• Немате производи во кошничката.

НЕ СЕ ПЛАШАМ ДА ГИ ОСТВАРАМ МОИТЕ УМЕТНИЧКИ ЗАМИСЛИ КОЛКУ И ДА ИЗГЛЕДААТ ЧУДНИ


РАЗГОВОР СО: ИРИНА КРСТЕВСКА [Фотографка, Beach Film Festival]


Кога тргнав од Скопје кон Охрид, постоеше план во мојот тефтер за разговорите што треба да ги реализираме во текот на фестивалот. Всушност, некои од интервјуата веќе беа во тек или пак, течеше редовна комуникација со лицата.

Единствен празен простор во тефтерот со идеи оставив за претставникот на младата генерација. Се препуштив на случајноста, едноставно знаев дека соговорникот ќе се роди спонтано за време на фестивалот, но претпоставував дека тоа ќе биде некој млад режисер или актер, сè додека не влегов во „дворот“ на фестивалот, и ја сретнав Ирина, официјалната фотографка [заедно со Ема Вељаноска] на Beach Film Festival.


Beach Film Festival



ЏОЛЕВ: Многу ме радува фактот што пред повеќе од пет години се запознавме во улоги на ментор по фотографија (јас) и ученик по фотографија (ти), а денес разговараме за фотографија во улоги, прашувач (јас) и автор, фотограф (ти). Дали може да направиме една ретроспектива на годините, што сè се случи помеѓу оној наш прв час, до денес, тука, на овој фестивал.
КРСТЕВСКА: Можам да кажам дека отсекогаш ме интересирала уметноста, без разлика дали тоа било музика, сликање или цртање. На почеток на средно училиште, ја открив фотографијата и фотографирањето и знаев дека тоа ќе биде мојот животен пат. Токму желбата да научам нешто повеќе за фотографијата и од уметнички и од технички аспект, ме доведе под твое менторство. Баш паметам дека на еден од твоите часови добив критика за една моја фотографија којашто искрено, многу ме научи за тоа дека на фотографирањето треба да гледам како на цела една наука, а во исто време ми покажа што всушност таа преставува за мене. Фотографијата стана мој начин на живот, мој начин на раскажување нечија приказна или прикажување емоција, дали моја или на некој друг или наједноставно кажано, мојот најлесен начин да се изразам, а да не користам зборови. Тоа беше и најголемиот поттик да се запишам на Катедрата по фотографија на ЕСРА или, по ново, ЕУРОПА ПРИМА, коишто ми донесоа огромно знаење, но и искуство, а коишто пак, ме доведоа токму до „Beach филм фестивал“. И сега тука, не можам, а да не ја споменам и воедно да ѝ кажам едно големо благодарам на мојата професорка Ана Опачич, која ме воведе во магијата на ова фестивалче.


____
Утрово околу 5 часот, Ирина ни сподели фотографии од фестивалот за потребите на нашата рубрика Фотографски импресии, за неколку часа подоцна, кратко по 8 часот наутро да ја фотографираме фотографијата за потребите на насловната од овој разговор… Веднаш потоа фестивалот е буден, Ирина е повторно на терен, од утро до мрак...


ЏОЛЕВ: Колку овој неколкудневен напор е сладок? Во што пред сè, е уживањето во овие луди термини и рокови, каде што постојано треба да си концетрирана, будна, присутна… Што за тебе претставува фестивалот и искуството од овој работен, професионален ангажман?
КРСТЕВСКА: „Beach Film Festival“ за мене не претставува само професионален ангажман. Бидејќи сум на фестивалот од неговото прво издание, тој за мене е дел од годината на којшто најмногу му се радувам и, верувал или не, сите други обврски ги усогласувам според периодот на неговото одржување. Нема да претерам ако кажам дека по фестивалот, почнаа сите други ангажмани и малку сум слаба на него 🙂
И како што некој паметен рекол, ништо не е тешко ако се сака. Токму затоа, колку и да имам обврски околу фестивалот овие денови, на нив не гледам како на нешто што ме изморува, напротив, мило ми е што сум дел од него и што ја имам можноста да ги фотографирам сите тие интересни ликови кои се појавуваат тука, а секако и нивните реакции на филмчињата што се прикажуваат на фестивалот.



илустрација: Tea Jurisic


ТВОЈАТА ГЕНЕРАЦИЈА

_____
Често ние „диносаурусите“ си земаме за право да ја критикуваме младата сцена. Онаа конструкција „во наше време“ е зачеток на секоја критичка размисла или компарација на нашата некогашна креативна младост и образование со актуелната. Но, за мене е поважно што мисли Ирина за нејзината генерација.


ЏОЛЕВ: Ти си претставник на младата генерација во оваа серија ревијални фестивалски интервјуа на „Скала“. Љубопитен сум за твојата генерација… За што би ја пофалила твојата генерација?
КРСТЕВСКА: Ти благодарам што во мене гледаш претставник на младите автори. Искрена да бидам, мислам дека во нашата генерација има многу млади автори кои несебично и успешно творат во рамките на уметноста и мило ми е за се поголемиот број на тие што сакаат да се претстават себеси преку уметноста. Во рамките на фотографијата гледам многу млади уметници што се занимаваат со аналогна фотографија, што посебно ме радува, бидејќи според мене аналогната фотографија има некоја посебност, те враќа назад во некое време и на некои стари приказни иако фотографиите се направени сега. Ова според мене е голема позитива за нашата генерација,  бидејќи покажува дека има уметници што навистина создаваат со многу труд и многу љубов.
ЏОЛЕВ: Веднаш да ја додадеме и критиката!
КРСТЕВСКА: Уф критика… па тргнувајќи од фактот дека баш и не сум некој што сака многу да критикува,  навистина не знам што би кажала. Сите ние како млади луѓе си имаме своја замисла за животот и начин на кој што сакаме истиот да го реализираме. Ајде од уметнички аспект би кажала само тоа дека имам впечаток дека нашата генерација како да функционира по еден воспоставен калап и се плаши да биде поразлична. Мислам дека треба малку повеќе храброст да се излезе надвор од комфорт зоната, а кога ќе излезеш, големи и прекрасни работи те чекаат. Мислам дека е добро да сакаш да покажеш нешто поразлично од другите. Лично јас, тргнувајќи баш од тоа мислење, одлучив да излезам од комфорт зоната со темата за мојата дипломска работа, која што баш беше во врска со различностите и која и покрај фактот дека не беше воопшто едноставна и лесна да се реализира, сепак донесе еден нов уметнички поглед на борбата со општествените норми на едни млади луѓе кои се физички поразлични од нас. Затоа  мојот совет за нашата генерација е дека не треба да се плашиме да ги оствариме своите уметнички замисли колку и да им изгледаат чудни на другите.

____  
Драга Ирина, ти благодарам. Овие неколку редови претставуваат вистинска мотивација, како од мој субјективен аспект, така верувам и од генерален кон читателите.

Драга публика, ве чекаме на фестивалот, на отворено, на дистанца, со постојана дезинфекција, со маски, со новиот филмски бран на плажа, на езеро... Погледнете ја целата програма.


_______
Дир. на фотографија: Дејан Џолев
Фотографија и постпродукција на фото.: Антонио Станков
Асс. на фотографија: Марија Јаќовска

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ