• Немате производи во кошничката.
TOP

НА СКАЛИЧКИ СО ЕНА ЗАФИРОВСКА


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад уметник или студент по дизајн и уметност.


Сонувач, насмеана и комотна во црн асиметричен блејзер и патики. Денес на „виртуелни” скалички ни гостува Ена Зафировска, вљубеничка во асиметријата, минимализмот и создавањето, која секојдневно неуморно ја поврзува модата и архитектурата. Родена е во Скопје, а моментално живее и твори во Љубљана. Преку нејзиниот бренд „Евгенија Зафировска- EZ“, таа ја негува етичката мода, рециклирањето и изработувањето без отпадоци, што за неа, вели таа е совршенство при дизајнирањето на една креација. Целта на нејзините последни две колекции Zero Waste и White stone е поддршка на решавањето на глобалната грижа со отпадот. Тие истовремено го претставуваат традиционалното, чистото, совршеното и практичното. Даваат чувство на храброст, самодоверба и грациозност.

“Dear Earth, you deserve some love.”


За етичката мода…


Почеток на обновување, спас и повторна употреба на материјалите. Целта е поддршка на решавањето на глобалната грижа со отпадот. Акцентот на моите две колекции е рационално користење на материјалите, па така, тие се дополнети  со ткаени парчиња од ,,отпадоци’’ од претходните колекции. Овој пристап нуди можност да се продолжи времето на употреба на облеката, почит кон клиентот на нов начин и да се понуди производ со квалитетен дизајн. Негувањето на етичката мода, рециклирањето и изработувањето без отпадоци, за мене е совршенство при дизајнирањето на една креација. Мојата лична определба е заштитата на животната средина со создавање на безвременско трајно модно парче.


За Zero Waste и White Stone…


Преку ткаените парчиња се прикажани корсетот, рамениците и градникот кои со годините биле многу цврсти и изработени со слоеви од различни материјали.
Маските во колекциите  Zero Waste и White Stone ја прикажуваат грижата за животната средина. Многумина маските ги поврзаа со Corona вирусот, всушност,  маските го претставуваат загаденото општество. Борбата за почисто утро и свеж воздух.
Двете колекции се дополнети со рачно ткаени парчиња од остатоци од претходните колекции. Сплет од исклучително луксузни и носливи колекции од Нула Отпад.
Со истата цел во минатите колекции имав претставено модели од стари реклами, кои ги рециклирав.


Практики во модата за зачувување на природата… 


Од големо значење е како идните дизајнери ќе ги претстават своите колекции, исто толку важна е промената на перцепцијата на потрошувачите за одржливоста. Почитувањето на етичките стандарди не треба да биде одвоено од водењето профитабилен бизнис и всушност позитивното дело од социјално и еколошко влијание е начинот на иднината.
Се надевам дека во блиска иднина колекциите ќе бидат фокусирани на глобални и одржливи трендови. Заканата што ја држи оваа пандемија над нашите глави е повик за акција – модната индустрија да се забави, да се оддалечи од масовното производство и да се промени правецот, пред да се дојде до уште поголем проблем.
Интересот, желбата и упорноста на младите дизејнери за истражувања и иновации сметам дека ќе направат пресврт во општествениот живот. Претставувањето во својата земја и надвор од неа отвара широк хоризонт за размислување и нови идеи.


За процесот…


Кретивениот процес ми започнува со колаж техника. Инспиративно е да се надградува, изменува, креира… Може да се отстрани фигурата од сликата или да се додаде на неа и да се заврши со нешто неверојатно.
Инспирацијата најчесто ја црпам од архитектурата, бидејќи исто како и модата, овие две професии се насочени на дизајнот како процес на решавање проблем.
Континуирано работам за подобрување на сите фази од животниот циклус на производот. Се стремам кон тоа да изработувам парчиња со 0% отпад на различни начини. Со секоја понатамошна колекција имам цел да се диференцирам со маркетинг стратегии, ексклузивност и висока мерка на свест, но и да го поддржам развојот на локалните бизниси и вештини. Свесна сум за поврзаноста со другите и со околината, имам за цел да постигнам промени во светот на креативен и иновативен начин.
Добриот дизајн треба да биде разумен!


За минатото…


Голем проект беше мојот магистерски труд „Архитектура во движење”. Резултатот е современа колекција, препознатлива и уникатна, базирано на корисни, иновативни рачни техники и материјали. Во дизајнирањето на женската колекција со почетна точка во архитектурата, ја претставувам облеката како „тело – архитектура”. Со истражување се приближував и ја пронаоѓав најблиската врска помеѓу архитектурата и модата преку создавање на 3D-структура и простор за телото, а во исто време овозможувајќи неограничено движење.
Со овој проект се претставив на Ljubljana Fashion Week, Fashion Weekend Skopje и во Белград на Fashion Scout SEE. А минатата година со истиот добив признание- BIG SEE Awards 2018 во Љубљана.


За иднината…


Историски гледано, луксузот доаѓаше во непотребни количини, денес луксузот доаѓа во софистицирана, минимална форма. Мојата желба е да обезбедам дизајн кој е безвременски, континуиран и носи порака. Практичен, но сепак современ, што го рефлектира нашето време. Промените може да одземат време, но останувајќи им верен на себе и вредностите, ќе почне да се случува. Специфичноста на работата бара многу внимание, љубов и посветеност!













_______
Фотографија на насловна: Леа Тополовец
White Stone: во склоп на Fashion Weekend Skopje
Zero Waste / Фотографија: Vertigo Creative / Модел: Ана Ежова

Студент на Архитектонскиот факултет и алумни во Џолев и уметностите од Академијата за визуелни уметности. Меѓу другото денес е мултидисциплинарен креативец и графички дизајнер во „Игор Делов студио“ и главен и одговорен уреник во пишувачкот оддел на Скала.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ