• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО АЛЕКСАНДАР ЕФТИМОВСКИ


ЕДНАШ НЕДЕЛНО „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД АВТОР ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.

Александар е еден од оние уметници кој едноставно не може да се опише накратко. Неговото имресивно креативно творештво не го дозволува тоа.
Формалното образование му започнува во Скопје, преку Фиренца и Карара до Тенерифе и сета таа авантура е исполнета со огромен број на соработки и искуства. Ова го води до успешност и на интернационалната сцена. На негови скулптури може да наидете по плоштади во Шпанија, Швајцарија, Италија… Неговите ликовни творби се дел од колекции на музеи во Кина, приватни колекции во Германија, Австрија, САД…, а има и менторско искуство на Универзитетот „Лингнан“ во Хонг Конг.
На скалички сподели дека често се чувствува како пират, поради неговата неврзаност за едно место… едноставно обожува да лута по светот на сите можни настани од областа на уметноста, особено скулптурата.

„Многу често сум активен и се претставувам на интернационалната сцена. Пред сѐ, поради неутралните комисии и транспарентоста при изборот на учесници, а најмногу поради сите познанства и пријателства коишто произлегуваат оттаму. Досега сум учествувал на симпозиуми и изложби во национални галерии од Хонг Конг и Кина, па сѐ до Италија, Шпанија, Германија, Белгија, Франција, Израел, Луксембург, Австрија, Костарика, САД… Во последно време, Азија ми е особено примамлива за изложување, а тоа е поради нивниот сериозен и прецизен начин на организација.


За стилот …


Смирениот темперамент на Александар многу лесно се чита во поголемиот дел од неговите дела. Дури и на фотографија се чувствува струењето и лесноста на контурата коишто воопшто не даваат до знаење дека станува збор за огромни скулптури од камен коишто тежат многу повеќе од тоа што се чини. А токму во тоа е и убавината на една скулптура: преку формата да се наметне различен сензитивитет.
Ужива во спонтаноста на формата и обликувањето. Отсекогаш го возбудувала апстрактната минималистичка и органска скулптура како ликовна творба и во истата комплетно се пронаоѓа.
Обожува да работи со природни материјали, апстрактност, класичност и слобода на израз. Совршено умее да ги спои топлината на дрвото со ладноста на каменот, мермерот и челикот


За тоа како започнува една скулптура…


„Според традицијата на изработка на една скулптура, прво се прави скица, па цртежи, па 3д-макета… но, јас не функционирам така. Моето долгогодишно работење со материјалите веќе ми дозволува да ги прескокнам тие неколку чекори и да се впуштам во директна интервенција на парчето материјал додека не стигнам до крајната замисла. Понекогаш започнувам со дрвена макета којашто е во помал размер од она што би било крајното решение во камен и тоа е еден од примерите со скулптурите коишто ги работев при мојот престој во Хонг Конг.“

За материјалите…


„Обожувам традиционални материјали како мермер, гранит, дрво и бронза, но најмногу претпочитам камен со сите негови бои, структури со сите нивни убавини, текстури и цврстини. Убавината на каменот е во тоа што, на една веќе постоечка природна форма или облик, авторот, преку неколку интервенции, комплетно може да му го измени ликот и естетиката и секако да му вреже некаква мисла. За некои луѓе, овие форми се премногу класични и веќе видени во природата, но за мене изработката е голем предизвик, не само поради истрајноста и упорноста што овие материјали ја бараат од самиот автор, туку и поради можностите за ликовното искажување преку нивната текстура, несовршеност или совршеност.”


За концептите, формите и светлината…


„Најмногу кај скулптурата ме возбудува дека делото е тридимензионално и му зборува на гледачот од било која страна. Секогаш се стремам кон тоа скулптурата да има повеќе лица и повеќе начини на поставеност, со цел гледачите да имаат можност за различна интерпретација. Површината на моите дела е рапава, има текстура и траги од алатот со кој работам. Формата е оптегната, поедноставена. Таков е мојот израз, слободен и спонтан.
Омилен елемент од една скулптура ми се сенките, кои се реакција на светлината од сонцето. Се воодушевувам на тоа како светлината ги осветлува површините на скулптурата, правејќи ја комплетна и дооформувајќи ја третата димензија. Така се остава простор за осет на материјалноста којашто се истакнува со сонцето/светлината како најважен елемент при обликувањето на една скулптура.



— Последно го видовме на „Одбиенале” со „Експлицитно”. —


За „Одбиенале” и експлицитното…


„Како што и самото име налага, изложбата имаше потреба да се организира како одговор на одбивањето нашите дела да бидат изложени на 13-тото Биенале на млади уметници, во организација на МСУ, Скопје.“
Александар на оваа изложба се претстави со делото „Експлицитно“ .
„Делото се состои од неколку комплементарни сегменти како што се изворот на светлина, филтер и проекција. Она што беше главниот предизвик во изработката е цврстината на материјалот, како и неговата компактност истовремено да се издлаби перфорација во форма на совршен икс “Х”. Во процесот од груба форма до краен резултат, бев приморан да користам популарни и помалку популарни техники сѐ додека стигнав до моментот на ‘оптегнување на формата‘ во совршено прави и мазни површини, користејќи само длета и абразивни камења.“


За минатото и иднината тука…


Првата скулптура во голем формат е реализирана во Прилеп, каде што е поставена таму од 2010 година.
Последната самостојна изложба во Скопје беше „Фрагментум”, во 2019. (лат. Fragmentum- конкретен дел, одделен од една целина). Секој фрагмент (дело) е изработен во различно време и околина и е активиран од различни сетилни дразнења.

Следно се подготвува “Проектот Икс (Х)

Изложбата го претставува експлицитното и сѐ уште е во процес на создавање. Х-от претставува негација, неприфаќање, директна реакција на незадоволството на авторот од секојдневните ситуации со коишто се среќава во неговото опкружување, каде што критериуми најчесто се познанства и конекции, а тренд се репродукциите, пинтересите… Се очекува изложбата да биде претставена во неговото студио, како алтернативен простор за изложување.
















___ __
Фотографија на насловна: Христијан Богоески
Асистент на фотографија: Антонио Станков

Спонтана и позитивна, Александра е нишка измеѓу уметничките гледишта и реалниот свет. Приземјена, а истовремено и темпераментен сонувач... перфекционист по природа, магистер архитект по професија. Креативноста и логиката главно ги изразува преку вебдизајн, а слободното време го поминува во кулинарски експреименти и одгледувајќи растенија. Обожава филозофирање, дискусии и зборување за убавото.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ