• Немате производи во кошничката.
дејан џолев тамара котевска скала магазин skala magazin tamara kotevska dejan djolev

ТАМАРА КОТЕВСКА: БЕЗ ТЕФТЕР ЗА ИДЕИ НЕ ТРГАМ НИКАДЕ


РАЗГОВОР СО ТАМАРА КОТЕВСКА 

„Моментално бркам видри, под сенка на дојранска дива плажа.“ – ми одговори Тамара Котевска режисерката на „Медена земја“, најуспешниот македонски филм, ако воопшто филмот може да има пасош и државјанство, тоа е како „Концерт за пијано бр. 2“ да е руска песна.

 
Така од прилика, започна нашиот тридневен разговор, воден на сите возможни дигитални апликации и достапни телекомуникации. Тамара на моите прашања одговараше преку аудио-порака, пишан текст, цртеж на хартија, апстракции на песок, облаци на небо… Искористи сė што можеше за да прати некаква порака, мојот предизвик беше да го препознаам одговорот. Верувам дека сигурно нешто сум пропуштил, можеби одговорот на некое од прашањата ќе се појави подоцна.


Таа беше во Дојран, јас во Скопје. 

Како мал многу сакаше да црташ? Нацртај ги и анимирај ги новите херои од Холивут! – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности!

АДИБАС


Сакаш да го креираш новото лого за Адибас и да работиш за други свецки брендови? – Запиши се на Академијата за графички дизајн.



Како мал многу сакаше да црташ? Нацртај ги и анимирај ги новите херои од Холивут! – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности!


КОВИДОТ И ФИЛМОТ


КОТЕВСКА: Ловиме риба, пиши ми, ќе ти пратам гласовна порака!
ЏОЛЕВ: Неизбежна е темата „ковид“ – живееме една поинаква општествена стварност. Колку влијаеше на тебе како личност и како автор (и дали воопшто се разделиви тие две)?
КОТЕВСКА: Бидејќи мојата појдовна точка како автор се документарците (односно занимавање со реалноста околу мене), не би можела премногу да ги одвојам влијанијата што ме погодуваат како личност и како автор. И од двата аспекти мора да признаам дека ваквата сменета реалност во која влетав главечки директно од Оскарите, мене ми беше како добредојдена. По три години интензивна работа на „Ханиленд”, следеше година во која имав прекуокеански летови секој трет ден (преку 100 летови во 365 дена). Потоа следуваше жестоката кампања за Оскарите којашто кулминираше со двете номинации, по што јас се вратив да бидам и останам дома. Јасно ми е дека уште долго немаше да се вратам, доколку не се случеше оваа трагична пандемија. Но, повеќе од сè сум благодарна за тоа враќање, бидејќи во мојот случај тоа значеше враќање на себе. Време во кое можам да земам длабок здив на врвот од некоја од нашите планини и со нова креативност да го пишувам новото сценарио. Ете токму вака ја поминав зимата и почетокот на пролетта по моето враќање: мојот карантин беше во снеговите на Шар Планина каде што деновите ги поминував пешачејќи и скијајќи, а попладнињата и вечерите пишувајќи. Без ниту едно вознемирување. Од тогаш наваму, со влошувањето на ситуацијата, како документарист се разгоре и мојата љубопитност за новата реалност што ни се случува, па дојдов на идеја да ги истражувам новите возможни начини и форми на создавање на филм во вакви, незамисливи услови. Сè уште е рано да се зборува, но се надевам дека до крајот на летото ќе има новост на тема краток индипендент филм на тема Ковид – 19. Би сакала да го додадам уште ова: Следејќи ги сопствените потреби како човек, нема да сум далеку од вистината доколку „јас/вие” го замениме со „светот”. Еве на пример: Светот (јас/вие) фатил толку брзо темпо што повеќе не умее да запре своеволно. Уште од пред неколку години размислувам колку на светот (мене/вас) му се потребни вакви драстични паузи од неколку месеци (секако, не надевајќи се дека тоа би се случило од толку ужасни причини). На светот (мене/вас) му е потребно време за потсетување како изгледаше животот без стоперица. Светот во кој едноставно си приморан да ја набљудуваш реалноста околу себе и да ја доживееш во сосема нови перспективи. На светот му е неопходно потребно да запре и да се запраша зошто сето ова ни се случува? Се надевам ќе си ја најдеме грешката во дисбалансот кој го имаме предизвикано како колектив ќе најдеме нови начини на функционирање.


ЏОЛЕВ: Хипотетички, колку можеше да влијае оваа состојба на „Meдена земја”, доколку ковидот никнеше минатата година? Прашањето има за цел да предвиди колкава штета е нанесена на авторите кои ги очекуваа своите филмски премиери оваа година.
КОТЕВСКА: „Медена земја“ е филм осуден на успех во било кое време и било кои услови. Тоа е еден од оние исклучоци што едноставно морале да постојат на овој свет. Тоа е приказна за човекот во било кое време и на било кој простор. Тоа е приказна за која ние – авторите не сме имале план да биде толку успешна, но сме имале срца и страст доволно големи за да истраеме до крај во нејзиното раскажување. Една од најемотивните случки за мене како автор се случи токму во сржта на пандемијата, кога посведочив како нашето мото од филмот: „Ако еден го прекрши правилото сите ја плаќаат цената” беше општо прифатено меѓу сите генерации за да ја потенцираат потребата од солидарност во ова време на пандемија. Што повеќе би можел да посака автор од тоа да види како неговите зборови самоиницијативно прифатени и раширени од публиката го менуваат светот на подобро? Токму ова ми е доказ дека доколку „Ханиленд“ се случеше токму во овој момент ќе беше можеби уште помоќен. Свесна сум дека овие зборови можеби делуваат малку повеќе самоуверено отколку што е прифатливо во вакви моменти, но тоа го велам намерно, бидејќи сум свесна колку тежок период следува за „раскажувачите на приказни”. Најлесната помисла за повеќето би била дека ова се почетоците на крајот на филмот. Но, мојот никогаш непроменет став на темата е дека тешките услови треба да се сфатат како појдовна точка за инспирацијата на еден автор. Бидејќи токму од невозможните предизвици се раѓаат ремек дела. Впрочем, кое ремек дело во историјата на филмот во светот не произлегло токму од најголемите тешкотии со кои било соочено човештвото во тој миг? Без конфликти нема приказни. И затоа, нека не ве плаши ковид – 19! Тоа нема врска со потребата да се создава. И не размислувајте на премиерите, туку верувајте во својата приказна и бидете трпеливи да ја создадете до крај без разлика на надворешните препреки! Тоа ни е должност, зар не?


ЏОЛЕВ: Уживање е додека го слушам твојот одговорот. Преромантично и утописки. Ако можам да го заклучам во една проста реченица е дека на авторите единтствено им преостанува будно да творат, а квалитетот на творештвото ќе дојде само по себе… Или премногу го поедноставив? Искрено би сакал да верувам дека тоа е единствената вистина, но кога ќе се навратиме на сложената административна и „уметничка“ политика на филмските фестивали и колку авторите се зависни од „правилата“ на индустријата знае да создаде анксиозност кај авторот. Но, кога веќе сме на оваа тема, колку успехот на твојот последен филм може да го парализира твојот следен чекор, дали притисокот и очекувањата можат да бидат ветер во грб или во гради или тоа е постојан вртлог?
КОТЕВСКА: Апсолутен ураган!


Со ова заврши првиот дел од разговорот. Нејзиниот краток одговор на моето долго провокативно прашање меѓу редови значаше дека е време за пауза. Вечерта размислував што е важно да разговараме во контекст на студентските прашања. Јас имав милион прашања, но изборот мораше да се селектира. Па така, следниот ден ја прекинав додека, „цртам на плажа“ – како што ми одговори. 


ОБРАЗОВАНИЕТО И ФИЛМОТ


ЏОЛЕВ: Во текот на твоите студии, имаше можност да учествуваш на филмски работилници (First Film First). По успехот на „Медена земја” позициите се променија, од слушателка на искуства, продолжи да споделуваш искуство (Беркли, Универзитетот во Лос Анџелес, Филмскиот Универзитет во Хонк-Конг, а одржа и тридневен Мастер-клас во „Џолев и уметностите“) Се мачам да формулирам сѐ во едно прашање, па затоа ќе се обидам преку две. Колку се разликува нашето филмско образование од западното (или источното) и можеби најважното прашање, како се учи филм?
КОТЕВСКА: Филм се учи? Мислам дека никогаш нема да го имам вистинскиот одговор на ова прашање. Филм веројатно се учи со личен тренинг. Многу теорија и уште повеќе пракса. Многу крадење на занаетот и уште повеќе оригиналност.

ЏОЛЕВ: Скромно ни нафрли дека изминатиот период меѓу другото си го посветила на краток независен филм, но веќе од поодамна е познато дека работиш (пред-продукција) на твојот прв игран филм „Човек против јато“ , но ќе го заобиколам очекуваното прашање и ќе скокнам чекор напред (или назад). Кои сè теми те провоцираат како автор? – Секој кој се бави со уметност, а посебно со филмската, често доаѓа во дилема, која идеја да ја издвои пред другите. Што сè има во твојот тефтер на идеи? Тефтер како метафора.
КОТЕВСКА: Реалноста покрај која поминуваме неприметно, всушност ги крие најинтересните теми. Тефтер не е метафора! Без тефтер за теми и идеи не тргам никаде. 

Во продолжение ми одговори преку цртеж и допиша, „уште една идеја се готви во тефтерот“.


Знаеш да искомбинираш црно и тегет? Спортско со свечено? Веднаш запиши се и продлабочи ја својата жед за креација на Академијата за моден дизајн.

ФИЛМСКА SВЕЗДА


Сакаш да победиш на филмскиот фестивал во Бургас и да ја освоиш големата награда „Златен бор“? – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности.



Сакаш да победиш на филмскиот фестивал во Бургас и да ја освоиш големата награда „Златен бор“? – Запиши се веднаш на Академијата за визуелни уметности.


ЏОЛЕВ: Ако ти си протагонистот во овој наш разговор, претпоставувам јас сум антагонистот, но за да го достигнеме пикот на конфликтот потребен ни е „епизодист“. Ете на пример, твоите родители ќе претставуваат епизодист како идеја. Дали се сеќаваш на мигот кога одлучи што сакаш да правиш во иднина и кога за првпат ги спомна зборовите „филмска режија“ ? 
КОТЕВСКА: На 12 години одлучив дека сакам да се занимавам со филмска режија. Еден од пресудните филмови во тоа време ми беше: „Барајќи ја Недојдија“, автобиографски филм за писателот на „Петар Пан“, Џејмс Бари. На 17 години, кога отидов да живеам една година како студент на размена во Тенеси, кога се соочив со една сосем различна култура и кога за првпат го гледав документарецот „Exit trough the gift shop” на легендарниот графити-цртач Бенкси, знаев дека сакам да патувам по светот и да правам документарци. Каде да се студира знае да биде еднакво тешко колку и прашањето што да се студира? Јас барем знаев што!

ТАМАРА (18): Јас ќе се запишувам на режија.
ТАТО (електроинженер/антифилмаџија): Ок... Јас стварно немам појма што би работела со тоа звање... Ама од друга страна, и јас не сум знаел што со електроинженерство... Само едно не заборавај: мојот и твојот избор се всушност исто. И во едното и во другото, има огромна конкуренција и уште по макотрпна индивидуална работа. И во едното и во другото, треба да си многу креативен и многу трудољубив. Јас како инженер треба да сум еднакво добар режисер, а ти како режисер треба да си еднакво добар инженер.
МАМА (електроинженер/антифилмаџија): А каде мислиш да одиш?
ТАМАРА: Мислам да барам стипендија. За ФАМУ или нешто слично...
МАМА: Ние можеби ќе може да ти помогнеме (финансиски).
ТАМАРА: НЕМА ШАНСА!
Мајка ми во тој момент вади печени јаболки од рерната. 
МАМА: А каде? Во која земја?
Јас ги гледам јаболките… (вртлог од мисли) Миросот на печените јаболки ме убеди дека јас всушност сакам да правам филмови од моето поднебје.

ЏОЛЕВ: Токму така, неколку години подоцна го снимаше „Езеро од јаболка“.  


МЕДЕНА ЗЕМЈА


Третиот ден го продолживме неформално, се обидов да го искористам моментот за неколку „неодговорени“ или „жолти“ прашања за „Медена земја“.
ЏОЛЕВ: Кое патување од едногодишната одисеја е првото на кое ќе се сетиш и зошто?

На ова прашање Тамара повторно ми одговори со два цртежи.

 

Лос Ангелес, 12.11.2019. Драга Веда, Јас - Тамара, ти одговарам на неколку прашања како на пример: 1. Немам појма кога ќе се вратам во Скопје... Ова патување никако да заврши! Еве како изгледа на мапа. До сега поминав 8, ми останаа уште 2. 3 месеци патувам. Во декември ќе си дојдам.

Додаде, „ова е дефинитивно најинтересната случка и патување“.

 

Кога бевме во Индија, јадевме, спиевме, се дружевме заедно со мајмуните што се викаат црни лангури и макаки. Еден ден, си седнав на покривот од куќата и еден мајмун ми дојде и сакаше да ми го земе лебот што го јадев. Јас не му го давав и тој ме касна!! Понекогаш мајмуниве се стварно за никаде. Ако видиш некој, бегај!

ЏОЛЕВ: Имаше можност да се запознаеш со многу филмските работници и филмски ѕвезди, дали може да издвоиш еден/на кој/а ти остави незаборавен впечаток?
КОТЕВСКА: Најголем впечаток од филмските „работници” кои ги сретнав по светот ми остави еден бескомпромисен документарист. Тој нема никакво филмско образование и сите свои вештини и знаење ги стекнал преку својата пракса на цртање стрипови и фриленс-фотографија и никогаш не престанал да работи на себе и да се надоградува. Тој покрај својот талент, најмногу ми остави впечаток со својата скромност и приземност, бидејќи го помина најтешкиот тест на славата: покрај сите силно светлечки рефлектори помина со нозете цврсто на земја и остана човек кој продолжува неуморно да создава. П.С: Љубо Стефанов.


Додадов гласно – „прекрасно!“ се поздравивме и договоривме термин за фотографирање. Фотографијата од насловната.


_______
Фотографија: Антонио Станков
Асс. на фотографија: Долорес Соколова
Дир. на фотографија: Дејан Џолев

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ