• Немате производи во кошничката.
Жена што носи шапки е слободна жена, разговор со Мирјана Јосифовска | Skala Magazine

ЖЕНА ШТО НОСИ ШАПКИ Е СЛОБОДНА ЖЕНА



РАЗГОВОР СО: Мирјана Јосифоска [модна дизајнерка]
РАЗГОВАРА: Aна Голејшка Џикова


Мирјана Јосифоска е алумни студентка на Академијата за моден дизајн при Школата за дизајн и уметност „Скала“ [поранешно „Џолев и уметностите“] и првата на нашата модна сцена што како дизајнер создаде бренд на женски шапки. Инспирирана од нежноста на полињата лаванда, каква што е и самата таа, одмерена и прецизна во креирањето, решивме да поразговараме со неа околу нејзината работа. 

Нејзината колекција „Lavender fields“ публиката можеше да ја види на овогодинешниот Fashion Weekend Skopje, како дел од презентациите на студентите од Академијата. Со оглед на тоа дека сакам и носам шапки цел живот, разговорот со Мирјана ми дојде како нежен потсетник дека одамна не сум си купила шешир. А ги имам дома, еден куп. Од баба ми, од мајка ми, купени од пазар, порачани од шеширџија...


Ја начекував во воз, во авион… Насекаде патувајќи : )

Ми кажа дека може да ги пишува одговорите на интервјуто и додека патува. И јас си замислив. Воз. Бели шапки, жени од минатиот век. Писмо и хартија. Или интернет и експресно стигнување од точка А до точка Б. Од студентка на Академијата, до дизајнерка која изложува шапки низ европските модни сцени.


ГОЛЕЈШКА: Како си Мирјана?
ЈОСИФОСКА: Здраво Ана, добро сум. Моментално на патна релација Албанија–Италија.

ГОЛЕЈШКА: На што работиш во моментов?
ЈОСИФОСКА: Периодов работам на дизајнирање и производство на нова колекција на облека и модни додатоци, со акцент повторно на шапки.

ГОЛЕЈШКА: Како отпочна идејата за шапки, воопшто дизајнирање на еден ваков специфичен, а сепак интересен детаљ од целосниот изглед на една жена?
ЈОСИФОСКА: Уште како мала носев и сакав шапки. Веројатно моето прво сеќавање за шапките е кога баба ми ми дозволуваше да „чепкам“ низ нејзиниот плакар и да ги пробувам нејзините шапки. За мојата прва дебитантска колекција, аутфитите ги надополнив со шапки. Нивниот процес на изработка ми беше многу интересен и затоа се одлучив да се фокусирам на нив во иднина.


За полињата лаванда…

Креативноста нема граници за младата дизајнерка која успешно ги спојува агрикултурата и модата. Да. Лаванда. Што помислувате кога ќе кажете лаванда? Мирис. Спокој. Релаксираност. Можеби онаква ќесичка за во плакар, против молци. Нам молци ни го „изедоа“ разговорот – имено, кога праќав мејлови до неа, излезе дека еден воопшто не се ни испратил! Се ловевме, се пишуваме до последно. И ете.
Конечно, интервјуто добива мирис. Инспирацијата на Мирјана е очигледна.

ГОЛЕЈШКА: Боите се нежни, пастелни, и инспирирани од лавандата. Можеш да ни раскажеш малку повеќе околу идејата, зошто токму лаванда, и зошто токму тие бои?
ЈОСИФОСКА: Оваа пролет прочитав за полиња со лаванда кои се наоѓаат на висорамнината Витачево – Тиквешко, на надморска височина од 800-1000 метри. Овие полиња секоја година ги одгледуваат Цветанка Колева и нејзиниот сопруг. И така започна инспирацијата и изработката на колекцијата. Поради тоа што инспирацијата беа полињата, главната нијанса во колекцијата беа лавандата и светло сината боја. За брзо време стапивме во контакт со Колеви кои со големо гостопримство и љубоезност нѐ прошетаа низ нивните полиња и ни дозволија да сликаме едиторијални фотографии. Инспирирана од македонската агрикултура, но и како бренд кој се стреми да работи со материјали од природно потекло, сите шапки и модни додатоци се изработени од 100% лен, свила, памук и вискоза. Колекцијата се состои освен од шапки, исто така и свилени стегачи за коса и марами. Карактеристично е што шапките и свилените стегачи се инспирирани, дизајнирани и именувани по познати женски ликови.

Тотално би сакала да има шапка со мое име : )


ГОЛЕЈШКА: Со оглед дека дизајнерската работа е доста динамична и бара влог и многу време, како се одлучи да го правиш токму ова? Дали постои пазар кај нас за овој тип шапки, дали се бараат вакви продукти?
ЈОСИФОСКА: Откако се заинтересирав за дизајнирање и изработка на шапки, направив истражување на пазарот и дознав дека има голема побарувачка и пазар, а не постои македонски бренд за овие додатоци. Поради тоа, може да се каже дека Мирјана Јосифоска е првиот македонски бренд на дизајнерски шапки.

ГОЛЕЈШКА: Од Академијата за моден дизајн – до сопствена колекција. Кога ќе направиш споредба на онаа Мирјана од почетоците, и онаа сега, што забележуваш? Како „растеше“ низ создавањето?
ЈОСИФОСКА: Кога ќе направам споредба од онаа Мирјана на Академијата и оваа Мирјана сега, можам да кажам дека сум многу посмела и похрабра. Сфатив дека во модната индустрија занаетот се учи со работа, а не само со теорија. Друга работа која што ја научив е трпението и задоволството што го нуди процесот, а не само финалната цел.


Жена што носи шапки е слободна жена

[мојот омилен цитат]

Слободата да се носи шапка е и истовремено и став, пренесување порака. Кога помислувам на жени што носат шапки, секогаш мислам на свеченост и истовремено на излегување од таа рамка. Нешто што кај Мирјана во дизајнот навистина е забележливо. Иако боите се нежни, шапките се прецизни.

ГОЛЕЈШКА: Шапките се тренди, а сепак вечен концепт во модата. Од кралски до екстравагантни, овие „чувари на женската глава“ бараат навистина смелост и елеганција при носењето. Каква е според тебе дефиницијата (со свои зборови) на онаа жена што сака и носи шапки?
ЈОСИФОСКА: Според мене, таа жена е слободна жена. Ослободена од социјалните норми и предрасуди, носи она што сака да носи затоа што се чувствува слободно, убаво и удобно во шапките и облеката која ја носи.

ГОЛЕЈШКА: Омилен материјал за работа ти е… И зошто?
ЈОСИФОСКА: 100% македонска рунска волна! Поради составот, текстурата на материјалот, регулацијата на студ и топлина (терморегулатор), како и структурата и цврстината која може да се постигне со овој материјал.

ГОЛЕЈШКА: На што следно се фокусираш да работиш, и дали има нешто ново што можеш да ни најавиш?
ЈОСИФОСКА: Моментално работам на зимска колекција на облека и модни додатоци – со акцент повторнп на шапки, инспирирана од боите во македонското народно творештво.

Шапки. Каква слобода и екстраваганција во едно. Носат самодоверба кога ги носите. Така некако ги доживеав и креациите на Мирјана. А и таа ми го потврди тоа во муабетот. Дека жена со шапка е слободна жена. Баш во период кога јас се „ослободувам“ од себе, од старата форма, и се трансформирам преку моите песни.

Едвај чекаме, Мирјана!


КОЛЕКЦИЈА: Lavender fields
Мирјана Јосифоска

КУПИ ШАПКА ОНЛАЈН



_______
Фотографија / Концепт и обработка [насловна]:  Дејан Џолев
Сет асистент: 
Андријана Антова + Давид Пројковски + Стефани Караџоска + Ана В’чкова
Пост-продукциски асистент: 
Антонио Станков
Техничка логистика: 
Ангела Николовска + Бојана Стоилковска + Крсто Златков


Пишувам и пеам. А помеѓу, живеам.

ПОВЕЌЕ ОД АВТОРОТ