АПЛИЦИРАЈ ЗА СТИПЕНДИЈА

повикот е отворен до 1 октомври
  • Немате производи во кошничката.
TOP

Белешки за една [фотографска] авантура


НАМЕСТО ВОВЕД


Не знам зошто прифатив да пишувам колумни за Скала Магазин. Дејан Џолев ме покани да бидам „месечен колумнист за фотографските работи“. Тој не ја доврши реченицата, а јас прифатив. Сега сум на мака. Не дека не сакам, туку се мислам за што да пишувам. Фотографијата, иако релативно млада (180 години), е планетарен феномен. За помалку од два века таа се роди, порасна, стана зрела, некои сметаат дека веќе е сенилна, но таа како да доживува нова младост. Размислувајќи за ова, во моментов низ глава ми се вртат многу видени фотографии, многу направени фотографии, прочитани книги за фотографијата, посетени изложби за фотографија. Многу директни и лични искуства врзани за фотографијата. Многу пријателства со колеги фотографи. Едноставно, многу размислувања и живеење со феноменот – фотографија…

Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, како што пишува во промотивниот материјал. Значи, читателите, главно се млади. Кога јас почнав да се дружам со фотографијата, можеби тогаш се родиле нивните родители! Сакам да кажам дека тука има еден куп теми и материјал за многу колумни. Тоа не е проблем. Проблем, поточно, предизвик е што да одберам и за што да пишувам, а тоа да биде интересно, информативно и полезно за читателите. Фотографиите се исечоци од стварноста што се наоѓа пред објективот. Тие не ја прикажуваат целата и објективна слика на сето она што нè опкружува. Напротив, тие на гледачот му нудат еден субјективен поглед на реалноста. Реалноста, онаква како што ја гледа фотографот. Затоа решив и моиве размислувања да ви ги сервирам така, како парченца од моите искуства, размисли и доживувања врзани со феноменот – фотографија. Јас ви ги нудам делчињата, а вие составете ја таа сложувалка како што ви одговара! Па, ајде да тргнеме во една возбудлива авантура.


ДВЕ ФОТОГРАФИИ


Иако уште во основно училиште одев во фото-секција, фотографијата е моја љубов од 1975 година, кога учев во гимназија. Тогаш немав фотоапарат. Од еден пријател позајмив фотоапарат „Смена 8“ и ја снимив мојата прва фотографија. Тоа беше портрет од баба ми Ротка. Во една импровизирана лабораторија направив фотографија со димензии 6х9цм и ја тонирав во сепиа. 

 

1978 год.

 

 


Иако фотографијата е технички ужасно лоша, таа ми е многу драга. Чинот на фотографирање и изработката на фотографиите во лабораторија беше магичен. Дефинитивно се „заразив“ со вирусот –  фотографија! Во 1978 година, кога се запишав на факултет, го купив мојот прв фотоапарат. Не знаев скоро ништо за фотографијата. Тогаш немаше интернет, немаше книги за фотографија. Тогаш ја открив американската библиотека наспроти тогашно „Беко“ во Скопје. Наместо на факултет, деновите ги минував таму, „голтајќи“ ги книгите и списанијата за  фотографија. Тоа беше мојот факултет за фотографија. Скришум се надевав дека и јас еден ден ќе правам фотографии како фотографите од агенцијата „Магнум“. Секојдневно фотографирав и во почетокот моите фотографии не беа ни приближно така добри како оние од книгите во американската библиотека. Оттогаш поминаа преку 40 години. И еве сега, една од моите најнови фотографии. Портрет од мојот син Мане од април 2020 година.  

 

 

2020 год.

 


Сите мои размисли за фотографијата, за коишто сакам да ви раскажувам, се  сместени меѓу овие две фотографии. Онаа од 1975 и оваа од 2020 година.


ФРЕНК ЗАПА, ФОТОГРАФИЈАТА И ЕДНО РАЗМИСЛУВАЊЕ


– Сè е ралативно, рекол Алберт Ајнштајн. 

– Исто така и фотографијата, велам јас. Еве една фотографија што според многу „критериуми“ е лоша фотографија. Фотографиран е екранот од мониторот на којшто е прикажана некоја фотографија. Притоа, тоа е направено небрежно, без да се води сметка за експозицијата, острината, изрезот… Згора на тоа, таму каде што е напишана пораката „Животот е прекраток за да слушаме грда музика“, е направен грозно лош „доџинг“.

 


Но, од друга страна, фотографијата, (мислам дека) има други квалитети. Наизглед небрежната постапка крие по малку „искосен“ поглед на тоа како треба да изгледа добра фотографија. И што е тоа, добра фотографија? И кој е тој што ги определува критериумите за добро и лошо? Фотографијата, како и животот, не може секогаш да се стави во калап. Мислам дека фотографијава е спонтана, животна, лична… Ах, да, лична! Содржината пред формата! Содржината, (барем за фотографот) зборува многу. Фотографијата е израз на неговите интереси, размисли, преокупации во моментот на снимањето, на крајот на краиштата. Фотографијата зборува многу повеќе за фотографот,  отколку за тоа што е прикажано на  фотографијата. А тоа, за некој фото-археолог од иднината и не е така мала работа. Можеби во некој апстракт од некој конгрес од иднината за фото-архелошките истражувања ќе пишува: „Некој си Д. Неделчевски, веројатно фотограф, во далечната 2010 година направил фотографија (од екран на некаков стар монитор), од одамна заборавен музичар (некој си Френк Запа) и еден женски лик (според името и нашите сознанија се претпоставува дека таа пеела во неговиот бенд во далечната 1976 година). На фотографот, веројатно многу му значел овој необичен музичар, штом ја направил оваа фотографија“.

Се прашувам, дали некогаш размислуваме какви сè приказни и ситуации можат да се изродат од нашите притискања на тоа волшебно копче на фотоапаратот, збогатувајќи ја историјата на организираниот хаос?! Патем, оставаме и трага за нашето минливо (но сепак возбудливо) постоење. На некој начин, како да сме креатори на сегашноста и иднината заробувајќи го минатото!


ИДНИНАТА НА ФОТОГРАФИЈАТА


Каде оди фотографијата? Не знам зошто една активност што во голема мера е илузија, е важно во кој правец ќе се развива? Морам да кажам дека, сепак, често размислувам за ова. И затоа решив да напишам неколку зборови на оваа тема: „Каде оди фотографијата?“ Веднаш да расчистиме, ова е мое лично размислување и не треба да се зема здраво за готово. Јас не сум теоретичар на фотографијата! Јас сум обичен фотограф! Размислувам како да почнам. Дали со моите великоумни, квазифутуролошки размислувања дека фотографијата граби со големи чекори напред и дека многу скоро ќе дојде времето кога фотографските камери ќе бидат инплантирани во нашите очи, а просторот за складирање на милионите фотографии направени со секое трепкање на окото ќе се складираат во мемориските картички под нашата кожа?!  За ова, види повеќе! Дали секоја вечер пред легнување ќе ги прегледуваме фотографиите снимени преку ден и со чудење ќе откриеме дека преку 90% од снимените фотографии се дигитално ѓубре…?!

Или, пак, текстот да го почнам со размислувањата на  М.Г. Зиглер (M.G. Siegler), за фантастичните промени што се случуваат во светот на комуникациите,  социјалните мрежи, технологијата, а сето тоа низ призмата на фотографијата. Во неговата колумна од 2012 година „Ако пенкалото го победи мечот, фото-камерата го победи пенкалото“, тој зборува за феноменот дека зборовите сè повеќе остануваат во втор план, а фотографијата, како нов визуелен јазик, го презема приматот. Во време на динамичен живот, постојана трка по пари, работа, инстант доживувања и консумација и не е чудно што фотографијата што се консумира лесно и „безболно“, го потиснува текстот. Но, инфлацијата на инстаграм-слики на сеприсутната мрежа не е мојата тема за оваа колумна (тоа го оставам за другпат).

Па, што ќе се случува, или поточно, што мислам јас дека ќе се случува со фотографијата? Технологијата одамна граби со големи чекори напред и таа ја „демократизираше“ фотографијата. Денес сите имаме еден или повеќе фотоапарати, од коишто оној во мобилниот телефон секогаш е со нас, а тој го менува начинот на создавање и трошење на „сликите“. Во досегашната историја на фотографијата се случиле неколку револуционерни промени, така што и оваа промена е една во низата. Само е поголема и остава поголеми последици. Милионите фотографии што секојдневно се снимаат и објавуваат на мрежата и тоните дигитално ѓубре, веќе нè гушат. „Фантастичните“ пејзажи, ха-де-ер-и, волпејпери, девојки кои прават „селфиња“ со смартфони во тоалетите, лошо изработените фото-монтажи на „имиџите“ кои секојдневно ги затрупуваат друштвените мрежи… се нешта на коишто мораме да сметаме и во иднина. Иако фотографијата не го исклучува хуморот, беневолентното занимавање со оваа активност, правење слики во од, во различни пригоди и за различни намени (за мене тоа е во ред), ќе продолжи и понатаму. Јас, сепак од фотографијата во иднина очекувам нешто друго. Очекувам да видам фотографии од кои блика живот, фотографии со приказна, работа на подолгорочни фотографски проекти. Сакам да видам (и самиот да правам), мали и големи социолошки, но и естетски фотографски студии, како оваа. Сакам фотографијата да поставува прашања, да провоцира. Да изнаоѓа нови агли (технички и философски), на гледање на сé она што не опкружува. Сакам да ги покажам моите и да гледам други фотографии, не е важно дали се принтови или дигитални, дали се книги со фотографии или документарни видеа за фотографијата. Сакам да гледам фотографии снимени и направени од фотографи кои прават возбудливи фотографски проекти. Веќе е дојдено времето на мешање на медиумите (фотографија, текст, видео, звук…), и ако на тој начин и фотографијата доаѓа повеќе до израз, тоа е во ред, види: Марио Циприано (Mario Cipriano).

Од друга страна, пак, мислам дека ќе се стеснуваат можностите за фотографирање. Авторските права, правата на приватност, компликуваната процедура да се добијат дозволи и права за фотографирање и објавување на фотографиите, сè повеќе ќе го стеснува просторот за оваа „занимација“ наречена фотографија. Уличната (Street) фотографија или ќе се работи герилски или тоа ќе биде бледа копија на она што го знаеме како добра улична фотографија. Некаде во светот, галериските, фајн-арт фотографии ќе се продаваат по астрономски цени, а кај нас занимањето фотограф (или „сликар“) можеби сè уште ќе има пејоративно значење и оваа професија ќе се смета за несериозна, а истовремено да се „бавиш“ со фотографија ќе биде in. Конечно и кај нас свадбарските фотографи сè повеќе ќе бидат „Wedding Photographers”…


Ах, да. Last, but not least, фотографијата и во иднина ќе биде win-win процес. За разлика од политиката и турбо-фолк културата (две гнасни нешта што ни го уништуваат животот), сепак, се надевам дека илузијата од почетокот на овој текст, фотографијата, ќе биде таа што ќе нè одржи во живот и добро расположение (барем нас, фотографите).

Активен и плоден фотограф повеќе од 40 години. Автор е на неколку самостојни изложби, претставени дома и надвор. Дел е од основачите на фото група „Чкрап!“ и креативната заедница Creative Exchange. Автор е на неколку монографии, како и ко-автор на првата книга за македонски фотографи „12 македонски фотограф[к]и“. Неговото богато искуство го споделува со студентите по фотографија во Џолев и уметностите, но денес и во Скала!

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ