• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ЛАВИНИЈА СОФРОНИЕВСКА


Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.


Денес се сретнавме на скаличките во МКЦ со Лавинија Софониевска, каде што беше и премиерата на нејзиниот последен краткометражен филм „Обичната Ели“. Лавинија завршува филмска и ТВ- режија на ФДУ, а потоа поради фасцинацијата од луѓето се насочува кон психологијата, скоро и магистрира во областа клиничка психологија. Во моментот работи маркетинг, бидејќи вели дека може да ги спои креативноста, заењето и забавата во работа. „Првата љубов ми е секогаш филмот и го задржав како хоби и нешто на коешто можам да се посветувам без никакви обврски кон него. Некако сметам дека сме најмногу ние-ние кон оние работи од кои не зависиме, па така како многу свесна одлука, решив она што највеќе го сакам да го задржам во најчистата форма.” – вели Лавинија.



За делото…


Најпрвин, би ви го прераскажала наједноставно и со една реченица. „Обичната Ели“ е краткометражно филмче за една жена која планира да даде отказ од своето работно место. Од режисерска перспектива, ова е една обична приказна од секојдневието којашто се насочив да ја раскажам низ специфична филмска атмосфера, внимателно одбрани локации, сценографија којашто е во функција на приказната и специфичен кастинг. Директорот на фотографија Владимир Самоиловски направи вистинска визуелна бајка од филмчето, а глумата на Изабела беше толку смирена и вистинска, што не можете да ја одвоите Изабела од вистинската Ели, иако всушност како карактери се дијаметрално различни.


За инспирацијата…


Бидејќи се работи за ситуација во којашто секој од нас се нашол порано или подоцна во животот… Мислам дека овој тип на теми се најопшти и секој може да се идентификува со нив. Навидум обичните луѓе, сепак имаат богат внатрешен живот и свои маки и проблеми. Темата на загубена слобода ми е една од омилените, бидејќи сметам дека сите проблеми на современиот човек започнуваат со губење на одреден тип на слобода. Заглавеноста во работното место од коешто не сте задоволни, живеалиштето коешто ви создава мачнина, партнерот кој не можете да го гледате, се навидум едноставно решливи проблеми, но коишто многупати завршуваме да си ги решаваме само во главата. Акцијата надвор од сопствениот вртлог на мисли е таа којашто ни недостига. Мислењето го убива дејствувањето, па сакав и на филм да си поиграм со ова умртвено дејствување. 


За процесот…


Подготовката претходно ни одзеде околу 2 месеци, а снимавме во септември 2020-тата, односно кога Ковидот започна, сите бевме исплашени за своето здравје, па работевме екстра внимателно. Со самиот филм имаше многу интересни случувања, некако патот самиот му се отвараше за да се реализира. Ни помогна уметникот Синиша Кашавелски, кој ни ги достави неговите оригинални дела. Снимањето го планиравме во МСУ во Скопје, а тоа лето таму изложуваше уметницата Весна Стефановска. Во моментов не наоѓам зборови за да ви ја опишам ситуацијата, но со Весна се најдовме во еден момент од времето, на исто место, со иста мисла и можевме взаемно да си помогнеме. Животот е чудесен, постојано го велам тоа.


За минатото… 


Дефинитивно дипломскиот филм „Обид за среќна приказна“. Тоа беше филм којшто беше снимен со скоро никаков буџет, но со многу љубов и посветеност од целата екипа. Јас, продуцентката Ивана Шекуткоска и снимателот Дарио Секуловски бевме и костимографи, сценографи, готвачи и сѐ што може да се замисли. Едно напорно патување и приказна во којашто сите верувавме и којашто на крајот публиката ја доживеа многу интимно и емотивно. Иако беше поаматерски изведен и во скромни услови, засекогаш ќе ми биде мило што реакциите од јавноста беа толку топли и пријатни, а со него поминавме одлично и на неколку фестивали и добивме неколку награди.


За иднината…


Да, секако во план ми е уште еден краткометражен за којшто веќе имам сценарио во развој. Одбегнувам да зборувам за планови за било што, бидејќи иднината секогаш се реализира на поинаков начин од оној што сум го замислила, иако, ако сум искрена, честопати подобар од што сум планирала. Се трудам да гледам напред со отвореност кон изненадувања, а мое е да дејствувам денес и во околината што ја имам денес. Така што, да ја оставиме иднината за некое следно интервју. 🙂



















_____
Фотографија [насловна]: Антонио Станков


Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ