• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО ЈАСНА НИКОЛОВА


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.

 


Ако се шетате низ Скопје и здогледате девојка тотално изгубена во некој добар стрип, па ви е незгодно да ѝ пријдете за да не ја уништите читачката магија, тогаш најверојатно сте налетале на Јасна Николова. Секогаш и секаде со скечбукот, со апаратот, стрипот, книгата в раце, секогаш со благо искривени веѓи пробува да исправи еден куп неправди, но никогаш без работа, никогаш без визија. Мала девојка со големо срце која внимателно ја дисецира реалноста и ја склопува онака како што неа ѝ одговара во нејзиниот цртачки свет. На „скалички“ ни дојде со свеж проект, една кратка фото-илустрирана сторија за Скопје – „Кул Тура“.

 


За делото…

 

 

Проектот, најпрво произлезе од зададена задача на факултет каде што требаше да издизајнираме брошура за родниот град, па решив дека најпаметно би било да дадам личен пресврт на концептот брошура. И така некако брзо и бурно се случи „Кул Тура“.
Сакав преку делото да покажам како јас го гледам градот и кои ќошиња, за мене, го дефинираат Скопје. Скопскиот ритам е брз, виулица од дешавки, бои и мислам дека успеав тие мои импресии да ги доловам преку фотографиите/цртежите. „Кул Тура“ е во целост субјективно доживување и преку неговата креација ги покажав моите најдраги култни скопски местенца.
Скопје вибрира од култура. Културата се луѓето, продавниците, уметниците. Најмалите секојдневни ритуали за мене го дефинираат Скопје.

 


За процесот…

 

 

Кога ја добивме задачата, брзински тргнав до книжарницата „Три“ и ги разгледував неколкуте туристички брошури за Скопје. Бев… слабо импресионирана. На пат кон дома ми светна идејата за „Кул Тура“ – брошура за уметници. Овој период се соочував со проблематиката импресионизам, се посветив повеќе на развивање на моите сликарски способности, а имав и некое скромно фотографско познавање, па одлучив да ги спојам овие две техники.
Многу ја сакам уличната фотографија и мислам дека овој дел од процесот беше и најлесен да се заврши. Но најдобар момент во процесот беше седнувањето пред компјутер и работењето на постпродукцијата на фотографиите.

 


За љубопитноста…

 


Периодов пробувам да го истуркам мојот стил до неговите граници. Повеќе сакам да работам дигитално, но воедно мислам дека тоа ми е и комфор зона, па затоа си ја одржувам книгата за скицирање и не излегувам од дома без неа. Ем книжуле за вежбање, ем местенце каде што си го истурам срцето меѓу неговите страници.
Сум работела дигитални колажи, традиционално и дигитално сликарство, илустрација, фотографија, стрип, анимација. Растргната сум во многу насоки и не можам да се решам за една поединечна работа, а ниту пак сакам. Мислам дека е здраво за една креативна личност да експериментира, да тестира до каде ѝ се границите и колку може да ги пречекори.

 


За минатото…



Проект кој ме направил тоа што сум сега е еден краток стрип со наслов “Soul Chaser’’. Со него учествував на „Balkanska smotra mladih strip avtora 2017“ каде што ја добив наградата за најдобар стрип дебитант. “Soul Chaser’’го означува моментот кога во целост се посветив на уметноста.
Пораснав со стрипови и цртани филмови, од дете сум со боички в рака и имам голема почит кон авторите на стрипови. „Кул Тура“ настана преку мојата желба за раскажување на приказни којашто овој пат, наместо преку стрип ја реализирав преку фотографија, си зададов предизвик да ги усовршам фотографските способности и да излезам од комфор зоната.

 


За иднината…



„Кул Тура“ е завршен проект и мислам дека нема за брзо да се навратам на некој ваков сличен концепт. Имам некои други поситни и покрупни проектчиња на кои работам. Следна година ќе дипломирам, па повеќе сум фокусирана на тоа, но надвор од факултет навистина сакам да ја истражам женственоста преку своите илустрации. Отсекогаш сум била фасцинирана од женското тело и енергија, па кога имам време си ги скицирам идеите што ми се вртат во главата на оваа тема. Воедно, со другар, сме во почетна фаза на подготвување на краток анимиран филм, па можеби до крајот на летово ќе  се пушти  некое кратко тизерче.

 

 

 

 

 

 

Бисера Гиновска е студент по графички дизајн на ФОН. Времето го поминува во прашување и потпрашување, чкртка и запишува, и паѓа од точак додека за нови идеи размислува. Секој ден се менува и созрева, и сака околината да го прави истото заедно со неа.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ