• Немате производи во кошничката.
TOP

Младите режисери треба да се натпреваруваат локално


„Младински филмски фестивал“ (МФФ) е фестивал на кратки филмови за автори до 24 години, во организација на двајца млади филмаџии. 


Филип Лафазановски, студент на „Еуропа Прима“, на Отсек -Филм и дигитални медиуми и активен фотограф, додека, Бојан Таневски е студент на Филолошкиот факултет-Скопје на Катедрата по општа и компаративна книжевност, активен филмаџија и музичар.

Со момците се запознав пред неколку години, кога започнаа со организација на најголемиот средношколски фестивал за култура во Македонија „Три дена култура“, во средното училиште „Никола Карев“. Ме поканија на разговор во рамките на фестивалот, а знаевме да се дружиме и неформално со кафе и филмски теми во „ходниците“ на Школата за дизајн и уметност „Џолев и уметностите“. Во меѓувреме, матурираа и се решија (како што велат) за СКАЛА погоре. 

________
________
________


ФИЛИП: МФФ е идеја што се собира повеќе години, претходните 2 го вметнавме во нашиот средношколски фестивал за уметност „Три дена култура“ во СУГС „Никола Карев“ – Скопје, по што кога завршивме средно, сфативме дека МФФ треба да продолжи како самостоен фестивал, а на „Три дена култура“ да се врати средношколскиот. Сега тие два се поврзани и МФФ му доаѓа како една СКАЛА погоре.
 


ЏОЛЕВ: Со што сè се соочивте во процесот на организација и од што сè се состоеше?

БОЈАН: Најпрво, откако го создадовме концептот, се појави прашањето на финансии и во овој поглед се обративме кај Град Скопје коjшто, за наша среќа, го прифати нашиот мал проект. Фестивалот оригинално сакавме да го одржиме некаде во март или април, но пандемијата си го направи своето и останавме без дефинирана прогноза за иднината. Така, со половина срце и немајќи избор, се одлучивме да го одржиме фестивалот онлајн, сè додека не ни се појави шанса да го одржиме во живо во дворот на Кинотека. Надворешното кино „ мирно лето“, послужи како одличен простор за нашиот фестивал којшто се најде, како секој друг елемент на нашето општество, во криза. Но, потоа дојде и прашањето за дизајн, за веб-страна, за флаери, постери, билети. 


ЏОЛЕВ: Беше потребна екипа…

БОЈАН: Ни помогнаа дизајнерот Бојан Матејин, чиво решение беше победничко на отворен конкурс во рамките на студентите од Академијата за визуелни уметности  и програмерот на нашата веб-страна Кристијан Нелковски кои прекрасно ја извршија работата во својот удел. Секако, фала им на Скопје Сити Мол коишто трета година по ред, ги спонзорираат нашите настани со принтање на постери. 

ФИЛИП: Од првата идеја до крајната, концептот го адаптиравме милион пати и дури во екот на пандемијата завршивме како концепт за онлајн фестивал, сè додека не дојде Слободан од „Бич Филм Фест“ и нè охрабри за Кинотека (фала). Откако добивме одобрение од Кинотека, имавме точно 3 недели до датумот.

______
Фестивалот се одржа во две фестивалски вечери на 28 и 29 август, во дворот на Кинотеката на Македонија, во киното „Мирно лето“. Беа прикажани 20 кратки филмови, распоредени во 3 програми: домашна програма, краткометражни играни филмови и краткометражни документарни. 
На фестивалот беа пристигнати повеќе од 1300 филмови за селекција. Фестивалот го отвори филмот „Ќе му се јавам на татко ти“ од Леон Ристов, додека, од домашните автори, своја премиера имаше и режисерката Ана Андонова со филмот „Малечка“




ЏОЛЕВ: Дали сте задоволни од пристигнатиот број на пријавени филмови, селекцијата, програмата и квалитетот на филмовите?

ФИЛИП: Ние имаме многу талентирани и вредни млади режисери и тоа е и една од причините зашто никогаш не се откажавме од идејата за МФФ. Програмата ја спремавме така што во фокус да бидат нашите домашни режисери, а потоа нивните врсници од странство. Како држава сè уште немаме создадено свој печат или бран на филмови/движење поради конфузноста на модерното време и слабата промоција кај нас внатре. Младите режисери треба да се натпреваруваат локално меѓу себе, а не секој посебно со светот. 

БОЈАН: Бројот на филмови коишто се пријавија беше навистина надвор од моите очекувања, секако ова беше единствено возможно преку платформата filmfreeway. Јас бев изненаден од тоа колку многу филмови се создаваат низ светот и колку многу млади уметници има со визија за филмскиот свет. Ни се пријавија филмови отсекаде, од Ирска до Индија, севкупно 1322 филма. Од странската селекција добивме еден поглед во другите делови од светот, коишто на крајот на денот се соочуваат со слични проблеми како и кај нас. Од домашната селекција се покажаа перспективни млади режисери кои имаат своја визија и се посветени на филмскиот занает и за кои, јас сум сигурен, ќе слушаме сè повеќе и повеќе во идните години. Воглавно, сметам дека во селекцијата се покажаа најквалитетните дела.


ЏОЛЕВ: Претпоставувам имавте многу позитивни очекувања, но што позитивно се случи што не го очекувавте?

ФИЛИП: Да. Очекувањата ни беа во рамки на реалноста, бидејќи концептот беше преработен повеќе од доволно пати и точно знаевме што и како ќе биде. Од убави моменти, ќе ги издвоиме отворањето со „Ќе му се јавам на татко ти“ на Леон Ристов, којшто неколку недели пред МФФ имаше премиера на „Сараево Филм Фестивал“, премиерата на „Малечка“ од Ана Андонова, Q&A- со Ана, Батухан и Сергеј во коешто и самите спомнаа дека ретко добиваат ваква шанса и промоција како млади автори. Исто така, за нас беше многу важно, освен млади автори во програмата, да има и млада публика на фестивалот, со што единствено така може да се создаде здрава културна средина и критичка мисла. Од неочекувани позитивни случувања, ќе го издвоиме концертот на „Хајка“ на затворањето и предобрата атмосфера. Фала. 

ЏОЛЕВ: Бојан…

БОЈАН: Да, навистина задоволни. Како што вели и Филип, нашите очекувања беа во рамките на реалноста. Кога пуштивме резервации за МФФ јас не очекував да се пополни „салата“, но на крајот се распродадоа сите билети и тогаш бев навистина изненаден. На првиот ден на фестивалот нè фати малце трема, дали сè ќе помине како што треба, дали преводите на филмовите се точно наместени, дали ќе биде добра атмосферата, дали добро ќе изгледа, дали ќе се појават младите, итн.? Но потоа, сè помина како што треба. Кога заврши фестивалот, јас се чувствував сосема задоволен и сметам дека се одржа еден навистина интересен и скромен фестивал којшто ја изврши својата задача, да ги спои младите во уметноста, одлично. 


_______

Филип и Бојан. Замислете во секоја генерација да има повеќе „Филип“ и „Бојан“ и замислете да ги има во сите сектори на образованието и општеството. Само замислете!
Честитки момци, оставате трага и пример. Знам дека вашиот приоритет за организација на фестивалот е пред сè, од социјален карактер, маалски кажано, да се собереме со цел да си зборуваме за филм, но тоа што го правите е многу повеќе и од што можете да замислите! 

______
Фотографија: Антонио Станков
Асс. на фото: Мартина Салова Чешновар

Главен и одговорен уредник на Скала магазин. Филмски режисер и визуелен уметник со јавно самостојно, групно и фестивалско претставување на филмски, театарски, фотографски, дизајнерски и пишани дела. Наградуван и пофалуван дома и во странство. Последно јавно претставување, самостојна фотографска изложба “Тркалезни форми” во Галерија Прима Центар во Берлин, Германија. Основач и ко-сопственик на Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ