• Немате производи во кошничката.

ЗДИВ

НЕОБЈАВЕНИ МОНОЛОЗИ КОИ БИЛЕ ДЕЛ ОД ИСТРАЖУВАЧКИ ПРОЦЕС НА ТЕАТАРСКИОТ ПЕРФОРМАНС „АКТЕР-ЧОВЕК“ ОД РЕЖИСЕРКАТА ТЕА БЕГОВСКА.


Размисли за миговите кога сме самите во себе.


Кога сум до тебе, чувствувам и страв и уживање во исто време. Не знам како да ти опишам, но се плашам од тебе, а плашејќи се уживам како никогаш до сега. Страв ми е дека ќе ми ја откорнеш раката. Страв ми е дека ќе ми откорнеш парче месо од деловите каде што е најмеко. И во тој страв имам само едно чувство. Чисто чувство. Уживање. Ме гледаш и те гледам директно во очи и во тоа гледање чувствувам некакво соблазнување, некаков страв и ужас поврзан со среќа. Не знам ни што зборувам во моментот, но знам дека чувствувам. Те чувствувам тебе, се чувствувам и себе. Во еден миг, помислувам дека можеш да ме задавиш, да ме фатиш за вратот и полека да ме давиш и во тоа давење ти се предавам целосно. Почнува да ми трне левата нога и левата рака, почнува да ми се тресе телото, треперам… и не можам да исконтролирам ниту еден дел од телото… игнорирам, се предавам целосно. Помислувам – нема да ме задави, нема, нема шанси, а натаму оди, ме дави… готово ќе ме задави. А во тоа давење – уживање. Не можам да сфатам како? Зошто? Продолжува да ме дави. Не! Не! Не! Ги трга рацете, ме гледа директно во очи со некаква неопислива страст, не можам да сфатам дали е страст, дали е закана?! Дали ќе ме задави, дали сега ќе умрам?! Дали вака ќе умрам?



Не сакам вака да умрам. Не! Не го изговарај тој збор! Немој ни да го помислиш тој збор! Дали си луда? Луда ли си? Целосно се препуштам. Нека биде што биде. Што сака нека биде. Нека! Нека… И немој да ме гледаш така! Те молам немој да ме гледаш така. Патетична си. Престани! Ги трга рацете од мојот врат, ми врти грб… толку. Толку? Целото ова давење-уживање беше – толку? И лежам така, сама, а не сум сама… до мене си, те чувствувам. Здивот ти го чувствувам. Те слушам како дишеш. Дишеш спокојно. А јас се преправам дека ми е мирно дишењето, си го полготнувам секој здив. Не можам на раат да се издишам, само за да не помислиш дека можеби мислам нешто, дека можеби не сум добро, дека можеби нешто размислувам или пак можеби сакам нешто да ти кажам. Не можам веќе да голтам здив по здив. Не можам! Станувам и одам во тоалетот, си го мијам лицето. Дишам како луда. Дишам како да не сум видела дишење. И малку ми е. Дишам уште повеќе и уште побрзо, да го издишам секој голтнат здив. Си го гледам вратот, црвен ми е, жар, мислиш крв ќе потече. Го мијам и вратот. Не! Колку повеќе го мијам, толку повеќе  станува црвен. Се враќам во спалната, те гледам, очите ми светат… не знам дали го забележуваш тоа? Дали забележуваш дека ми светат очите?! Стани! Веднаш стани! Оди си! Набрзина си ги собра работите и си замина. А јас? Јас почнав да се прашувам – Дали имаше некој? Дали навистина имаше некој? И дали тоа давење воопшто постои. Го гледам креветот – празен е. Проверувам уште еднаш. Да, празен е. Сама сум. Нема никој. Станувам, одам до тоалет да проверам дали вратот ми е црвен, се гледам во огледалото – вратот е нормален, нема никакви траги. Се вратив на почеток, се вратив на самиот почеток… кога сум до тебе, чувствувам и страв и уживање во исто време.



ПРЕМИЕРА 22 декември 2018
БРОЈ НА ИЗВЕДБИ +40

НАГРАДИ
Најдобар перформанс во Словенија, Постојна;
Награда на НЕТА на ФКТ “Ристо Шишков” – Награда за истражување на актерското мајсторство;
Награда на Томе Станковски за најдобар актер на Prishtina International Theater Festival.

АКТЕРИ
Томе Станковски
Даријан Петров
Теа Беговска

АВТОР И РЕЖИЈА Теа Беговска
АВТОР НА МУЗИКА Енес Беговс
к
и

_
Текстот е извадок од приватна архива на авторот и не смее да биде споделуван, умножуван или на било каков начин користен без писмена дозвола на авторот.

______
Фотографија на насловна: Виктор Стојков
Фото есеј [вклучен во текстот]:
Идеен концепт: Мартина Салова Чешновар
Фотографија: Антонио Станков
Асс. Мартина Салова Чешновар
Постпродукција: Антонио Станков

Tea e месечен колумнист за театарските теми, со посебен акцент на истражувачките процеси. Теа го отклучи интимното шкафче преполно скици, остварени и неостварени идеи, истражувања од најразличен тип. Материја која најчесто останува недостапна за публиката.Таа е Театарски режисер, вработена во Драмски Театар Скопје. Неуморен и плоден автор на независната театарска сцена. Нејзините претстави активно се играат надвор од институцијата Театар, трагајќи по нови форми и можности. Со нејзините дела е чест гостин на театарските фестивали дома и во регионот.Сигурно ќе ја препознаете од ТВ емисијата „Културо“, но и како ментор на програма „Филмски актер“ во школата за дизајн и уметност Џолев и уметностите.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ