• Немате производи во кошничката.

Кој сум јас?

НЕОБЈАВЕНИ МОНОЛОЗИ КОИ БИЛЕ ДЕЛ ОД ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЦЕС НА ТЕАТАРСКИОТ ПЕРФОРМАНС „АКТЕР-ЧОВЕК“ ОД РЕЖИСЕРКАТА ТЕА БЕГОВСКА.


Размисли за миговите кога сме самите во себе.


Кој сум јас? Што сум јас? Сам, самиот со себе сум. Тој сум јас. Станувам од кревет набрзина. Не се ни погледнувам како изгледам и излегувам, истрчувам од врата. Се возам во лифтот и ми се чини вечност возењето. А не чувствувам ни дека се возам, телото како да ми лебди? Кој сум јас?! Се втурнувам надвор од вратата, се пуштам во бескрајот. Ќе одам и само ќе одам. Тоа ќе го правам, ќе одам. Одам брзо, брзо, како некој да ме брка. Како некој да ми дише во врат. Јас одам, одам право. Остар воздух, не го ни чувствувам. Цигара фрлена на земја. Човек во костум со чанта, сигурно брза некаде. И тој се прашува кој е? Одам. Што бев? Бев еден човек, па се претворив во друг, излегов од себе, се видов од страна и повторно се вратив на ЈАС. А кој сум јас? Ми се тресе левата рака, само левата, ја чувствувам, не можам да го сопрам тресењето. Жена со бебе, ми пречи плачењето, крикот ми пречи. Бегам. Поминувам улица. Дете, се смее, ме гледа, го гледам, не допира ни тоа до мене. КОЈ СУМ ЈАС!!? Одам, го забрзувам чекорот. Девојка со тажен лик. Еј, ме заболе што другите се тажни! И јас сум тажен. Ќе одам, одам, одам, ОДАМ! Ги ставам рацете в џеб, се концентрирам на тресењето на левата рака, само тоа го чувствувам, се концентрирам да го сопрам. Не сопира, не! Почнува да врне, нека врне и така не знам кој сум јас. Секоја капка ја чувствувам на мене, почнува да ме нервира, ама ако, јас одам, одам. Торбите на една баба ѝ паднаа, не може да ги крене, не можам да ѝ помогнам. Не. Премногу сум зaфатен со себе. Морам да си одговорам на прашањето кој сум јас? Слушам сирена од брза помош. Си правам цел филм, кој е внатре, зошто е внатре? Ја слушам сирената цело време, ми удира во слепоочниците. Не! Не! Не! Кој сум јааааас!!!! Смири се, значи смири се! Почни да дишеш пизда ти матер!


Почни да дишеш! Си заборавил да дишеш! Оди и само оди, оди право пред себе и диши. Куче се раширило на сред улица, не мрда. Убаво му е. Ужива, сигурно му е поубаво од мене во моментот. Барем знае кој е? Знае дека е куче. Кој сум јас? Што сум јас? Почнувам да движам уште позабрзано, од мојата десна страна чувствувам дека некој ми се приближува, се вртам, нема никој. Во твојата глава е тоа. Не си прави филмови. Оди, оди! Има ли некој да ми каже нешто? Има ли некој да ми каже кој сум јас? Тишина, одеднаш ги снемува сите звуци што ги слушам. Почнувам да се плашам од тишината. А на улица сум. Не е можно толку да е тишина. Не е можно никој и ништо да не слушам. И тресењето на левата рака веќе го нема. Сирената не ја слушам. Глув сум, не слушам, јас едноставно ништо не слушам. Ми се препотија рацете в џеб, ќе ги извадам. Ги вадам дланките, ги гледам, мирен сум, смирен сум. Еј биди реален, реален биди! Што ти е? Не може да не слушаш ништо, ништо ама баш ништо. Ме фаќа паника, брзо се враќам назад, се враќам дома. Кој сум, што сум, ми станува небитно. Не слушам! Мртва тишина. Тоа ми е битно. Зошто ништо не слушам? Се качувам во лифт, повторно истата ситуација, се возам вечно, но не го слушам лифтот. Влегувам дома. Четири ѕида и јас. Влегувам и почнувам да слушам сè. Одеднаш милион звуци во мојата глава. Бура од звуци! Одам под туш, ладна вода, се смирува сè, се смирува секој звук полека, останува само вода… Останува водата, останувам јас. Слушај се себе си, си велам, себе слушај се. Кој сум јас? Кој сум јас? КОЈ СУМ ЈАС?!



ПРЕМИЕРА 22 декември 2018
БРОЈ НА ИЗВЕДБИ +40

НАГРАДИ
Најдобар перформанс во Словенија, Постојна;
Награда на НЕТА на ФКТ “Ристо Шишков” – Награда за истражување на актерското мајсторство;
Награда на Томе Станковски за најдобар актер на Prishtina International Theater Festival.

АКТЕРИ
Томе Станковски
Даријан Петров
Теа Беговска

АВТОР И РЕЖИЈА Теа Беговска
АВТОР НА МУЗИКА Енес Беговс
к
и

_
Текстот е извадок од приватна архива на авторот и не смее да биде споделуван, умножуван или на било каков начин користен без писмена дозвола на авторот.

______
Фотографија на насловна: Виктор Стојков
Концепт фотографија: Антонио Станков

Tea e месечен колумнист за театарските теми, со посебен акцент на истражувачките процеси. Теа го отклучи интимното шкафче преполно скици, остварени и неостварени идеи, истражувања од најразличен тип. Материја која најчесто останува недостапна за публиката.Таа е Театарски режисер, вработена во Драмски Театар Скопје. Неуморен и плоден автор на независната театарска сцена. Нејзините претстави активно се играат надвор од институцијата Театар, трагајќи по нови форми и можности. Со нејзините дела е чест гостин на театарските фестивали дома и во регионот.Сигурно ќе ја препознаете од ТВ емисијата „Културо“, но и како ментор на програма „Филмски актер“ во школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ