• Немате производи во кошничката.

FLIPBOOK FILM FESTIVAL // ФОТОГРАФСКИ ИМПРЕСИИ

 


Летна квечерина, опуштена атмосфера и одлична селекција на краткометражни анимирани филмови. Вака започна првото издание на „Flipbook Film Festival“ – фестивал на европски анимиран филм.

 


11.08.2020

 


Ден први

 

 

Со мини-изложба на цртежи од неколку домашни анимирани филмови, супер-кул организатори како и физичко растојание, официјалното отворање на фестивалот имаше чест да го направи анимираниот филм со македонско-австралиска продукција “Quarantine“. Убав почеток за фестивал прв од ваков карактер во нашата држава и филм којшто исто така ја освои титулата “Special Mention’’ во селекцијата за најдобар анимиран филм на фестивалот.



Самата организација на фестивалот беше поделена на три категории: главна селекција, категорија за најдобар студентски анимиран филм и најдобар документарен анимиран филм. Во периодот од 07.08 до 13.08 македонската публика имаше можност да ги гледа сите селектирани 87 филмови коишто се натпреваруваа, од кои осум македонски, како и европската панорама, категорија која беше изготвена само за онлајн преглед. Воедно, освен отвореното кино „Флипбук“ имаа организирано и неколку работилници коишто беа фокусирани на продукцијата на краткометражни и долгометражни анимирани филмови, карактер дизајн за истите и работилница за пишување.

 

 


13.08.2020

 


Ден трети

 

 

Втората вечер од фестивалот за жал не ни беше толку наклонета поради временските неприлики дел од проекциите беа откажани, а дел се поместија за преглед на последната вечер. Сепак, атмосферата беше позитивна, а публиката со нетрпение ја дочека најавата на победниците.

 


Во категоријата за најдобар документарен анимиран филм беше прогласен Carlotta’s Face” од Валентин Риедл и Фредерик Шулд, филм со уникатен уметнички израз и нарација исполнета со интимно сочувство за главниот лик. Special Mention титула пак, освои филмот “A Cat is Always Female” од Мартина Мештровиќ и Тања Вујасиновиќ, вешт и провокативен филм, кој фрла светло врз женската перспектива и нејзиното место во креативниот свет.

Категоријата за најдобар студентски анимиран филм не дочека со “The Kite” од Мартин Сматана како Special Mention, филм кој ја покажува стоп анимацијата во своето најдобро светло, а победник во оваа категорија беше прогласен филмот “Cockpera” на Ката Гугиќ, хумористична приказна со храбра цртачка техника и анимација.

На последната ноќ се додели и посебна награда, Online Audience Award, која беше доделена на филмот “Daughter” од Дариа Кашеева, кратка анимирана драма која има освоено број награди, и која беше номинирана за Оскар минатата година.

Во главната селекција пак, главна награда освои филмот “Sh_t Happens” на Микаела Михалји и Дејвид Штумф, филм со совршен спој на уникатна анимација и трагикомична наратива. Special Mention титулата во оваа категорија беше доделена на филмот “Quarantine” на 3-Block Studio, прекрасно хумористичен филм од македонско-аврстралиска продукција кој сликовито ја прикажува моменталната состојба во светот кога станува збор за пандемијата.

 

 



Highlights од интервјуто


 

Последната вечер успеавме да седнеме на кратка средба со Михаил Наумов, кој со негови зборови е една третина од 3-Block Studio и да помуабетиме малку околу самиот фестивал, неговите импресии и креативниот процес позади “Quarantine”. 

Михаил Наумов е креативец кој работи како аниматор, карактер дизајнер и арт директор и заедно со неговите колеги Љубомир Саздовски и Иван Андреевски го составуваат триото на 3-Block Studio. Вели дека најчести проекти на кои работат се дел од комерцијалната сфера и дека креирањето на “Quarantine” дошло како освежување. Поради наглата промена во светот на почетокот на годинава 3-Block немале многу проекти на кои можеле да се посветат, но Михаил вели дека сѐ уште биле загреани за работа, па таа енергија ја посветиле во проект кој многу му е драго што бил толку добро примен од страна на публиката.

 

Кажи нешто околу мисловниот процес позади целиот филм, дали тоа што бевте во карантин ви помогна или ви одмогна?
Бидејќи сите работиме од дома, а и многу денови ги поминуваме работејќи во пижами, не моравме многу да се преадаптираме баш поради тоа што принципот на работа ни остана скоро па и ист. Но, кога го гледаш светот како се менува околу тебе сигурно ти влијае и овој фактор беше огромна инспирација за нас, како што кажува насловот.
Идејата беше што покомично и повесело од наша страна да ја прикажеме целата оваа мака. Секој се нашол дома како пее под туш во нормално време, а сега сигурно пееш и во дневна.

 

Каков впечаток имаш добиено од фестивалот и од самата реакција на публиката кон Флипбук?
Па одлично. Го познавам Крсте од поодомана и знам дека е многу вреден човек и не очекував ништо помалку од ова, искрено. Стварно супер поминав и покрај тоа што е ваква комплицирана стуацијата и сите треба да се пазат, но од моја гледна точка се беше супер и покрај дождот вчера. Презадоволен сум и се надевам дека во идеални услови ќе биде многу подобро и ќе трае со години. Се надевам еден ден ќе го викаат најстариот фестивал за анимиран филм во Македонија.

 

Збор два конкретно за наградата што ја освои “Quarantine” денес и како тоа те направи да се чувствуваш како креативец?
Огромно неверојатно задоволство ни беше што учествувавме тука и што имавме можност да ја поддржиме аниматорската сцена, наградата е неверојатен поттик да продолжиме да го правиме тоа што го правиме. Многу добри филмови изгледавме што ме мотивираа да работиме многу повеќе во иднина.



______
Фотографија: Мартина Салова Чешновар, Долорес Соколова.

Јасна Николова е студентка по графички дизајн со голема страст за стрипот и илустрацијата. Секогаш жедна за добар разговор околу уметностите, животот, естетиката, страста. Во слободно време шарка во својот блок и шета низ скопските книжарници во потрага по одлична литература и креативен поттик.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ