформалното образование може да има поголема тежина – секој курс, онлајн-предавање, вебинар, академија, видео туторијали… сè може да помогне и придонесе за конкурентска предност пред другите кандидати.
Искуството е секогаш предност при вработување, ама пред да настапите со прашањето „како да имам искуство, кога треба да се вработам за да имам искуство“ – искуство не значи дека мора да бидеш вработен некаде. Искуство се стекнува со работа на проекти, конкретна задача, измислена кампања, вежби по дома, домашни задачи… Она што им го велев на моите студенти [бидејќи бев предавач по Дигитален маркетинг на 2 академии за неформално образование] е дека она што ќе го научите на предавање нема никаква тежина, ако не го ставиш во функција и во контекст на реални примери – измисли клиент, кампања, задача… постави го проблемот и после разработи го и најди му решение.  Сето тоа е искуство што може да го презентираш.


ЏОЛЕВ: Верувам ќе одекне гласно овој твој прекрасен одговор до студентите и до оние лица со желба за професионална прекфалификација. Ќе си дозволам да го заострам дискурсот, во контекст на твојот последен одговор. Дали потребата од брзо информирање и пред сè таргетирање на целната група на која ѝ се обраќаме, го „уби“ графичкиот дизајн? Имам чувство дека функцијата на дизајнот денес е да биде разбирлив и убав. Во минатото, адвертајзингот преовладуваше со супер интелегентни визуелни метафори, бевме сведоци на раѓањето на герила-маркетингот, но денес терминот е мртов.
ШЕШО: Па делумно не се согласувам : ) Графичкиот дизајн и тоа како е важен во дигиталниот маркетинг, а герила-маркетингот не е мртов – можеби само ja има променетo формaта. Герила-маркетинг е стратегија/формат на промоција, а во овој случај, само каналот е дигитален.
Се согласувам дека креативноста во дигиталниот маркетинг е таргетирањето и достигнувањето до посакуваната целна група… но, кога веќе ќе ја пресретнеш твојата публика, треба и да знаеш како да им се обратиш. Дизајнот/креативата/визуелното искуство, во простор каде имаш 0,2 секунди внимание (или колку што трае еден скрол на палецот) е можеби пресудна. Креативноста е како на толку мал простор, да сместиш сè што треба да пренесеш и кажеш, тоа да изгледа визуелно привлечно, разбирливо, систематски решено, да ги следи бренд-принципите, како и правилата на самите социјални мрежи и огласување.
Секој дизајн/креатива на социјалните мрежи всушност е засебен key visual. Секоја т.н. „сликичка“ на социјалните мрежи треба да се обмисли како носечки изглед на една кампања – тоа значи дека треба да се вклучи арт-директор, копирајтер, дизајнер, дигитален менаџер, огласувач… Да се осмисли форматот, пораката што треба да се пренесе, да се постави, да се напише слоган, потслоган, текст на вижуал, пропратен текст, да се знае за која таргет група е наменет и на кои канали ќе се пласира.




ЏОЛЕВ: Од аспект на клиент, кој е подобар избор, да отпечатиме и поделиме 5.000 флаери или финансиите да ги вложиме во дигитален маркетинг? Претпоставувам одговорот ќе биде она второто, затоа подобро е да одговориме „зошто”? И дали оваа потреба на клиентите се резултира со ширење на дигитал-секторот во маркетинг агенциите?
ШЕШО: И 5.000 флаери се добар избор за промоција, ако твојата целна група е собрана во една просторија и чека да им ги поделиш флаерите : ) А, во ова време, такво групирање не е препорачливо : ) Токму тоа е најосновното „затоа“ – моќта на дигиталниот маркетинг е во можноста да ја таргетираш токму твојата целна група.
Од друга страна, дигиталниот маркетинг знае да биде најефективен и исплатлив – ако знаеш да го работиш правилно. Пример, закуп на еден билборд може да чини многу – билборд пред кој поминуваат голем број минувачи… кои пак гледаат во телефон додека го одминуваат твојот билборд. А пласирањето на истата таа порака во нивните телефони, може да чини 1% од цената… Не велам дека билбордите се лоши… само дека мудриот микс на канали и пораки, пласирањето на вистинската порака во вистинско време пред вистинска публика е она што дава резлутати.
Што се однесува до растот на дигиталниот маркетинг… ќе се навратам на одговорот на првото прашање – растот само во последните три месеци [откако започна кризата] на дигиталниот маркетинг и буџетите алоцирани во овој сектор, е далеку поголем споредено со растот во последните три години. Конечно компаниите сфатија дека е доста важно да се вложува во присуство на дигиталните канали и да се инвестира во градење на доверба во онлајн-заедницата.
Се надеваме дека ваквиот тренд нема да биде еднократна појава, туку ќе остане пракса и дигиталниот маркетинг ќе стане доминантен канал при алокација на буџетите за маркетинг и промоција. Како што впрочем е пракса насекаде низ светот.
ЏОЛЕВ: Ми одржа вистинска лекција Мери! Ти благодарам. Сè што ни преостанува е сина кошула и сина марама, за потребите на фотографијата од насловната.

_______
Фотографија: Антонио Станков
Асс. на фотографија: Виктор Стојков
Дир. на фотографија: Дејан Џолев

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ