• Немате производи во кошничката.

BEACH FILM FESTIVAL, ПРАВИ ДА СЕ ЧУВСТВУВАШ ЕДНАКОВ


РАЗГОВОР СО: НАТАША ПЕТРОВИЌ [Актерка, жири – Beach Film Festival]


10:01 мин. 


Пристигнав на договореното место, една минута подоцна од договореното време за разговор со Наташа Петровиќ. Таа веќе беше на место, со тефтери полни планови и активности: „Треба да снимам селф-тејп од соба за кастинг, треба да погледнам неколку филмови од фестивалот, состанок со жирито за дел од филмовите…“ – наброја дел од нејзината дневна агенда, па затоа,  морав да ја одредам временската рамка за нашиот разговор: „Значи имаме време за разговор и фотографија до 11:30?“ – се согласи. 

Кога започнав да размислувам за овој разговор, бев соочен со предизвикот за што да разговараме (?). За искуството на Наташа, потребни се повеќе тематски интервјуа, па затоа пречкртав сè во мојот тефтер и заклучив дека треба да се ограничам со прашања во контекст на фестивалот и барем малку да допреме до професијата и темите што ги засегаат младите актери и студенти по актерска игра. 


____
Наташа Петровиќ дипломира на Катедрата за драмски актери на Факултетот за драмски уметности во Скопје во 2011 година. За време на своите студии, во 2010 година, станува дел од основачкиот тим на „Театра“. Во моментов, работи во Театарот за деца и младинци во Скопје, а од 2016 година е дел од основачкиот тим на „Артопија“, Здружение за културни активности.

Beach Film Festival и филмските фестивали



ЏОЛЕВ: Колку е важно присуството на филмските фестивали за режисерите, актерите, филмските работници…?
ПЕТРОВИЌ: Не мислам дека е значајно само за луѓето од професијата да се присутни на филмските фестивали, многу поважна е обичната публика. Поради нив, правиме филмови. Целта на секој филмски фестивал е, филмовите без разлика дали станува збор за домашно производство, европски или светски филмови, е да ги доближи, пред сè до обичниот народ.
„Бич филм фестивал“ е фестивал на новиот европски филм, можност да им се понуди и привлече вниманието на публиката со поинаков пристап и тип на филм. 
ЏОЛЕВ: Претпоставувам дека ќе се согласиме дека токму овој неформален концепт е добредојден за новата публика. 
ПЕТРОВИЌ: Тоа е една од причините поради којашто се враќам на овој фестивал! Поради неформалноста којашто ја има фестивалот, каде што на сите им овозможува да се чувствуваат како да се најбитните луѓе на светот, а притоа без помпезни најави. Тука, се чувствувам слободно и пријатно да седам и изгледам филм, затоа што многу од големиве фестивали наведуваат униформираност преку протокол на однесување и следење на филмовите, што знае некогаш и да биде напорно. Прв од ваков тип фестивал ми беше во Задар, „Авантура филм фестивал“, којшто исто беше од понеформален карактер, притоа комплетно задржувајќи ја формата и програмата на високо ниво. Овој тип на фестивал те прави еднаков, како што сите сме овде еднакви, без разлика дали си дојден како обичен гледач или жири, те прави да се чувствуваш еднаков. 


ЏОЛЕВ: Ако можам да додадам личен впечаток, големите фестивали и покрај можноста да те прослават, прават да се чувствуваш мал, додека малите – голем. 
Се сеќавам на твоето присуство во Задар, тоа беше 2012 година. Во тоа време бевме цимери, па имавме можност понекогаш поминувајќи низ ходник или додека чекаме ред за варење шпагети да продискутираме и за филмската уметност, па така се сеќавам на многу твои искуства од филмските фестивали, меѓу кои и она во Задар, кога беше дел од стручното жири. Од што сè се состои едно жирирање?
ПЕТРОВИЌ: Тоа е стресно, не само поради количината на гледање на фимовите во мал временски период, туку и затоа што треба да ги оцениш. И воопшто не е едноставна работата, затоа што секој од членовите на жирито, вреднува различни работи за тоа што е добар филм. Клучната работа и предизвикот е да се најде заедничкиот став помеѓу сите членови од жирито и да одлучиме кој е критериумот по којшто ќе се вреднува филмот.
ЏОЛЕВ: Нели тоа може некогаш да наштети на одреден филм кога се бара компромис или сепак, не е тоа компромис, туку критериуми?
ПЕТРОВИЌ: Не е тоа компромис, критериум е. Покрај личниот впечаток за филмот, постојат параметри коишто се општо прифатени и коишто мора да се следат. Обично се прави длабока и темелна дискусија и анализа на секој филм поединечно, понекогаш се случува некој филм да го гледаме и повеќе пати, но понекогаш мора да има компромис, доколку имаме спротивставени мислења, иако досега не сум била сведок да треба да се „натегаме” кој филм треба да победи, секогаш сите сме биле на исто. Секогаш има креативна дискусија и добро е кога има, тоа е одговорност.


10:57 мин. 

____
Во својата кариера има играно во повеќе филмови меѓу кои: „Сенки“, „До балчак“, „Како да ме нема“, „Лазар“, „Еликсир“, „Соба со пијано“, „Сведок, „Ќе дојдат децата“ и „Тајни од минатото“. Во 2018/2019 година е дел од актерската екипа на ТВ-серијата „Премин“, германско-австриска копродукција.


ЏОЛЕВ: Колку се важни наградите за еден филмски режисер или актер?
ПЕТРОВИЌ: Зависи од режисерот, а зависи и од фестивалот. Од досегашново мое искуство имам сфатено дека доколку станува збор за млад фестивал каде што, да речеме, во конкуренција имаме филмови што се веќе светски пробиени, наградите на вакви млади фестивали на тие големи режисери, не им значат премногу. Повеќе им значат на младите, новите режисери коишто доаѓаат, затоа што секоја награда помага во некој вид на афирмација и промоција, не само на режисерот, на филмот, туку и на екипата којашто работела на самиот проект. Затоа е важна селекцијата на филмовите и категоризацијата во програмата. Не би било во ред, холивудски или глобално познати имиња, да се селектираат во категорија со нови лица, затоа што гледачите најчесто го фаворизираат тоа што им е веќе познато. Дури и ако е нешто лошо направено од некој познат режисер, знаеш да се повикаш на претходна негова добра сработена работа и преку тоа да го оправдаш лошиот резултат на новиот филм.
ЏОЛЕВ: Тоа значи дека фестивалот однапред треба да донесе некоја естетска тематска политика или одредена естетика или критериуми што ќе ги промовира на тој фестивал?!
ПЕТРОВИЌ: Баш така!


ЏОЛЕВ: Но, кој е твојот став за тоа што некои фестивали тврдо и експлицитно застануваат во промоција на одредени општеств,ени политики?
ПЕТРОВИЌ: Многу често, знаеме и ние како луѓе, но и на фестивалите, обидувајќи се да спречиме еден вид на дискриминација да поттикнеме друг вид на дискриминација. Помалите филмски фестивали не се склони кон таков вид на програмска политика и не само на женските теми коишто изминатите години ги отвори „Берлинскиот филмски фестивал“, сведоци сме и на оскарите каде што одредени структури ја актуелизираа темата за афро-американските актери, за веднаш потоа да се доделат оскари за најдобра машка и женска улога на афро-американци. Сметам дека тоа е тема над тоа што ние треба да го правиме. 


илустрација: Tea Jurisic


АКТЕРОТ И АКТЕРСТВОТО


ЏОЛЕВ: Најкритичниот период во професионалниот развој на еден актер е онаа транзиција помеѓу дипломирање и првиот проект или вработувањето. Дали се сеќаваш на твојата транзиција од студии до професионални активности?
ПЕТРОВИЌ: Сите ние се соочуваме со ова прашање, без разлика дали е тоа за време на студиите или подоцна, „што сега и како сега?“. Сите мечтаеме дека можностите ќе се појават сами од себе, а го забораваме фактот дека и нашите повозрасни колеги чекаат за иста можност како твојата. Тоа што мене ми помогна во тоа време, беа зборовите на мојот професор Владо Цветановски, кој уште на правиот час, неговите први зборови: „Доколку некој од вас мисли дека ќе заработи од оваа професија, ќе биде славен…, може слободно да си замине. Ова го правите да ја збогатите својата душа и поради лично задоволство пред сè…“ Исто така, бевме учени дека не ти е потребна институција да правиш театар или филм. За театар, единствено се потребни двајца. Затоа сметам,  дека тие негови зборови ме научија да работам надвор од институција и како да го одржувам духот. Но, се разбира дека кај сите нас порано или подоцна, се отвора и економското прашање дали јас ќе продолжам да работам или ќе мора „да ја продадам душата на ѓаволот“, што за жал често се случува да се одбере ова второто. 
ЏОЛЕВ: Како треба да дејствува еден млад актер? 
ПЕТРОВИЌ: Тоа е индивидуално, секој треба да го прави она што смета дека е добро за него, но не по секоја цена. Тешко е да се зборува за тоа како треба да живее, како треба да се развива или како да се промовира, затоа ми е полесно да зборувам за себе. Јас како актер, со секој нов проект се развивам. Ништо не значи да се запишеш на факултет и да го завршиш. Тоа е нешто на коешто пишува дека си дипломиран актер, но не значи дека си актер. Сè во животот е работа. Преку практична работа, добиваме нови знаења или осознавање кон самиот себе, затоа што ние работиме со самите себе, јас не работам со машини или алатки, мојата алатка е моето тело, мојот емотивен апарат. Славата и популарноста е нешто што доаѓа со премногу работа.  


11:14 мин. 

_____
Таа е добитничка на повеќе награди меѓу кои најистакнати се: наградата „Shooting Star“ како дел од програмата на „Берлинскиот филмски фестивал“, за најдобар млад актер во Европа (2011), наградата за најдобра споредна женска улога на „Мостарскиот филмски фестивал“ (2016), наградата за најдобра меѓународна актерка на „Меѓународниот филмски фестивал“ во Сиетл (2011) и наградата за најдобро актерско остварување на „Меѓународниот филмски фестивал End of Pier“ во Велика Британија (2011).

ЏОЛЕВ: Ова е прегенерален одговор, дали можеш попрактично… Колку е важно присуството на фестивали, колку е важно присуството на кастинзи, колку е важно да купиш ФИЛМ+ еднаш месечно…? Што беше клучно за твојот развој како актер?
ПЕТРОВИЌ: Присуството на филмски фестивали е многу важно не само за актерите, туку за сите кои се бават со филмската уметност. Не само поради тоа што ќе погледнеш нешто ексклузивно, туку и поради контактите коишто можеш да ги оствариш, вмрежувањето со присутните луѓе е многу важно. Добро е за актери, поради присуството на кастинг-директори, агенти, кои можат да видат што си сработил. На пример, јас сè уште сум во контакт со луѓето од првиот фестивал на којшто бев, и тоа не само со луѓето со кои бев во жири, туку генерално со филмските работници кои беа присутни на фестивалот… Тоа не е гаранција дека ќе ни донесе нова улога, но вмрежувањето е важно за нашата професија. 


ЏОЛЕВ: Кастинг?
ПЕТРОВИЌ: Неважно е дали си професионален актер или студент, присуството на секој кастинг е присуство во нова дата-база којашто може да ти донесе следен проект, без разлика на исходот од истиот, затоа што се покажало во пракса дека се случува. Кога веќе зборуваме за филмските фестивали, важно е истакнеме дека на големите филмски фестивали се случуваат и официјални кастинзи коишто се реализираат паралелно за времетраење на фестивалот, како што беше случајот со кастингот на Анџелина Џоли за време на „Сараево филм фестивал“, каде што Јеленче (Јелена Јованова) и други мои колеги од Босна, добија улоги во филмот. За жал, имам впечаток дека кај нас одење на кастинзи се доживува како понижување или доколку некој те повика на кастинг. Можеби се тргнува од тоа дека сите се познаваме и преку заклучокот „ако не ме познава до сега, нема што повеќе да му покажам на режисерот“… Сметам дека тоа е погрешно. Секоја аудиција е тест и за самиот себе, да видиш до каде си и што можеш да направиш во нови зададени околности на лице место, затоа што е поинаку да направиш селфтејп коишто го правиш самиот дома и го праќаш на меил, каде што можеш да направиш повеќе репетиции, за разлика од присуството на кастинг кога имаш само една шанса. Адреналинот прави да работиш поинстинктивно, а тоа често е подобро од колку самиот дома да се режираш или воопшто да не се појавиш. 

_____
Таа нескромно во разговорот спомена дека секој од нас има лична приказна и развој и тоа е така, но јас сепак би сакал да додадам дека Наташа е пример за тоа што и како треба да прави еден млад актер. Постојана работа на себе од физички и духовен аспект. Постојано присуство на филмските фестивали. Следење на домашни и европски аудиции и кастинзи. Внимателен избор на тоа каде, што и со кого ќе се работи… а кога веќе се работи, се вложува целиот ум и срце. Активно присуство на алтернативната сцена и поборник за подобри услови во институционалните проекти. Пред околу осум години, во заеднички неформален разговор ми сподели: „Нема да одам летово на одмор, ќе инвестирам во присуство на фестивали“. Таа правеше 12-месечни агенди, а авионските билети за Берлин ги купуваше неколку месеци пред фестивалот. Актери, колку од вас ова го прават?

Ти благодарам Наташа! 


11:31 мин. 

Поради мене започнавме една минута подоцна од предвиденото и завршивме една минута подоцна. Во филмската индустрија, оваа минута понекогаш скапо нè чини. 


_______
Фотографија и постпродукција на фото.: Антонио Станков
Дир. на фотографија: Дејан Џолев

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ