• Немате производи во кошничката.

ПРОШЕТКА НИЗ ДИЗАЈН-ПРОЦЕСОТ: КОНТЕЈНЕР ЗА ЃУБРИЊА


Од студентите за студентите: Марија Цвеевска за Ангела Настевска.


Издвојуваме импресии од последниот проект на моите колеги од Академијата за продукт дизајн.


Дизајнот како процес не е само да се направат работите да изгледаат привлечни, употребливи или пак дури и да се создадат само за задоволство, станува збор за транзиција на производи од употребливи до значајни и сѐ почесто пораката која се испраќа преку дизајнот е многу побитна од самиот производ.

Овој месец тема на разговор со Ангела Настевска ни беше токму дизајнот со порака. Целта на дискутираниот проект „Контејнерот за ѓубриња” е да ја подигне свеста кај луѓето за почиста околина.



Приказната позади дизајнот


Ангела Настевска:


Првичната идеја беше редизајн на контејнерите за ова поднебје со цел подигање на свеста кај луѓето против фрлањето на отпадоци насекаде, а пред сѐ на места каде што не смеат да бидат фрлени. Главната цел беше на корисникот, фрлачот на ѓубре, да му се пренесе порака дека местото на ѓубрето е во контејнерите, а не по страните, на земја или пак по тревниците. Сметам дека недостигот на култура на живеење е причината заради која овој проблем кај нас е толку распространет. Пример, за многу луѓе е навика, па и номално отпушоците да се фрлаат насекаде. Во последните години имаше и повеќе акции за чистење на јавните простори меѓутоа сепак мислам дека пораката „НЕ ФРЛАЈ!!!“ не е доволно распространета за да премине во навика.

Имав различни концепти за контејнерот, но на крај сепак беше избран концептот кој не ни содржи вистински контејнер. Мојот контејнер е невидлив. За него е одвоен простор (правоаголник) на земја обележан со жолта линија со димензии слични како оние на обичен контејнер, бидејќи веќе е нормално да се фрла на земја, со „дводимензионалниот контејнер“ ова на некој начин се формализира. Секако пораката е иронична и има две можни завршни сценарија – пораката ќе биде пораспространета во јавниот простор (дека на ѓубрето не му е местото на земја) и полека ќе премине во навика, или пак луѓето навистина ќе фрлаат со што иронијата ќе биде уште поголема.

За овој проект најзначајни спецификации беа формата, преку која пораката треба визуелно и метафорично да ја пренесе на корисниците и секако локацијата. Замислата е да биде поставен на јавни места каде што досега не сме гледале купови ѓубре, како на пример на Плоштад, пред Влада или пак на некои од пофреквентните тротоари во градот.



Втората верзија е наменета како додадок на класичните контејнери во градот. Со ова конечно отпадоците оставени до празните контејнери ќе бидат на своето место. 🙂



П.С. Ќесата со шишиња од Слика 4 не е додадена во постпродукција, туку првично беше до празниот контејнер.

Како машински инжинер, а невешта во создавањето на дизајн ми требаше доста време и итерации за да дојдам до најдобрата форма која најдобро ја пренесува мојата порака. За ова, голема заслуга има менторот од Академијата за Продукт дизајн, Никола Узуновски, кој ме научи повеќе за визуелната комуникација.

Верувам дека секоја промена почнува од нас. Често, вината за многу проблеми ја бараме во другите. Сите како што имаме права, така имаме и одредени обврски. Според мене, моја должност е и јас да се грижам за мојата околина. Не можам да разберам како отпадокот се фрла на земја кога во близина има корпа. Не е работа на ѓубреџиите да го собираат во тревниците туку да ги испразнат кантите, додека моја работа е тој отпадок да го ставам на вистинското место. Ова правило е многу едноставно и сите го знаат, меѓутоа сепак нормално е да се прекрши. Дури е и чудно доколку се почитува. Затоа сметам дека за решавање на овој проблем е потребна  опомена на луѓето, односно нешто што ќе ги засрами. Мојот дизајн го „нагласува“ овој проблем со надеж дека ќе биде потсетник и гласно ќе вика „НЕ ФРЛАЈ! :)“.




Марија Цвеевска е Машински инженер и студент на Академијата за продукт дизајн. Таа е мултипотенцијален дизајнер, со повеќе различни интереси. Во иновативноста и дизајнот ги комбинира аналитичкото и логичкото размислување од инженерски аспект. Продуктивен, љубопитен и неуморен креативец, уредничка на рубриката „Дизајн процес“ на Скала магазин.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ