• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ДИНА ДУМА


ЕДНАШ НЕДЕЛНО, „НА СКАЛИЧКИ“ ГО РАЗГЛЕДУВАМЕ ПОСЛЕДНИОТ ПРОЕКТ ВО ПОРТФОЛИОТО НА ЛОКАЛЕН МЛАД УМЕТНИК ИЛИ СТУДЕНТ ПО ДИЗАЈН И УМЕТНОСТ.


Оваа недела, на скалички разговаравме со Дина за реализацијата на нејзиниот дебитантски долгометражен филм „Сестри“.  Нејзиниот филм беше премиерно прикажан во Карлови Вари во натпреварувачката програма East of the West и ја освои специјалната награда од жирито. Кај нас, имавме прилика да го гледаме пред некој ден, на отворањето на „Браќа Манаки“.

Дина дипломирала филмска и ТВ-режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а има учествувано и на престижната работилница за млади Berlinale Talents. Зад неа стојат и неколку кратки филмови.

Накратко за себе, Дина ни кажа:

„На Факултетот за драмски уметности се запишав кога имав осумнаесет години и уште тогаш – во раните тинејџерски години, знаев дека ова е тоа што сакам да го студирам и да го работам. Хобијата ми се менуваат брзо, а последното хоби ми беше учење на јазик.“  


За „Сестри“…


Подготвувањето на долгометражен филм е процес којшто траеше пет години, од идеја до премиера. Го пишував и развивав сценариото на работилниците LIM- Less is more и Nipkow Programm во Берлин. Снимањето траеше 6 недели, на различни локации низ Скопје, а постпродукцијата траеше една година. Во Карлови Вари, се одржа светската премиера на филмот, каде што беше награден со специјалната награда од жирито. Публиката на „Манаки“ убаво го прими филмот, следи филмот да се прикаже и пред скопската публика. 


За инспирацијата …


Филмот „Сестри“ е инспиран од вистински настани од моето тинејџерство. Во моето училиште имаше секс-скандал, една девојка и еден дечко беа снимени како имаат односи, видеото набргу стана вирално и целата ситуација излезе од контрола. Судбината на девојката ѝ беше запечатена, таа беше slut-shamed и доживеа друштвено исклучување, ги загуби другарките и на крај мораше да се пресели во друга земја, а од друга страна дечкото стана херој во училиштето. Никој од надлежните во моето училиште не направи ништо. Оваа неправда остана со мене. 



За темата…


Темата којашто ја обработува филмот „Сестри“ е универзална бидејќи булингот се случува глобално, на социјалните медиуми. Еден „клик“ може да уништи цел живот и токму тука сакав да го ставам акцентот. Slut-shaming и друштвено исклучување се честа појава во училиштата и тоа се случува само врз девојките. Имав ретка шанса да поразговарам со околу 100 девојки на кастингот кои беа отворени да ги споделат нивните приказни на оваа тема. Приказните беа за мене фрапантни, сите имале слично искуство или познаваа некој кој имал слично искуство. Тоа што ги спојуваше приказните беше стравот дека Slut-shaming и друштвено исклучување може да им се случи и ним, или да им се повтори. Тој страв е длабоко врежан и понатаму директно влијае врз развојот на генерациите. Јас, како жена, сметам дека е исклучително важно да се отвори оваа тема со надеж дека на овој начин, нештата ќе се променат во нашето општество. 


За сетот …


Филмот се снимаше на локации во Скопје во период од шест недели кон крајот на 2019 година. За поголемиот дел од креативниот тим „Сестри“ беше дебитантски филм, но имавме и искусни филмски професионалци кои ја дадоа нивната поддршка и навистина веруваа во филмот. Поголемиот дел од актерската екипа беше првпат пред камерата. Уште додека го пишував сценариото, знаев дека за да ја постигнам автентичноста на светот, на адолесцентите ќе биде потребно да кастирам тинејџери кои нема да имаат претходно искуство со глума и снимање. Иако беше огромен ризик, бев свесна дека токму оваа одлука е клучна за да го постигнам натуралистичкиот пристап којшто сметав дека му е потребен на филмот.



За минатото и иднината … 


Драго ми е дека ја имав честа да соработувам со легендарната актерка на црниот бран, Ева Рас. Ева Рас глумеше во мојот прв професионален краткометражен филм „Елена“ и навистина сум среќна што ја имав таа соработка. Од Ева научив многу за филмската глума, но најдраги ми се анегдотите кои ми ги раскажуваше за Макавеев, Костурица и за легендарната сцена со мачката во филмот Ljubavni slucaj ili tragedija sluzbenice P.T.T. 

Во моментот, почнувам со развој на нов филмски проект, но сè уште е рано за да откривам детали.




_____
Фотографија: Марко Вилиќ

Спонтана и позитивна, Александра е нишка измеѓу уметничките гледишта и реалниот свет. Приземјена, а истовремено и темпераментен сонувач... перфекционист по природа, магистер архитект по професија. Креативноста и логиката главно ги изразува преку вебдизајн, а слободното време го поминува во кулинарски експреименти и одгледувајќи растенија. Обожава филозофирање, дискусии и зборување за убавото.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ