• Немате производи во кошничката.
Ана В'чкова Скала магазин

НА СКАЛИЧКИ СО АНА В’ЧКОВА


Еднаш месечно „на скалички“ го разгледуваме последниот проект во портфолиото на локален млад артист или студент по дизајн и уметност.


ПРОЕКТ: Кога женско се раѓа и стреите плачат
МЕДИУМ: Комбинирана техника

Ана В’чкова дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на Отсекот сликарство, во моментот е студент на Академијата за визуелни уметности при Школата за дизајн и уметност „Skala School“ [поранешно Џолев и уметностите].  Нејзините „масла“ се постојани на нашите Скала-изложби, но на скалички ни донесе фотографии, односно нѐ изненади со комбинација од фотографија и масло. Покрај експериментирањето, Ана, искреноста како особина се стреми да ја вклучи во нејзиното творештно, како и во секојдневието. Добра особина е искреноста, зарем не?


За слободата во nude-фотографијата…


Природна состојба на човековото тело е да биде голо. Телото е поврзано со човековата интима, додека душевните траги коишто се одразуваат врз физичката обвивка на личноста, се материјален доказ за едно постоење. Само по себе тоа не е перверзно, туку е посебно, специфично и природно. Најискрена и најинтимна фотографија според мене е токму nude-фотографијата, затоа што преку неа субјектот е целосно соголен, незаштитен и кревок – квалитети со коишто ретко се етикетираме во секојдневниот живот. Nude-фотографијата е исполнета со експресија, било видлива или тивка. Дава беспрекорна оддишка на интимност преку којашто восприемачите на делото развиваат сочувство со коешто може до одреден степен да се идентификуваат. Задача на секое дело е да влијае врз перцепциите и да поттикне некаков дијалог.  



За делото…


Во центарот на делото е женскиот субјект облечен во народна носија заедно со екстериерот на старата традиционална куќа и елементите во неа. Носијата не припаѓа на конкретна традиција, туку е во функција на традиционална симболика, со цел создавање генерална слика за македонската жена. Насловот на концептот „Кога женско се раѓа и стреите плачат“ е македонска поговорка којашто е олицетворение за мизогинијата којашто владеела на овие простори и е директна критика на општествената нормативност. Субјектот е млада жена, претставничка на пораснатите девојчиња од поговорката, додека куќата како објект е симболична замена за маскираниот патријархат којшто е во состојба на оплакување поради женското раѓање и женскиот глас. Видлив е контрастот на куќата којашто е во состојба на распаѓање и женското тело коешто е здраво и спремно за револуција. Апликативната боја игра улога на текстура и ги истакнува елементите од дводимензионалната површина, насочувајќи го фокусот кон протагонистката во просторот.  


За процесот и медиумот…


Процесот започна со концептуализација, наоѓање на простор и костимографија, како и повеќе обиди да се дојде до конечните фотографии. Еден мошне исцрпувачки, но истовремено и забавен процес, затоа што при секој обид се добива идеја како може кретивниот чин да се подобри. Фотографијата е современ медиум којшто функционира преку т.н. манипулација, односно вмешување и поместување на перцепцијата кај гледачот. Целта на уметничката фотографија е без „влакна на јазикот“ и без срам да се прикаже објектот од најреални, брутални, експресивни претстави сѐ до тотално извитоперени состојби, во зависност од замислата на авторот и кој кадар ќе одбере да го „фати“. Затоа сум вљубена во фотографијата, бидејќи можам да го изразам моето внатрешно чувство за естетика преку само еден чкрапнувачки миг. 

За Скала изложбите…


Се запишав на Академијата со цел да научам повеќе и да се пронајдам во дигиталниот свет. Скала- изложбите можеби се најпродуктивното нешто на моменталната културна сцена. Тие се еден конструктивен простор за млади уметници којшто дава шанса младите да се искажат и да бидат чуени од другата страна. Исполнети се со дружба, запознавања и разменување впечатоци и ставови. Ми беше драго што учествував и се надевам дека во иднина ќе има уште вакви прекрасни изложби како и други слични проекти.  

За иднината…


Се запознав со еден нов медиум – фотографијата и моментално главниот фокус ми лежи во тоа да „впијам“ што е можно повеќе знаења по однос на темите што ги изучуваме на Академијата. Креативното размислување е полесно кога постојат повеќе технички опции за изведба на дело во просторот на различни медиуми. Така, природно ми доаѓа идејата за творечкиот чин интермедијално да ја произнесам во некоја друга форма и различен медиум. Таков е примерот со моите обиди да го хибридизирам сликарскиот и фотографскиот чин. Во главата имам виулица идеи коишто треба да си го пронајдат патот до својата реализација, бидејќи нема ништо попрекрасно од чувството кога создаваш уметничко дело коешто го чувстуваш како дел од себе, а истовремено како дел од целиот свет.

























OТВОРЕН ПОВИК
РУБРИКА: // НА СКАЛИЧКИ СО

ПРИЈАВИ СЕ ТУКА


Текстот е превземен од вториот печатен број на Скала магазин. 
Купи онлајн! [тука]
_____
Пишува и разговара: Марија Пејоска
Фотографија [насловна]: Дејан Џолев



Скала Магазин е прва студентска платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, поврзување на студентите и независните артисти со организациите и компаниите, како и следење и поддржување на културните настани и сцена.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ