• Немате производи во кошничката.

ГЛАСОТ НА ГЕНЕРАЦИЈА ЗЕТ


РАЗГОВОР СО: Аника Чорбеска [студентка по филмска и тв продукција, тв уредник на Скала магазин]
РАЗГОВАРА: Дејан Џолев.

На покана на Француската независна организација за млади и иновативна култура Arty Farty, „Скала магазин“ се приклучува кон Sphera - платформа за алтернативни медиуми во Европа. По тој повод, бевме дел од првиот настан, организиран во рамките на оваа соработка - European Lab x Sphera, на 5 февруари во Будимпешта. Покрај сите формални и неформални активности, би сакале да го издвоиме учеството на Аника Чорбеска [нашата видео-уредничка], која беше дел од панел-дискусијата на тема „Формата на медиумите за идните генерации“.


НОВИТЕ МЕДИУМИ


ЏОЛЕВ: Запознај ме повеќе со концептот на настанот, од што се состоеше !?

ЧОРБЕСКА: УФ, првин ќе кажам неколку зборови за Будимпешта. Ако не сте биле досега во Будимпешта, мислам дека треба да ви биде прва на листата. Не само поради архитектурата, големата моќна историја и кафеавиот топол тон којшто се чувствува во градот. Луѓето… Кои се полни со енергија, живост и добрина. Голем град, барем за мене, од Скопје. Иако сè се движи толку брзо, сепак луѓето имаат да одвојат време да те упатат на правото место. Се изгубив неколкупати додека се обидував да си го најдам хотелот, но не само што ме упатија, туку и ми пишаа порака: „Хеј Аника, дали стигна?”. Се чувствував безбедно и прекрасно. Дури и ја имав најубавата тура низ Будимпешта со другарче кое го запознав токму таму.

ЏОЛЕВ: За турата со другарчето ќе зборуваме на пиво! Ајде да се вратиме на настанот : )

ЧОРБЕСКА: Настанот беше микс од многу активности: панел-дискусии, интервјуа, работилници, мини изложба и музички перформанси. Сè тоа во еден ден. Главната тема на настанот беше „Новите генерации и нивната одговорност” (Next generations takeover). 

Од организациски аспект, тоа беше неверојатно. Целиот настан течеше непрекинато. Изборот на локација -одличен. За сите креативци кои одат во Будимпешта -морате да седнете во Aurora, имаат настани секоја недела и скоро секој ден, треба да постои нешто вакво и во Скопје! Сите се чувствуваа слободно, буквално запознав над 30 луѓе само од настанот. 

Можам да кажам дека јас го отворив и затворив местото каде што се случуваше настанот. Пристигнав во 11 наутро, се прибрав во 2 по полноќ. Гледав да апсорбирам што повеќе информации. Тешко беше да си одам кога имаше толку кул луѓе околу мене и толку многу нови информации. На панел-дискусиите се правеше муабет на многу подтеми: Формата на медиум за идните генерации, нови форми на активизам, јавни политики и жителите од иднината и многууу други теми.

ЏОЛЕВ: Дали би можела да се сетиш на некои лични „откровенија“, впечатоци од панел-дискусијата?

ЧОРБЕСКА: Кога се дебатираше за активизам, една од девојките кажа: „Треба младите да се активираат, но истовремено да соработуваат со постарите”. Ептен се согласувам со ова, бидејќи ние сме тие кои треба да влечеме од искуството на постарите, а и бидејќи сме дел од новата генерација, се соочуваме со нови конфликти, нови препреки. Светот оди напред. Кога помладите и постарите би нашле заедничка точка, многу работи ќе се променат, подобрат.


На покана на Француската независна организација за млади и иновативна култура Arty Farty, „Скала магазин“ се Ние, Скалаџии во Будимпешта, исто така имавме неколку откровенија. На пример, уште првата ноќ се потсетивме на можноста во бар со пиво и кикирики на маса, големо друштво, жедно за размена на размисли од секаков тип, да остане до раните утрински часови. Без да дојде келнерот во 11:30 за наплата. …Ни го убија жарот на дискусиите, на седенките, на можноста да се опијаниш од зборување, да ги оставиш сите емоции на маса помеѓу другарите. Секоја скопска ноќ завршува во пикот на првиот чин, но Будимпешта ни понуди сè што му е потребно на едно друштво. Тоа утро, додека се прибиравме кон нашите кревети, сфативме колку нашиот град ни одземал - разговори до исрпување!


ЏОЛЕВ: Која беше целта на твоето учество?

ЧОРБЕСКА: Јас учествував во панел-дискусијата на тема „Формата на медиум за идните генерации“. Доаѓајки од генерација опкружена со технологија, уште имам потреба од милион тефтери. Но, недостатокот на тефтерот е тоа што нема можност да ми каже што се случува на културната сцена неделава во Скопје. Мене тефтерот не може да ми каже со кои уметници би соработувала во иднина, па затоа се роди потребата за дигиталните платформи.





Како претставник на „Скала“, би споделила малку од моето искуство. Како волонтер на оваа платформа, можам да кажам дека за мене е многу повеќе од дизајн и современа уметност. Учествување во процесот на креирање на ваква платформа е одлична едукација. Научив што е одговорност, што значи тимска работа, што значи продукција и ако набројувам, ќе треба да напишам уште 10 страни. Разликата од социјални медиуми и дигитални платформи е тоа што на платформите се сортирани најчесто корисни информации. Убаво беше да се слушне дека и други млади работат на вакви платформи. Треба да постои платформа за сè!

ЏОЛЕВ: На панел-топикот, фокусот се однесуваше на медиумските платформи за новата/ вашата генерација. Кој е твојот став по ова прашање… Кои се новите (потребни) медии, форми и начини на раскажување?

ЧОРБЕСКА: Сметам дека силата на новите медиуми е токму во специјализацијата и разновидноста на платформите. Бидејќи не само што вклучуваат едукација за публиката, туку едукација и за тимот кој работи во одреден оддел. Исто така, формата на ваков медиум дозволува правилно сортирање на сите информации и има селекција на само битни информации. Си има катче за сè и не се губи фокус при читање. Нови форми на раскажување, на пример токму тоа што го развиваме во „Скала“, пишаниот збор да се архивира во аудио-визуелна форма.


ГЕНЕРАЦИЈА ЗЕТ


ЏОЛЕВ: За што би ја критикувала твојата (з) генерација?
ЧОРБЕСКА: Пасивност. Сметам дека ние не вложуваме доволно енергија во она што го сакаме. Чекаме сами да ни се наредат коцките. Како од затворена книга, да очекуваме телепатски да добиеме знаење. Прво мора да ја отвориме и да ја прочитаме. Неодговорнот и мал ентузијазам за истражување. Има многу да се прочита, има многу да се види, многу да се чуе. Без разлика дали интересот е од општествена тема, наука или уметност.

ЏОЛЕВ: А за што би ја пофалила?
ЧОРБЕСКА: Храброст. Настрана од тоа, сметам дека има луѓе кои вложуваат во себе и се градат себеси. Има многу млади кои имаат што да кажат, пренесат, изложат. Особено овој период, многу млади се мотивираат да почнат свои сопствени проекти, изложби, работилници. Се надевам дека ќе нè има сè повеќе и повеќе.





ЏОЛЕВ: А што е она што сметаш дека треба институциите да го придонесат за поквалитетен развој на младите? Или уште поедноставно, што е тоа што ти фали тебе лично или генерално на вашата генерација?
ЧОРБЕСКА: Институциите треба да обезбедат простор за креирање. Всушност простор има, но ние или немаме пристап до него или не знаеме дека постои. На пример, ако фотограф аплицира со идеја за изложба во Министерство за култура и тие немаат доволно буџет за тоа. Најмалиот гест што можат да го направат е да ни дадат фидбек на концептот. Можат и да ни предложат место на коешто може да се прави бесплатно или да нè спојат со спонзори кои би инвестирале во печатење и врамување на делата. Недостасува интерес од публика за секаков вид на настани. Институциите не промовираат доволно за културната сцена во Скопје. Недостасува едукација на младите за тоа како ние да станеме независни и да можеме да реализираме еден проект. Треба да има и можност за вработување на млади лица во вакви институции, сè со цел да се движиме напред.

ЏОЛЕВ: Од моја перспектива, човек кој бил дел од една друга генерација, надвор од виртуелните агори, ти и твојата генерација е сосема спротивно, вие буквално сте пораснати помеѓу дигиталните аватари. Кој е твојот став за социјалните медиуми или ајде да започнеме со негативните аспекти?
ЧОРБЕСКА: Премногу брзи информации. Со самиот момент што тоа се индивидуални профили на коишто ние се презентираме. Лесно можат да се кажат непромислени работи, да проникнат непроверени информации, вести. Се навикнуваме сè да добиваме на брз начин. Губиме фокус и желба за внимание. Како што би рекол мојот професор по камера, младите не можат еден музички спот од 3 минути да догледаат. Предолго им е и да, навистина е жално што е така.

ЏОЛЕВ: Дали ти лично си имала некаков бенефит од социјалните медиуми и што?
ЧОРБЕСКА: Апсолутно. Постојат многу креативни начини за запознавање на луѓе преку социјалните медиуми. Споделување музика, мислење, промовирање на евенти. Најмногу ги користам за инспирација за локации. Пред некое време, имаше обид за голема размена на книги, не знам што се случи со тоа. Ама да, постојат прекрасни идеи со коишто можат социјалните медиуми да се збогатат.

ЏОЛЕВ: Значи? Која е синтезата од овие две?
ЧОРБЕСКА: Спојувањето на овие два медиуми би било одлично ако од социјалните мрежи се банираат сите фејк и хејт-кампањи, односно движења. На социјалните медиуми, треба да се иницира да се зборува за секакви теми. Без разлика дали е тоа уметност, медицина или наука. Ако секој на дневно ниво сподели барем една свежо научена имформација или искуство, социјалните мрежи ќе се движат напред и нема да постои антисоцијализација во „живиот свет”. Треба да се развие интеракција којашто нема да повреди никого.
ЏОЛЕВ: Ох. Тоа е премногу утопистичка синтеза. Потребно е нешто практично и возможно!



ЗА ФИЛМСКАТА УТОПИЈА





ЏОЛЕВ: Студираш „филмска продукција“. Со каков тип на режисери би сакала во иднина да создаваш и соработуваш?

ЧОРБЕСКА: Би сакала да создавам на било каква тема, било каков жанр. Сè додека проектот има цел и суштина. Се возбудувам кога темата па и не ми е толку позната. Најбитно за еден режисер ми е да има почит кон екипата, да верува во неговата приказна. Како карактеристики би ги издвоила и посветеност и одговорнот. Настрана од тоа да има човечка комуникација, дружба. Тоа е една од причините зошто се вљубив во процесот на создавање.

ЏОЛЕВ: Во каков свет би сакала да живееш?

ЧОРБЕСКА: Во свет каде што луѓето не гледаат само за себеси. Отворени се да зборуваат за она коешто ги гуши, како резултат на тоа да не бидат оштетени од споделување на конструктивна критика. Свет во којшто луѓето малку повеќе ќе го ценат она што го имаат. Денес отидов до пекара. Прашав: „Се извинувам, дали имате нешто за 30 денари? Тоа се единствените пари што ги имам моментално”. Ме погледна со насмевка и ми рече: „Бурекот е 45, но уживај, ќе ти го дадам.“ Кога излегов, видов дека таа всушност ми дала две парчиња. Ако на дневно ниво луѓето го споделуваа својот вишок на облека, пари, храна, немаше никој да е на улица. Во таков свет сакам да живеам.

Свет во којшто луѓето нема да се исплашени да си направат муабет на улица или во автобус, иако не се познаваат. Свет во којшто ќе го фрламе отпадот, бидејќи кантата е на 1 метар оддалечена од нас.

Свет во којшто учителите ќе имаат солидно педагошко однесување. Свет во којшто младите ќе имаат глас, а тоа е нешто што доаѓа наскоро.

Свет во којшто нештата ќе бидат двострани. 

ЏОЛЕВ: Свет во којшто односот кон природата и ближниот ќе бидат однос кон себеси… A што се случи со оној дечкото од турата низ Будимпешта?

ЧОРБЕСКА: : )


_______
Фотографија: Антонио Станков

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ