• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО БЛАГИЦА ЗДРАВКОВСКА


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.


Благица е еден длабоко интуитивен човек – уметник со детска љубопитност која ѝ се гледа во очите. Од најмали нозе живее со љубовта кон уметностите во себе. Стилски е максимално препознатлива и единствена, своја. Личност која обожава хаику, личност која обожава да ги чита Мацуо Башо, Лао Це, Конфучиј… Страствен љубител на природата и вечно инспирирана од пејзажите и поезијата. Нејзиното патување Битола – Софија ѝ е постојано исполнето со многу многу пејзажи и тоа е само уште еден плус на студирањето во Софија. Благица е член на Young Bulgarian artists & Union of Bulgarian artists, а толку е кул што нејзините дела веќе може да се најдат во приватни колекции низ Бугарија. На кале под МСУ со Благица многу се измуабетивме, а најдетално ми раскажа за нејзиниот магистерски труд и изложбата “Next Generation‘‘.


За изложбата Next Generation…


Јас завршив на факултетот за фини уметности (додипломски и постдипломски студии). Пред да се одбрани магистерската, пред да се оствари тој проект – немаме никакво право ниту да спомнуваме, зборуваме или да покажеме скици, подготовки или проекти во врска со таа работа. Следствено – првото претставување беше на изложба на факултетот за фини уметности. Прво проектот се изложи таму, а оттаму неколку студенти бевме избрани како поистакнати или поуспешни според определена комисија и направивме изложба во галерија во центарот на Софија. Галеријата се вика Сан Стефано, таму беше, всушност, последното изложување на тие дела во контекст на изложбата “Next Generation’’.


За Магистерската…


Магистерската претставува целина од шест дела посветени на шест поети, на по една нивна одбрана поема (секоја од поемите содржински е поврзана со пејзаж) на којашто е посветен релјеф – релјефна композиција. Насловот е „Поезија и скулптура”. Поезијата е првиот збор затоа што оттаму доаѓа коренот, идејата, па подоцна доаѓа скулптурата. Уште од претходни студентски задачи јас многу се занимавав со релјефите и пејзажот како тема и многу сакав магистерската да биде релјеф па “извлеков” некои пејзажи околу Битола, од подножјето на Пелистер кои беа главна инспирација.


За стилот и материјалите…


Сум поминала низ камен, низ дрво, низ метал и сето знаење го сплотив во изработката на магистерската и стилот во којшто е изработена. Правев исечоци од метални плочи и почнав да трансформирам пејзажи кои се видливи во природата, најпрво со редукција – одземање. Во многу случаи скулптурата се занимава со одземање, а не со додавање. Па така и во релјефите повеќе одземам отколку што додавам. Специфична е техниката на изработка која сè уште ја развивам, уште е “work in progress” како што сум и јас самата. Главно и станав препознатлива по таа техника. Имав професори кои на мајтап Благотехника ја викаат… Генерално сум голем фан на минималистичниот принцип на работа.


За инспирацијата и уметностите…


…Целиот живот се занимавам со уметност. Од многу мала моите родители ме носеа по изложби и на театар. Тогаш главно ми остави впечаток театарот затоа што ми беше како комбинирана уметност. Можеби не сум го ни восприемала како специјална уметност, ама знаев отсекогаш дека театарската реч, сцената, сите ефекти, мене, многу ме восхитуваа на некаков начин. После тоа почнав да читам поезија, дури и да пишувам но без да објавувам. Оттаму и доаѓа темата на магистерската ‚‚Поезија и склуптура‘‘.  Освен поезијата, конкретно, друга инспирација за мојата работа главно како скултор, како автор е природата или поточно пејзажите. Непрестајно ме инспирираат пејзажи, непрестајно ме инспирира поезија.


За љубопитноста…


Благица може да се каже дека е многу љубопитен човек што сака да учи многу техники , материјали, сакам се да ми помине низ рацете, па дури и јас самата да си создавам материјали :D. Љубопитноста којашто е детска ми е една задржана страна која ја имам отсекогаш. Си барам правци, истражувам. Пробувам, се пронаоѓам на различни места со различни концепции. Многу сакам кога можам мојата љубопитност да ја рефлекирам и да ја остварам преку некој мој омилен пејзаж.


За минатото и иднината…


„Гравитацијата во уметноста е многу поважна отколку размислувањата за минато и иднината за мене лично. Никогаш не тврдам објективна вистина за нештата . се е лична перцепција и гледна точка и гравитацијата во уметноста ја спомнав затоа што таа дава насоки на композицијата и на основниот закон за третирање на формите. Било во природата било во формите кои минуваат низ нас како скулптори или автори. Друго специфично за нашата генерација е тоа што нас гравитацијата некако почнува да не ни е интересна, се повеќе сме во некоја безтежинска состојба или нешто измеѓу долу и горе и небо и земја.
А дијапазонот на видливост/проѕирност и на гледни точни се повеќе и повеќе со изиминувањето на времето се проширува во просторот.‘‘


________
Во однос на важни реализации до сега, во 2018 Благица ја доби наградата за млад современ автор и како рефлексија на тоа во 2019 ја организира својата прва самостојна изложба, а за плановите понатаму: ‚‚За техниката во којашто творам дури и пишувам, па мислам дека во некое идно време би издала и труд за таа техника со сите нејзини спецификации и особености.‘‘








________
Фотографија: Мартина Салова Чешновар

Спонтана и позитивна, Александра е нишка измеѓу уметничките гледишта и реалниот свет. Приземјена, а истовремено и темпераментен сонувач... перфекционист по природа, магистер архитект по професија. Креативноста и логиката главно ги изразува преку вебдизајн, а слободното време го поминува во кулинарски експреименти и одгледувајќи растенија. Обожава филозофирање, дискусии и зборување за убавото.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ