• Немате производи во кошничката.

НА СКАЛИЧКИ СО САРА СИМОСКА



Еднаш неделно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност. 


Ако некогаш играте асоцијации во друштво и ти кажуваат, архитектка, амбициозна млада девојка, има студирано на „Политехнико ди Милано“, победник на конкурсот „ДОМ Русија“, повеќепати има работено на урбаните модуларни станици на MELEEM и пази сега, последниот проект и се полиците MOVABLE и сè уште не си погодил дека поимот за добра архитектура е Сара Симоска во тој случај прочитај го разговорот што го направивме на скалички и запознај се одблизу со нејзиниот последен проект – мобилните полици „MOVABLE“, коишто се одлично решение за луѓе што се движат и сакаат да ги движат и нештата околу нив!

 


За делoтo…



Првпат се преселив кога отидов да студирам во Италија на Универзитетот „Политехнико ди Милано“. Кога се вратив, неколкупати го селев студиото во коешто творам и така сфатив дека ми е потребен мебел што ќе биде лесен и подвижен. Фасцинирана сум од движењето, ми се допаѓа велосипедот како најсовршен дизајн. Дрвото го сакам заради мирисот, текстурата и различните и уникатни бои на секое исечено парче. Имајќи парче мебел од дрво, е исто како да носите памучна наместо синтетичка облека. Затоа внимавајте кога го бирате мебелот што ве опкружува многу саати од денот, а особено во овој период!

 


За процесот…



Со моите парчиња мебел, којшто самиот збор потекнува од mobile што значи подвижно, сакам да покажам и да докажам дека во Македонија може да се создаде квалитет. Старите македонски куќи се олицетворение на квалитет на највисоко ниво, како во архитектурата, така и во внатрешниот мебел во собите. Па така, сакам да создавам производи што ќе се произведуваат тука, а ќе се продаваат во целиот свет. Разговарав со повеќе мајстори и најдов навистина квалитетни луѓе. Верувам дека можеме да произведуваме висок квалитет, а за таа цел многу ќе помогнат магазини како вашиот и сум радосна што постои.

 


За љубопитноста… 



Архитектурата е поврзана и со музиката и со филмовите и со облеката што ја носиме и со обвивката на матката во којашто сме биле додека нè носела нашата мајка. Еден архитект треба да живее со архитектурата во секој момент од животот, да е подготвен да доживува простори, емоции, да мириса и да слуша. Мебелот, ентериерите и зградите се еден просторен резултат на еден куп емоции, мемории и доживувања што само авторот ги знае, а сите останати ги уживаат и се препознаваат себеси на едно потсвесно ниво.

 


За минатото…


Искуството кога победив на конкурсот „Temporary Living Space“ за реномираниот италијански бренд за мебел „Molteni&C Dada“, означи едно значајна епизода во мојот живот. Тој проект е состоен од подвижни полукружни паравани од дрво што го трансформираат просторот. Мојата фасцинација за елементи коишто се движат, започна токму таму. Исто така, проектот „Urban Modular“, којшто го изведовме со „МЕЛЕЕМ“ во Прилеп и Тетово, претставуваше одлично искуство во дизајнот и многу важно, процес на изведба на дизајн. Сакам да излезам надвор од тоа што го прават другите, ми доаѓаат некои различни идеи и им верувам на моите идеи. Само тие не ме лажат.



За иднината…


Всушност, јас имам во компјутер и многу други дизајни коишто сакам да ги изреализирам. „Movables“ беа портал за почеток на моите први производи дизајн. Нивниот успех ќе ги потегне и другите производи да излезат надвор од виртуелниот во реалниот свет. Сите производи се различни, повеќе се нешто што сакаш да го имаш во домот, отколку нешто што мораш да го имаш. Како и да е, ова патување ме раѓа одново и сум многу задоволна.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 



____
Фотографија на насловна: Антонио Станков
Фотографии од портфолио: Сара Симоска

 

Бисера Гиновска е студент по графички дизајн на ФОН. Времето го поминува во прашување и потпрашување, чкртка и запишува, и паѓа од точак додека за нови идеи размислува. Секој ден се менува и созрева, и сака околината да го прави истото заедно со неа.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ