• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ДАРКО ТРАЈКОВСКИ


Овој месец, на скалички се дружиме со автори кои беа дел од првата Скала изложба. Ќе разгледаме ретроспективно што сѐ има во нивната авторска архива.


Со Дарко Трајковски, седнавме „на скалички“да ни раскаже нешто повеќе за неговите дела на првата Скала-изложба и севкупно, неговото творештво.

Дарко Трајковски е кумановец, дипломиран на ФЛУ во насока сликарство, во 2020 година. Тој слика на платно, на ѕид и тетовира. Покрај творењето, е исто така и голем кинофил, филантроп, а кога времето дозволува, е и кошаркар, а без разлика дали дозволува – личност која активно се стреми кон рушење на суеверија во врска со уметноста и уметникот. 



 За изложбата…


За изложбата дознав сосема спонтано на социјалните мрежи, следам такви настани и сѐ што е поврзано со уметноста. Моите дела се одраз на моменталните случувања во регионот и пошироко, актуелната политичка состојба и стереотипите што луѓето ги имаат едни кон други. Случајно се погоди моите дела да одговараат на барањата за изложбата, па затоа и решив да учествувам.



За медиумот…


Првиот контакт со уметноста го имав како и секое дете, на многу мала возраст. Најпрвин, преку цртеж, а подоцна и преку сликарство. Како минуваше времето и се усовршував, најдов сигурност во тоа што го правев и имав обиди да отстапам од комфор-зоната истражувајќи го вајарството, но не се пронајдов. Најчесто работам со акрилен медиум, поради тоа што е најбрз за работа, брзо суши и не мириса. Но, исто така, одвреме-навреме, сакам да се префрлам на маслен медиум.






За соголувањето…


Кога станува збор за соголување, тоа го подразбирам како директна средба на публиката со авторот, преку неговите дела. Ако е тоа дефиницијата на соголување, тогаш би рекол дека не се соголувам во целост, бидејќи во моите дела најчесто го претставувам општеството, стереотипите и начинот на којшто луѓето гледаат едни на други. Сакам на гледачот да му дадам избор дали се гледа себе во делата или не, додека јас сум линкот помеѓу моето дело и гледачот.



За минатото…


Желбата да се занимавам со уметноста, ја најдов во разговорот со луѓето. Многу сакам да зборувам со луѓето кои го гледаат моето дело и да ги слушам каков ефект имало делото врз нив. Понекогаш дури потсвесно вметнувам некои елементи во делата, без да ги размислувам, а тоа некој друг го забележува. Ваквите разговори се клучни за мене. 



За иднината…


За иднината размислувам често, па затоа и имам периоди кога додека работам, наместо да се фокусирам на делото што го работам, константно размислувам за следното дело. Идните проекти коишто ги планирам ќе бидат поврзани со социјалните мрежи, мим- културата и секојдневните потешкотии на еден творец во денешно време.






Control No7 – акрил на лесонит плоча






 Control No3





Control No5 – акрил на лесонит плоча








_____
Фотографија [насловна]: Христијан Богоески


Ана во Скала е мултидисциплинарен автор. Пишува, интервјурира, фотографира, снима… Во тимот како средношколка од ЈБТ, и студентка на Академијата за визуелни уметности. Таа за себе вели дека сака математика, биологија, поезија, визуелни уметности, архитектура, психологија… Е сега може да замислите каков проблем има при избор на факултет! :)

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ