• Немате производи во кошничката.
TOP

НА СКАЛИЧКИ СО МАТЕЈА НИКОЛИЌ


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.


Матеја Николиќ оваа година ја собра наградата на „Илустрофест“ за најдобар личен проект – Nothing unseen. Не да ја собра, ја спрашти! 

Нејзините досегашни илустрации изобилуваат со органски линии и мотиви од органско потекло – растенија, дисецирани кривулести елементи и градби, а тој „хаос“ од кривини станува автопат и совршена композиција со користење на аксонометрија, влијание од нејзината архитектонска позадина.

Ортогоналноста на архитектурата како да ѝ недостасувала изминативе години, па со новиот проект се враќа на своите корени, ги третира тонот, светлината и текстурата со неверојатна прецизност, ја карактеризира масивноста и грубата текстура на бруталистичкиот објект како ниеден друг илустратор досега. Амбиенталноста на нејзината илустрација е вонсериска, која како што вели таа, е последица на работа, работа и уште работа.



За делото…



Сакав да цртам нешто на тема архитектура подолго време и никако не знаев од каде да почнам. Се погоди пикот на желбата да е лани ова време – кога истовремено сакав и да го работам Inktober, бидејки сметам дека е супер вежба да се натераш да црташ секој ден (а нели скоро никој не го прави тоа :)). Во пресекот на двете се случи проектот, кој всушност започна како студија на светло, тон и текстура, а се претвори во серија архитектонски илустрации од објекти кои и не се веќе невидени т.е. невидени композиции од видени архитектонски елементи. Вкупно се 13 илустрации, исцртани надвор од контекст, со цел вниманието да се задржи на формата на елементите и на нивниот меѓусебен однос, исто како и во архитектурата.



За процесот…



Процесот започна со неколку скици од  „објекти” кои веќе ги имав во главата. Не можам да кажам дека се итерации на тема – повеќе се различни идеи кои може да се сместат во еден наслов. Првата илустрација можам да кажам дека беше најтешка – воспоставувањето на стилот, палетата, кои тонови каде одат, под кое светло, како и текстурата на елементите. Откога тоа се дефинираше потоа секоја наредна беше побрза и полесна за правење, бидејќи беше само нов објект кој треба да го „облечам” во тој фазон. Секако требаше да се 31 илустрација, но попатно решив да не брзам и цртам колку да е нацртано секој ден, туку вистински да ми се допаѓаат илустрациите и по една година.



За ахроматската палета…



Ахроматската палета ја одбрав бидејќи сметав дека враќање на basics 101 е најдобро за студија на светло и тон. Прво се работи во ахроматски тонови, па кога ќе го совладаш тоа се работи во хроматските. Плус соодветно на тоа беше и темата на Inktober, каде се користи само таа палета. Дополнително, иако работев на дигитален таблет, четките кои се користени се ink brushes, кои на начинот на кој се направени и текстурирани наликуваат на графички пенкала и бои.



За стилот…



Искрено немам баш јасна идеја зошто цртам како што цртам! Некако отсекогаш сум цртала на начинот на кој што знам и умеам па веројатно со тек на време тоа добило свој некаков визуелен израз. Но, морам да кажам дека клучно беше постојаното работење, дури и кога немаш време и волја за истото. Секогаш има некоја нова работа која ја земаш да ја црташ, иако не знаеш како се прави тоа и по многу обиди ќе успееш да ја нацрташ без свесно да знаеш дека си ја стилизирал. Овој процес трае долго и е макотрпен и за мене трае до ден-денес и не мислам дека некогаш ќе престане :).



За Илустрофест…



„Илустрофест“ за мене беше страшно убаво изненадување. Ми излезе по интернетов дека се случува тој период, па си реков да пратам илустрации, да се пробам (тоа беше единствениот критериум, да се работени во изминатата една година), па испратив 6 -7 илустрации во категоријата „лични дела/персонални проекти”. По месец дена ми јавија дека сум ја добила првата награда во категоријата, што ми беше особено драго бидејки за мене е неизмерна чест да некој награди лично дело кое зад себе нема никакви критериуми зошто е создадено, освен мојот личен порив. Илустрацијата која беше првонаградена се вика ‘Elusion’.



За влијанието на архитектурата…



Влијанието на архитектурата (посебно нејзнините принципи) при работењето како дизајнер и илустратор е секако огромно, ако не и добредојдено, иако не би студирала ништо друго освен тоа, по завршувањето на студиите сфатив дека сакам да се навратам на мојата вистинска желба, па така го направив тој кариерен пречекор. Сѐ уште следам сѐ што се случува во полето на архитектурата, дури и повеќе читам и истражувам за неа отколку кога студирав, бидејќи ми помага при сегашното работење како и за инспирација за нови проекти.



За љубопитноста…



Отсекогаш ме интересирало како се работат анимирани филмови, како и работење на графички новели. Тоа ми е некако планина за освојување која можеби еден ден ќе ја искачам. Кога истражувам и читам, обично тоа опфаќа многу полиња, не само илустрација и архитектура, како филм, пишување, фотографија, храна и готвење и многу други. Тие ми се клучен дел од процесот на инспирација за нови идеи, како и за помош при реализација на истите.



За минатото



Од кога знам за себе цртам, секако во изминативе десетина години многу повеќе бидејќи појасно си ги осознав своите потреби и афинитети. Кога ќе помислам на изминатото време и што се се случувало на ова поле, само еден збор ми одѕвонува во глава – работа! Не онаква workaholic nation работа и само работа, туку дека сум морала да седнам и испотам столче за да стигнам да го правам ова денес, а не сум ни до 5% од  сѐ она што е возможно и би сакала да го правам.
 Сите одлуки и околности се клучни, како и борбата со себе која ја има секој илустратор кога решава да го работи ова е неминовна. Сепак, тоа е дел од процесот на признавање иприфаќање на креативноста како problem solvingпристап за сѐ во животот.



За иднината…



Се надевам дека што поскоро илустрацијата и дел од светот на дизајнот локално, ќе заземат уште поголем замав, бидејќи секогаш сум била и ќе бидам вечен поддржувач на идејата на целосен дизајн. Почитувам кога дизајнерите си вмешуваат прсти во секое делче од дизајнот, а со тоа му даваат автентичен визуелен израз на делото. Се трудам што повеќе да го практикувам тоа во својата работа, секако и премногу ме радува кога ќе го видам истото и кај друг дизајнер.

За иднината, искрено немам идеја што носи иднината, нели, хахах. Моментално работам како графички дизајер и илустратор во Fabricca и паралелно работам на лични проекти и истражувања веќе некое време (по малку и стагнираат, упс). Она што сакам и очекувам е ова темпо никогаш да не ми прекине, бидејки не можам да се замислам како работам нешто друго освен ова. Но, никогаш не се знае каде ќе ме одведе патот :).











______
Фотографија: Мартина Салова Чешновар
Асс. на фото.: Антонио Станков

Бисера Гиновска е студент по графички дизајн на ФОН. Времето го поминува во прашување и потпрашување, чкртка и запишува, и паѓа од точак додека за нови идеи размислува. Секој ден се менува и созрева, и сака околината да го прави истото заедно со неа.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ