• Немате производи во кошничката.
TOP

НА СКАЛИЧКИ СО ВАЛЕНТИН ДАНИЛОСКИ И ОЛИВЕРА МАТАКОВА


Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.


„3Д печатењето е технологија каде можат да се користат материјали кои се биокомпатибилни и биоразградливи, а при производството се создава минимален отпад” – вели Валентин. Денес на скалички седнуваме токму со него, Валентин Данилоски и Оливера Матакова кои се дел од тимот позади проектот FSmart. Зборуваме за нивниот проект и за технологијата која нуди бескрајно многу можности за продукција и на најкомплицираните идеи, без ограничување од аспект на бои, геометрија и флексибилност.


За FSmart…


Оливера: FSmart денес, е платформа за изработка на модни додатоци изработени со 3Д принт технологија. Уште повеќе, FSmart е простор за запознавање со можностите на 3Д технологијата за печатење, можностите за користење на паметни материјали и се надеваме простор каде млади дизајнери имаат можност на релативно економско исплатлив начин да ја реализираат својот дизајн или целата колекција.
Од денешна перспектива би рекла дека создавањето на FSmart беше неколку годишен процес. И тоа го мислам во насока дека беше потребно секој од членовите да работи индивидуално во неговото поле, за да ги донесе идеите и знаењето во FSmart.

Валентин: Кога почнавме да соработувавме, би рекол имавме (креативен) судир на идеи; а за тоа каков беше тој судир, би кажал само дека сме тим од инженери, правници кои работат во областа на индустриската сопственост и економисти (се смее).
Инженерскиот дел од тимот работеше подолг период на истражување на можностите за печатење со паметни материјали. Посебен предизвик за нас претставуваше вметнувањето на паметни сензори (wearable electronics) во испечатените модни додатоци.
Конечно во 2018 година, Фондот за иновации ја подржа нашата работа, по што започнавме со реализација на платформата и на дел од производите.


За “smart” размислувањето и пристапот…


Оливера: Мислам дека во рамките на нашиот проект се обидувавме да ја направиме токму таа разлика, дека не разговаравме за “smart’’ уреди, туку за паметен концепт кон пристап на креирање на производ. 
Тој концепт во рамките на нашата работа подразбира дека секој производ може да биде спој помеѓу (моден) дизајн и користење на модерна технологија и таквиот производ да биде специјално направен или прилагоден кон корисникот. 
Истиот тој производ е важно да биде направен одржлив. На тема што е одржливост, морам да кажам дека баш пред некој ден го прочитав текстот на вашиот дописник Тодор Стојанов, предизвиците на одржливата мода, каде многу убаво се објаснети предизвиците на одржливоста. 


За техниките на работа и љубопитноста…


Валентин: Спомнав дека тимот ни е баш мултидисциплинарен. Тоа е супер од аспект дека обично имаме избор на следен правец, следна колекција или следна соработка. Од аспект пак на техниките на работа, во областа која работиме има многу често нова технолошка иновација од индустријата. Печатачи кои овозможуваат сè подобро печатење, кое дава се поголема слобода да се изработи и најсложената геометриска фигура со сè подобар финиш. Исто, се зголемува изборот на материјалите. Пред некој ден разгледувавме нова колекција на материјали, дел од нив искрено многу ни требаат (се смее).

Оливера: Проектот кај мене разбуди огромна љубопитност за адитивното производство и можностите за 3Д печатење, иако сум дипломиран економист се запишав на магистерски студии по мехатроника и во рамките на мојата магистерска теза изработив 22 прототипови од облека и накит, со декоративна или функционална намена. Работев и 3Д печатење на текстил и морам да признаам дека супер испадна.


За минатото…


Валентин: Во моментот кога го почнавме FSmart многу од членовите на тимот имаа веќе искуство со заедничка работа. Јована Јованова и Кристина Крагујевска работеа со млади инженери на проект на кој се разработуваа концепти на креативно размислување, продукт дизајн, со модул за изучување на индустриска сопственост. Оливера работеше на истражување на мехатронички интегрирани системи, под менторство на Јована. Од тоа истражување произлезе прекрасна колекција на 3Д печатен накит.
Јас и Кристина соработувавме за отворањето на првиот Makers space кај нас.

Оливера: Кога не прашувате за интересна, сега веќе драга ситуација; пишувањето на апликацијата за проектот е секако исклучителна работа, која нас трпеше доста измени, во зависност кој член на тимот правеше проверка на текстот. На крајот, ја пративме многу кратко пред рокот, зошто имавме спротивставени ставови кој фонт да го користиме за текстот. (се смее)


За иднината…


Валентин: Во секој случај да продолжиме да ги приближуваме можностите на 3Д печатењето до поголем број на корисници и тоа не мора да се само дизајнери.
Поради тоа, радосни сме поради неодамнешната соработка со Школата за дизајн и уметност Џолев и Уметностите, каде студентите од Академијата за ентериер и продукт дизајн ќе имаат можност да работат на нова колекција во соработка со Fsmart.
Во фаза на тестирање на продуктите е и колекцијата на рамки за очила, дизајнирана од Апостол Тноковски, наш продукт дизајнер и еден од менторите на споменатата Академија. Очекуваме истата да биде достапна на нашата платформа во декември. 









______
Фотографија: Антонио Станков
Модел: Стефанија Василевска

Студент на Архитектонскиот факултет и алумни во Џолев и уметностите од Академијата за визуелни уметности. Меѓу другото денес е мултидисциплинарен креативец и графички дизајнер во „Игор Делов студио“ и главен и одговорен уреник во пишувачкот оддел на Скала.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ